За авторот на текстови Огнен Неделковски се знае речиси се’. Зад него се 1100 изведени за фолк , поп и детска песна. Од нив излегувале хитови и евергрини. На прсти можат да се набројат или издвојат пеачите кои не пееле негови стихови.
Во рубриката незаборавни можат да се „натрупаат“ десеттина приказни одеднаш, бидејќи кариерата на Огнен како автор на текстови е доволно долга и успешна.
Огнен по професија е драматург и за тоа сигурно не му е тешко во секоја песна да создаде „филм“ – приказна секоја песна да има дух и емоции и тоа да не се само зборови кои лесно секој ќе може да ги отпее, напротив.
Неговата музичка приказна издвоена за „Публицитет.мк “ е сврзана со создавањето на песната „Муза“. Негов е текстот,инспириран од неговата вечна муза , сопругата Соња,а музиката е на ненадминатиот Тоше Проески, пее Мартин Вучиќ. Откако ќе ја слушнете, подолу прочитајте ја и приказната – како „Муза“ остана спомен од минатото и влезе во историјата на музиката.
Зима. 2003 година. Белград. Сава центар. Мартин Вучиќ настапуваше со мој текст на „Беовизија“. Песната се викаше „Ти простувам сé“ (или на српски „Опраштам ти све“). Седевме во бекстејџот и чекавме да почне фестивалот.
Јас, тогаш уште се занесував дека ќе успеам да направам кариера како текстописец во Србија. Во тоа време, веќе ги имав освоено сите можни награди во Македонија и посакував да направм еден чекор понатаму. Се разбира, никој не ме познаваше во бекстејџот на Беовизија и веќе почна да ми биде крајно здодевно. Не бев навикнат на такво игнорирање. Во еден момент, настана џагор меѓу изведувачите, новинарите и особено меѓу фоторепортерите. Се појави Тој. Голем, моќен, насмеан. Тоше Проески.
Се разбира, во целиот тој хаос, прво ме забележа мене. Дојде, ме прегрна, се поздравивме. Блескаа безброј блицеви. Наеднаш станав интересен за сите во бекстејџот. Нејсе, седнавме на една маса. Јас, Тоше и Мартин. Тоше допатува за ревијално да ја отпее „Чија си“. Пиевме сок и муабетевме. Наеднаш, Мартин му рече: „Тоше, те молам дај ми една песна. Спремам албум. Би сакал една балада од тебе…“ Тоше се замисли и му рече: „Немам…“ Јас веднаш се сетив дека постои една песна, која по завршувањето на неговиот договорот со Авалон, остана неснимена. Му реков: „Тоше, а што мислиш да му ја дадеме „Муза“?! „Да, – се насмевна тој – би можеле…“ И така, по неколку месеци, Мартин ја сними „Муза“.
Првата мелодија на Тоше, отпеана од друг пејач. Со мој текст. Се разбира, „Муза“ е посветена на мојата инспирација Соња, која ја извајав во песна, за да биде вечна и за да ги теши сите вљубени… Со неа ги делев и ги делам сите мои радости и таги. А таа ќе остане долго, долго… Ќе ја допре вечноста. Зашто, авторите се раѓаат и заминуваат, а делата и музите се вечни…
ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ, автор на стихови
Публицитет.мк