Книгата раскази „Потоци. Стапки“ од Маја Мојсова деновиве ја доживеа охридската промоција.
Која е Маја Мојсова?
Маја Мојсова е родена 30. мај 1983 година во Скопје. Авторката е дипломиран Менаџер по туризам и угостителство.
Пишува проза и поезија. Има издадено: збирка поезија „Кохезија, колизија на човековата визија“ (2012, колекција на песни на македонски и англиски јазик) и заедничка книга „Зен Верс“ (2014) од четири автори.
Дел од нејзиното творештво ( песни и раскази) е објавувано во зборници, литературни и интернет списанија: „Кокински мугри“ – Куманово, „Точно на пладне“ – Охрид, „Симфонија на срцето“- Битола, Ревија „Бранувања“ – Струга, „100 илјади Поети за промена“ – Струмица, „Октомвриски книжевни чествувања“ – Битола, Ревија „Комплетна“ – Скопје, „Окно“ – Скопје и други.
Добитник е на книжевни награди: „Гравитација 2015“ за најдобра книга раскази, награда „Свети Кирил и Методиј“ – Охрид за необјавена песна и „Награда за најдобра необјавена песна“ на Струшки книжевни средби.
Учествувала на повеќе литературни читања и уметнички фестивали во Скопје, Битола, Охрид, Ресен, Струга, Вевчани.
Книгата кратки – кратки раскази „Потоци. Стапки“ е објавена во 2015 година. Од Здружението за култура и наука НОВА од Битола книгата е наградена со Прва награда „Гравитација 2015“ за категорија книга раскази.
Промоторот на книгата, поетот, писател и литературен критичар, Смиле Наумоски – Брсјак, во дел од својот осврт за книгата „Потоци. Стапки“ вели:
„Што е тоа што ја создава енергијата за творечкиот порив, а што го привлекува вниманието на писателката: енергијата произлегува од желбата и потребата нешто да се соопшти и сподели со јавноста, нешто од дамнина пренесено од колективното несвесно во индивидуалното несвесно, или нешто што оставило силни отпечатоци во истата сфера на свеста, а доживеано во најрана возраст. Токму таа е движечката сила на творечкиот порив за создавање во моментот на инспирацијата и таму е полето што го насочува вниманието на творецот кон одредени настани, појави, состојби или слики што се случуваат подоцна. Специфичноста на нејзиното раскажување е што сé се сведува на опис на карактерни црти и заради тоа расказите имаат призвук и белег на поетски израз поткрепен со формата на кратката мисла што внесува одредена ритмика и музикалност“.
ЛАРГАР
Ларгар имаше две насмевки. Ги чуваше по една во џебовите на панталоните. Кога ги менуваше облеките, ги менуваше и насмевките.
„Зошто не ми остана подолго на лицето додека разговарав со саканата?“
Насмевката која секогаш ја сместуваше во левиот џеб се насмевна.
„Затоа што твојата сакана ме избрка со онаа нејзина кисела насмевка. Ти си чуден што сé уште трчаш по неа. А, сега, замени ме со другата насмевка и почесто користи ја неа.“
Ларгар почесто ја користеше ’лажната’ насмевка. Луѓето пак ја доживуваа како пореална и поуверлива.
ДЕНОВИ (НЕ СЕ ДЕНОВИ)
Цртам триаголник без користење на линијар. Не е така лесно да се погоди оската, со оглед на тоа дека триаголникот мора да биде рамностран. Квадрат или коцка не цртам речиси никогаш. Не верувам во некакво четворно дејство или својство на случувања. А круг не сакам многу-многу затоа што вртење во круг без пирамидално поставени нешта, некако ми е губење време. Мислата треба да има прогресија, а не да се врти во круг.
Не спијам многу. Десет до дванаесет часа спиење?? Има попаметни нешта за правење, од држење на телото во здрвена хоризонтална положба (во блиска иднина спиењето ќе биде во вертикална фиксирана положба на телото. Сé ќе биде најнормално, само крвта нема да доаѓа целата во главата, туку нормално ќе си кружи во телото. За паничарите – без гајле, ова ќе биде безболно изведен третман за луѓето да почнат да спијат вертикално.) А премалку поминати часови во спиење, три до четири дневно, доведува до чудни халуцинации. Совршен избор – секогаш го наоѓам балансот.
Никогаш не престојувам во пријатно топла просторија. Вештачко затоплување или разладување е убиен на духот, дисциплината и внатрешниот мир.
Си бројам денови… Пристигнав до единаесет илјади, петстотини педесет и два…………….
По секој ден сигурно се случува нешто.
КАДЕ ПЛОВИМЕ
Бродот на Фантазијата. Така сакам да пловам! Бескрајно…
Ледениот брег се отцепи од недогледното замрзнато копно. Неговата силуета стоеше залепена до ѕидот од мразулци и чекаше брегот да почне да плови по негова волја. Во мислите си исцрта линија по која требаше да се движи. Не сакаше да постави цел, затоа што не сакаше неговиот пат да заврши. Си призна себе си дека овој пат не е подготвен за експедиција. Го насочи брегот кон виолетовата светлина. Од магливите привиденија почнаа да излегуваат посовршени форми на живот од човечките. Тие нежно дувнаа кон виолетовата магла и го расчистија пределот. Ја облече наметката од пердуви од крилата на северните птици, која ја правеше додека се подготвуваше за подвигот за истражување на тајната на животот. Наметката беше доволна за новите животински форми да го прифатат како еднаков на нив. Му подадоа темно син ладен предмет, кој наликуваше на матарка.
„Овде го имаш сиот потребен капацитет на здив за да можеш да живееш во избраниот свет меѓу твојот и нашиот. Ќе бидеш секогаш на работа на Фантазијата и Северниот пол на Планетата Земја. Ги прифаќаш ли овие услови во замена за моќ да истраеш во својата мисија да ја пронајдеш тајната по која трагаш?“ – го прашуваа новите животински форми кои го обиколија неговиот брег.
Им даде потврден одговор и замина среќен кон виолетовата светлина. Не праша како да се врати назад, кога ќе ја заврши мисијата. Но, всушност, не ни сакаше да знае.
Публицитет.мк