
Денеска во 65 година од животот, тивко како и што живееше и покрај локалната слава што со години ја уживаше како музичар и истовремено и пејач не напушти Симон Костовски.
Тој од раните седумдесетти беше дел од охридската естрада која жареше и палеше крај брегот на Езерото. Немаше хотел или одморалиште во кое Симон не беше стапнал со својата гитара. Долги години беше во друштво со уште неколкумина музичари: Ружди, Цветко Стојкоски, Борис Гаврилоски обединети во групата АПОЛОНИ. Подоцна со Илија Булоски, Љупчо Карајлиевски, Ристо Петрески беа дел од ансамблот на Виолета Томовска и Кочо Петровски во хотелот Метропол. Музиката , другарството, кумството и љубовта кон песната ги врзува Симон Костовски и Петар Нечовски.
Во средината на деведесеттите Симон и Илија Булоски настапуваа како двојка по охридските локали а и соработуваа на музичко – авторски план кога Симон стана малку поамбициозен и реши како солист да остави трага на македонската музичка сцена.

Се’ почна со легендарната „Беше музика се’ и ред други потпишани од авторскиот тим Татјана Дурнева – текст, Илија Булоски, музика и често задолжен за аранжманите, како и Дамир Имери аранжер.
Првото појавување на фестивалската сцена со „Моника“ од Ванчо Димитров и Огнен Неделкоски на Симон преку „Охридски трубадури“ – „Охрид фест“ му се отворија вратите за настапи по медиумите и фестивалите.
Од тоа време е и дружбата на Милчо Јованоски потписникот на овие редови ( и автор на над десеттина песни) со Симон Костовски. Се редеа песни, фестивали и интервјуа. Заеднички песни кои и денес со задоволство се слушаат.
Ќе останат запаметени: „Разделба“ „Солзи на плочникот“ , „Немир’ „Бисера, Бисеру мој“, „Ноќта прва“, „Не е сон“ , „Сакам да знаеш“, „Ти самовило“, „Пушти ме ноќва“, „Дали знаеш“… „Охридски трубадури“ , „Евро фест“ … издавање на ЦД и касета. Километри минати во промоции и ТВ емисии. На екипата и се придружува и композиторот и аранжер Јовица Каралиевски.

Песните и спотовите се вртеа на МТВ, ТВМ , НТВ беа хитови на Радио Охрид и на Втората програма на Радио Скопје. за Симон пишуваше и во „Екран“ и „Вечер“ неговото име и песни ги имаше и во крстозбор.
Ех, времиња. Симе ќе те паметам по твојот оптимизам, емотивност и истовремено смисла за хумор, бескрајните муабети и дружби по охридските кафулиња, создавањето нови песни…
За жал времињата беа такви ретко се фотографиравме, мислевме има време. Фотографии малку, од она што го најдов се обивките од твоите касети, и дружбата од еден „Охрид фест“ на Долни Сарај.

Ти, верувам замина на некое подобро место – пеј таму. Отпеј ги песните кои ти лежеа на срце !
Збогум Симе!
Почивај во мир пријателе. Секогаш ќе те имам во мисливе.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк






