Петар Маркоски, детето со виолината, детето од хорот во гимназија и првата своја група и М2 „Потрага по ѕвезда“ веднаш потоа почна да го оставрува својот сон – стана поп пеач , започна соло кариера.
Го има и навидум го нема,ама тука е. Ги сака домашните и странски евергрини и со своите 25 години стои цврсто на земја – се гледа од одговорите на нашите прашања од кои зрачи младоста и енергичноста со желба за уште поголема креативност и градење на своја, кариера.
И да не ви откриваме се’ оставаме да го прочитате интервјуто дадено за нашиот портал „Публицвитет.мк “ како потсетување и за хуманитарниот концерт кој во организација на Црвен крст ќе се одржи деновиве во Центарот за култура,а на кој неизоставно ќе настапи и Петар Маркоски.
Кога ќе се свртиш назад како ти изгледа , сега твојот почеток во музиката?
Музиката стана дел од мојот живот на мои 7 години, кога за прв пат бев запишан во основното музичко училиште „Методи Патче“, Охрид, инструмент – виолина. Секојдневно растев со ноти кои произлегуваа од класичната музика, па се до нашата македонска забавна и народна музика, секако и англиските хитови со кои растевме. Музиката едноставно навлегува во вашиот живот и станува ваше секојдневие.
Во текот на моето изучување виолина се здобив со 5 награди на државно ниво во категорија соло, дует и трио виолина, но никогаш не размислував да започнам со кариера пеење, затоа што бев многу срамежливо дете.
Но по завршување на основното музичко училиште и запишување во средно образование односно Гимазијата Св”Климент Охридски” Охрид, уште во првата година се најдов во група-бенд формирана од повеќе мои другари, група со која го освоивме првото место на школскиот натпревар за најдобра композиција.
Започнавме со настапи низ Охридските локали, а паралелно започна и моето патешествие како вокалист, член во школскиот хор на гимназијата Св. Климент Охридски, Охрид. Патувавме и настапувавме низ повеќе држави како Холандија, Хрватска, Бугарија, и се здобивме со бројни награди и признанија.Следуваше настапот на „Охрид – фест“ со “Stuck On” тоа беше името на бендот со песната „Барам утеха“. Тогаш го освоивме второто место од публиката.
Во 2010 година официјално започнав со градење на мојата кариера, со повторно учество на фестивалот „Охрид-фест Охридски Трубадури“, ја изведив мојата прва песна “Со тебе” на која како комплетен композитор се потпишува веќе доста познатиот, докажан и наградуван продуцент и режисер, мој најдобар пријател Даниел Јовески, со кого го изработивме и мојот прв видео запис за истата песна.
2011 година – учествував во шоуто М2 – Потрага по ѕвезда, и официјално мојот втор сингл “Паднати Херои” на која како автори се потпишуваат легендарните ликови во музиката Дарко Димитров и Огнен Неделковски.
Потоа во наредните две години следува многубројни преработки (кавери) на странски хитови како “Just the way you are” – Bruno Mars, “Sunday Morning” – Maroon 5, “Lazy Song” – “Bruno Mars”,
Во 2014 година се појјави мојот трет сингл и втор видео запис за песната “Еден живот” на која јас се потпишувам како комплетен автор во соработка со Даниел Јовески.
Така , како што замислуваше или се’ тргна и се движи поинаку?
Никогаш во животот работите не се одвиваат онака како што сакаме ние, едноставно кога се движиме по патот се соочуваме со многу препреки кои понекогаш ќе го изменат правецот, но силната желба и љубов не враќаат и наоѓаат решение за се’.
Како го одбираш кругот на соработници, музиката , текстовите , спотовите?
Има многу луѓе кои веќе се докажани во својата работа, и лесно може да им се верува со доверба, но едноставно кога се работи на композиија ги бираш луѓето кои можат најблиску да се доближат до твојата идеа, да се сочувствуваат и да ја преточат во песна.
Сепак нотите во песните и зборовите во текстовите произлегуваат од нас, од нашата душа, тие се искрен продукт на нашите емоции.
Колку песни имаш зад себе?
Три официјални синглови “Еден живот”, “Паднати Херои” и “Со тебе”, два видео записи и шест преработки на странски хитови како:
“Just the way you are” – Bruno Mars, “Sunday Morning” – Maroon 5, “Apologize” – One Republic и други.
Кога не пееш . што е твоја преокупација?
Дефинитвно музиката е моја целодневна преукупација, затоа што ако не пеам времето креативно го користам свирејќи гитара, можеби компонирање нова песна или текст, и секако потсетување на нотите од класичната музика заедно со мојата виолина.
Дел од слободното време поточно еден час во денот го користам за спортски активности, тренирање фитнес како и фудбал кој повеќе ми претставува дружба со пријателите.
Во кои музички води се препознаваш, што би сакал да пееш во иднина ? Ти лежат и евергрините.
Дефинитивно обожувам да ги пеам евергрините, песните на нашите големи македонски имиња како Славе Димитров, Драган Мијалкоски и секако безвременските хитови на светските имиња како Франк Синатра, Дин Мартин, Елвис Пресли и многу други.
Евергрините станаа дел од моите два новогодишни настани, кој како лични изработени проекти на хартија со својата уникатност и квалитет придонесоа во збогатување на ноќниот живот не само во Охрид туку и останатите градови во Република Македонија.
2013 година Предновогодишен концерт насловен како “Враќање во минатото”
2014 година Предновогодишен концерт наречен “Let it snow” кој се одржа во Центарот за култура “Григор Прличев” Охрид.
Животот во музиката ми започна преку нотите на класичната музика, со виолината во рака. Потоа следуваа средношколските денови со класичната рок музика, па се до започнување на мојата кариера во поп музиката.
Кога ќе разгледам зад зебе јас сум човек кој сака да експериментира, сепак музиката ни го нуди тоа, нема поставена граница нема правила, има само многу емоции и задоволни лица во публиката.
Имаш ли свои идоли во музиката?
Секој музичар има по некој од кого зел пример и ги поставувал темелите на својата музика. Значи константно како човечки суштества ние сите се надградуваме и учиме од некого.
Има доста музичари од кои сум земал пример за едноставни работи од тоа како треба да се изгледа на сцена, како треба да се пее, како треба да се однесуваме со публика и ред други работи кои не’ прават комплетни во тоа што го работиме.
Сепак да напоменеме имање идол и преземање одредени нивни карактеристики и користење на истите не не’ прави подобри, едноставно не прави бледи копии на оригиналот. Идеата, креативноста, чистата емоција и љубовта не прават она што сме во животот и ја заокружуваат нашата карактеристика.
Пеењето ќе ти е хоби,страст, професија или?
Убаво е кога некој музичар може да се пофали дека музиката станала негов професионален живот. Музиката е една од најценетите уметности во светот која како таква е почитувана професија. Но условите, времете и местото диктираат се.
Јас сум дипломиран економист а паралелно и заљубен уметник, неможам да кажам што ќе се случува во иднина со мојата кариера, живот, професија, но знам дека музиката е дел од мојот живот веќе 18 години а сепак имам само 25 години. Би сакал секогаш да остане во моето срце затоа што непостои ништо друго на светот што може да ве расположе, да ве однесе во некој свет каде што само вие помислувате, свет на искрени чувства преточени низ мелодија, и назад во суровата реалност.
Публицитет.мк