Точно на полноќ почна изборната кампања за Локалните избори чиј прв круг е закажан за 17 октомври.
На овие локални избори право на глас имаат 1.824.864 граѓани. Според единствениот избирачки список во Охрид запишани се вкупно 52.477 гласачи објави Државната изборна комисија. Во Охрид ќе се гласа на 88 избирачки места.
Во трката за градоначалник ќе се борат 301 кандидат. Од нив 26 се жени. Најмногу кандидати за градоначалници има во Скопје 12. Државната изборна комисија пак, потврди 567 листите за советници.
Ова се втори избори што се одржуваат под посебни протоколи за заштита од коронавирусот. Денеска изборниот карван на СДСМ тргнува од Битола, ВМРО-ДПМНЕ традиционално од Охрид, ДУИ од Гостивар, Алијанса на Албанците/Алтернатива како и Беса кампањата ќе ја започнат од Скопје.
Вчера кандидатите за градоначалници на Општина Охрид: Кирил Пецаков од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Обнова за Македонија, Константин Георгиески од СДСМ и Коалицијата Најдоброто за мојата општина и Гоце Цветкоски од ТМРО, потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.
Изборната кампања ќе трае 20 дена, што значи дека завршува на 15 октомври на полноќ.На овие локални избори за првпат ќе се употребат терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет со цел да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. Вториот круг треба да се одржи на 31 октомври годинава.
Публицитет.мк