Правилниот начин на одржување на оралната хигиена е главен предуслов за доброто орално здравје .Но , само правилното миење на забите и користењето на разни средства за орална хигиена во домашни услови , не се доволни за забниот плак и мироорганизмите целосно да се отстранат.
Затоа, од исклучителна важност е пациентите да се свесни за неопходната потреба од прoфесионално отстранување на цврстите и мекиte наслаги и пигментацијата на забите . Пигментација може да е последица од присуство на хроматогени бактерии.Истата тешко може да се отстрани со едноставно четкање , а претставува не само естетски недостаток, туку и фактор за појава на разни орални заболувања.
Професионално отстранување на наслаги вклучува :
-отстранување на денталниот плак ,забен камен и пигментација
-елиминирање на предизпозициите за појава на плак и забен камен и ретенција на денталниот плак
-детален професионален преглед и посочување на адекватни техники за одржување на оралната хигиена.
Самиот професионален метод на отстранување на наслагите е индивидуален кај секој пациент , а се врши со соодветни четкици или гумици и профилактични пасти за отстранување на меки наслаги.Четкичките се со различен облик, зависно од површината на забите за кои се наменети.Со цел да се намалат шансите за повреда или иритација на гингивата со синтетичките влакненца на четкичките , се препорачува нивна употреба со мал број вртежи . Гумичките пак се направени од мека или потврда гума , доста се флексибилни и овозможуваат лесен пристап во интерденталниот простор, а можноста за механичко оштетување на меките ткива е многу мала споредбено со четкичките. Во пракса се користат и ротирачки инструменти кои се комбинација од купаста гумица и четкички поставени во средината на ротирачкиот инструмент , а освен за професионално отстранување на меки наслаги , со аплицирање на средства за микроабразија на глеќта се отстранува и дисколорација на површинските слоеви на глеќта. Специјален сет на четкички и гумички се препорачуваат и за професионално отстранување на меки наслаги кај пациенти со вградени импланти со цел продолжување на векот на траење на имплантите . Профилактичките пасти пак кои се користат за овој третман содржат различни абразивни материи кои овозможуваат полесно отстранување на денталниот плак, истовремено полирајќи ја површината на тврдите забни ткива , а на мазна забна површина денталниот плак побавно се акумулира. Освен абразивни честички , профилактичките пасти може да бидат со или без флуорид . Употребата на паста без флуорид се препорачува пред адхезивни процедури ( залевање на фисури) како би се овозможила подобра адхезија на материјалот со забната супстанца .
Различни компании произведуваат профилактички пасти со различна абразивност и зависно од тоа поставуваат упатства за нива апликација. Најчесто нивната употреба е поврзана со индикации како отстранување на плак, пигментација , полирање по одреден третман и др. Кај пациенти кај кои е утврден повисок ризик за настанување на кариес , се советува професионалното чистење на меки наслаги да се врши почесто, како би се овозможила оптимална контрола на состојбата во устата. Овде треба да се потенцира дека пречестата пракса на отстранување професионално отстранување на меките наслаги може да предизвика механички оштетувања на тврдото забно ткиво ( ерозивно трошење на глеќта).
Некои истражувања покажуваат дека отстранувањето на меки наслаги со употреба на гумица и абразивна паста отстрануваат
0,6-4,0 микрони од површинскиот слој на глеќта богат со флуориди , што дирекно зависи од брзината на полирање , абразивната паста и времетраењето на третманот. Во таа насока , се препорачува користење на слабоабразивни профилактички пасти со што помал притисок како и локална апликација на висококонценриран флуорид по полирањето на забите.
За повеќе совети и информации обратете се во Стоматолошка Ординација ‘’Д-р Сашо Стоев ‘’.
Пишува
Д-р Сашо Стоев
Доктор по општа стоматологија
Публицитет.мк