Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вчера гo прими македонскиот маратонски пливач Томи Стефановски по повод освоеното прво место во „Гран При” серијата на маратони на отворени води, што го организира Меѓународната пливачка федерација ФИНА.
Томи Стефаноски на 20 август победи на 30 јубилеен Охридски пливачки маратон и во голем стил ја завршува својата пливачка кариера.
По средбата со претседателот Иванов, Стефановски, рече: – Средбата со претседателот Иванов за мене претставува огромна чест, бидејќи се вреднува мојот труд кој го градам веќе 35-40 години. Ветувам дека ќе останам во овој спорт и ќе ги пренесувам моите искуства на помладите и на генерациите што доаѓаат, за сите тие, на следните Охридски маратони и другите пливачки натпревари, да ја претставуваат нашата држава колку што е можно подостојно, истакна нашиот маратонски пливач.
Томи Стефановски постигна историски успех во македонското маратонско пливање, со што ги исполни и критериумите за добивање на признанието спортист од светска категорија.
Годинава, најстариот пливач во „Гран При“ серијата на ФИНА, Стефановски, со своите достигнувања во долгогодишната кариера влезе во „Куќата на славните на меѓународното маратонско пливање“ и ќе присуствува на овој значаен спортски настан што ќе се одржи на 4-ти ноември во Лос Анџелес.
Публицитет.мк