Во сабота на 19 септември во рамките на Меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола премиерно ќе биде прикажан документарно – играниот филм „Последниот Македонец – Патот до истребување” во режија на Илија Пиперкоски од Охрид.
Филмот, како што беше речено на почетокот од неговото снимање е мотивиран од 100 годишнината од Букурешкиот догвор и најмногу се снимаше на локации во и околу Битола. Тој според зборовите на режисерот Пиперкоски треба да даде или да провоцира повеќе одговори.
Зошто Македонија во перидот пред Букурешкиот договор, но и помеѓу Балканските војни не можеше да создаде сојузници кои ќе ја поддржат независноста? Зошто не постоела цврста Организација која наместо меѓусебни препукувања, интриги, убиства и атентати ќе го кренела духот на народот кој бил поделен под влијание на Бугарската Егзархиј , Грчката Православна Црква, а подоцна и Српската? Зошто братоубиството заради сојузништво со Бугарите, Србите или Грците е правило, а не реткост во Македонија ?
Постои ли воопшто некој кој е Македонец од Македонија?
„Ние водиме борба против врховистите, за тоа што сакаат да ја потчинат организацијата, да ја стават во служба на бугарскиот двор. Тоа се луѓе кои дале заклетва пред Бугарскиот дворец и Бугарската држава и како такви не се ништо повеќе од обични слуги.” – ќе рече актерот Рубенс Муратовски во улогата на Јане Сандански.
Покрај Муратовски во филмот играат и Славиша Кајевски, Игор Стојчевски, Иван Јерчиќ, Ѓорѓи Јолевски, Петар Горко, Валентина Грамосли, Сашко Коцев и други.
Продуцент на филмот е Снежана Лупевска – Созен од „Тринити плус“
Филмот финансиски е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија и Министерството за култура, а поддршка обезбеди и од Општина Битола и од Преспанско-пелагониската епархија
Публицитет.мк /М.Јованоски