Некои испитувања во последниве години јасно покажуваат поголемо присуство на кариес кај децата чии мајки пушеле за време на бременоста или кај бебиња кои се изложени на чад од цигари. Ова особено се однесува на честата појава на потешки форми на кариес кај бебињата (кариес во раното детство и кружни кариозни шуплини на забите).
Пасивното пушење е обично поврзано со чести респираторни проблеми кај децата, а тоа подоцна може да доведе до развој на сериозни форми на кардиоваскуларни заболувања, алергии и други болести. Пушењето за време на бременоста може да доведе до предвремено породување но и раѓање на бебиња со помала родилна тежина. Токму тоа нарушување на бременоста, забавениот раст и предвременото раѓање може да бидат објаснување за тешките форми на забен кариес кај малите деца. Сите овие причини водат до пореметувања во развојот на емајлот на забот (забната глеѓ). Тој е со лош квалитет во градбата, има лоша микроструктура и слаба минерализација, што понекогаш се манифестира со видливи оштетувања од видот на промена на бојата и градбата на емајлот. Таквата градба на емајл со понизок квалитет е причина за развој на кариес на забите. Во ваков случај доволни се бактерии и мали количини јагленихидрати со цел да се развие агресивна форма на кариес.
Компонентите на чадот од цигарите може да дејствуваат и на лачењето на плунка но и на имунолошкиот систем. Малите деца доколку постојано се изложени на чад од цигари имаат поголем ризик за развој на болести на забите и во подоцнежние години односно кога ќе им изникнат трајните заби. Пасивното пушење исто така влијае и врз развојот на емајлот на трајните заби.
Пасивно или активно, пушењето е директно поврзано и со развојот на болести на непцата и се смета за еден од најважните ризик фактори за развој и побрзо напредување на пародонталната болест кај пациентите.
Децата чии мајки пушеле или се постојано изложени на чад од тутун во текот на бременоста, или кои се во првите месеци од животот, исто така, се изложени на пасивно пушење и треба да се сметаат за исклучително ризична група за развој на кариес во раното детство. Затоа треба веднаш да бидат вклучени во подобрени превентивни програми.
За повеќе информации и совети во врска со оралното здравје, обратете се во Стоматолошката ординација „Д-р Сашо Стоев“-Охрид или закажете преглед на 070/307- 262 или 070/452-100
Пишува
Д-р Кристина С. Алоска
ПЗУ „Д-р Сашо Стоев“-Охрид
Публицитет.мк