Во предвечерието на доделувањето на највредната филмска награда Оскарот, со чии номинации веќе одпорано ве запознавме а за добитниците ќе ве информираме во понеделник, ќе ве информираме за неколку светски познати филмски фестивали чие одржување беше во пролет но заради сеуште присутната пандемија, е одложено за во летниот период.
Тука се и два фестивали , ФЕСТ и Московскиот филмски фестивал кои ќе се одржат оваа пролет.
43. МОСКОВСКИ МЕЃУНАРОДЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
Ова е единствениот голем фестивал од „А“ категорија кој оваа година се одржува , и покрај се’ , во својот вообичаен термин.Изминатата година тој наместо во април се одржа од 1 до 8 .октомври , без присуство на гости од странство и минимален број на домашни гости и со примена на сите заштитни мерки заради корона вирусот.
Организаторите на фестивалот оваа година одлучија тој да се одржи во вообичаениот термин во втората половина на април, иако мора да се каже дека фестивалот во Москва до 2018 година се одржуваше во втората половина на месец јуни кога тогаш заради одржувањето на светско првенство во фудбал беше одржан два месеци порано ,во април.
Како и да е, 43. Московски филмски фестивал започна во четвртокот на 22. април и ќе трае до 29. април . Фестивалот се одржува во присуство на публика и гости со строга примена на сите мерки и протоколи за заштита од корона вирусот. Дел од филмовите ќе се прикажуваат и во најстарото кино во Москва „ Худофествениј“ кое било обновено во изминатата година.
Фестивалот беше отворен со премиерата на рускиот биографски филм „Девијатаев“ на режисерите Тимур Бекмамбетов и Сергеј Трофимов. Филмот ,чие дејствие се случува во 1944 година ,ја раскажува вистинската приказна за пилотот Михаел Девијатев.
Фестивалот ќе биде затворен следниот четврток со прикажувањето на филмот „Кафулето од моите спомени кој преставува романтичнаљубовна приказна за Емили и Филип. Режисер на оваа француско финска копродукција е Валто Балтазар.
Во натпреварувачката програма во трката по главната награда „Златен Ѓорѓи“се тркаат 14 филмови кои доаѓаат од :Шпанија, Романија, Грција, Индија, Иран, Германија, Норвешка, Русија, Италија, Венецуела, Куба, Јапонија, Кина… Меѓу нив е и српско хрватската копродукција „Синиот цвет“ на режисерот Зринко Огреста.
Натпреварувачката програма за документарни филмови содржи девет филмови а кусометражната 14 филмови.
Годинешното жири кое е задолжено за оценка на филмовите од главната конкуренција е предводено од филипинскиот режисер Бриланте Мендоза . Останатите членови во жирито се :српскиот актер Милош Биковиќ , кој е мошне популарен во Русија каде сними и неколку филмови,бразилскиот режисер Карим Аиноуз, рускиот композитор Јуриј Потенко и руската режисерка и сценаристка Негина Сајфулаева.
Надвор од конкуренциа предвидени се дури 19 разни програмски содржини.Еве некои од нив:„ Филмови од светот“, „8 и ½ филмови“, „Филмови на мојот живот“ по избор на рускиот критичар и уметнички директор на фестивалот ,Кирил Разлогов, „Италијански филм:Враќање на класиката“, „Женски режисери на сегашноста“, „Кинеско кино:женски поглед“, „Локдаун (Целосно затворање)“, „Мајстори“, „Светот на уметностите“, „Млади и убави“, Исчезнати слики“…
Годинешните ретроспективи им се посветени на :англискиот режисер Мајкл Аптед (3 филма) , на дуетот Симон Сињоре и Ив Монтан (7 филмови) и на председателот на жирито , Ким Ки Дук кој ќе биде преставен со 8 филмови а кој во 2019 година беше награден со специјална награда на овој фестивал.
49. МЕЃУНАРОДЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ – ФЕСТ
Оваа година фестивалот ФЕСТ кој вообичаено се одржува кон крајот на февруари и почетокот на март , заради пандемијата беше поместен еден месец подоцна и требаше да се одржи од 2 до 11 .април. Но, и овој термин беше пролонгиран , и барем засега , тој треба да се одржи од 7 до 16 мај.
На предстојниот 49 по ред ФЕСТ кој ќе се одржи на неколку локации во Белград, премиерно во Србија , ќе бидат прикажани шест српски долгометражни филмови и две малцински копродукции.
Инаку, годинешната програма ќе престави повеќе од 70 премиерни филмови од најновата светска кинематографија кои ќе бидат распределени во седум програмски целини.
Фестивалот оваа година се одржува под мотото „ Враќање во иднината“со намера како најголема и надалеку позната филмска манифестација во Србија и регионот, да допринесе за повторно заживување на филмското платно и враќање на публиката во кино салите.
Меѓународниот филмски фестивал – ФЕСТ оваа година ќе биде одржан со почитување на сите мерки на Владата на Република Србија и Кризниот штаб за сузбивање на заразната болест Ковид -19. Организаторите на фестивалот како приоритет го истакнуваат здравјето и безбедноста на публиката, гостите и фестивалскиот тим.
Повеќе информации за годинешниот фестивал ќе објавиме по две недели.
20. ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ТРИБЕКА
Познатиот фестивал „Трибека“ вообичаено во годините наназад се одржуваше кон средината на април. Оваа година неговото одржување е поместено во месец јуни , поточно во периодот од 9 до 20 јуни.
Првично планиран како културен настан, првиот филмски фестивал „ Трибека“ беше обид да се спомене 11септември и воедно повторно да заживее духот во оваа населба во центарот на Њујорк. Основачите на фестивалот Роберт Де Ниро, Џејн Розентал и Крег Хатков сакаа да го потврдат статусот на Њујорк како центар за снимање филмови промовирајќи ја културата , живописноста и економијата во ова централно градско подрачје.Фокусот на фестивалот беше ставен врз добрите филмови и вредностите на заедницата.
Првиот фестивал одржан во 2002 година беше домаќин на 150 филмови , повеќе од десетина панел дискусии и неколку концерти на отворено.На свеченото отворање на фестивалот говореше Нелсон Мандела а на фестивалот присуствувале над 150000 луѓе.
Сега, 20 години подоцна фестивалот е повторно соочен со уште еден уништен Њујорк, овојпат опустошен од влијанието на Ковид – 19, кој однесе над 31000 жители само во градот.Јубилејниот фестивал во оваа 2021 година има за цел повторно да биде мелем за заедницата.Всушност, Фестивалот Трибека ќе го предводи патот во враќањето на настаните во живо во градот што долго време мируваше.
74.КАНСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
Она што редовно се случуваше со децении наназад кога еден од најважните и најпознати филмски фестивали од „ А“ категорија кој секоа година се одржуваше во месец мај , оваа година заради пандемијата на корона вирусот, ќе се одржи од 6 до 17 јули.
Свесен за еволуцијата на состојбата со јавното здравје во Европа и низ целиот свет и повторното отворање на културните места во средината на мај, фестивалот во Кан продолжува со довербата и решителноста за планирање на неговото годинешно издание.
Церемонијата на отворањето на 74 тиот фестивал во Кан ќе се одржи на 6 јули 2021 година. Од порано е веќе познато дека председател на годинешното жири е американскиот режисер Спајк Ли. Победниците ќе бидат објавени на затворањето на фестивалот во сабота на 17 јули.
Официјалниот избор на филмовите ќе биде објавен кон крајот на месец мај.
Пред неколку дена , на 20 мај, беше објавена веста за тоа кој филм ќе биде прикажан на отворањето на годинешниот фестивал.Честа му припадна на филмот „Анет“ на режисерот Леос Каракс кој преставува мјузикл драма. Тоа е првиот филм на овој режисер кој е снимен на англиски јазик.Дејствието на филмот е сместено во современиот Лос Анџелес и ја раскажува приказната за Хенри, стенд- ап комичар со жестока смисла за хумор и Ен , пејачка со меѓународно реноме. Тие се совршена двојка, здрави, среќни и гламурозни.Раѓањето на нивното прво дете, Анет, мистериозно девојче со исклучителна судбина , ќе ги промени нивните животи.
Во овој шести игран филм на режисерот Каракс , главните улоги ги толкуваат Маријон Котијар, Адам Драјвер и Сајмон Хелберт.
Филмот во истиот термин од 6 јули ќе започне да се прикажува и во француските кино сали.
„Секој филм на Леос Каракс е настан.И овој ги остварува своите ветувања. „Анет“ е подарок на кој се надеваат љубителите на филмот , музиката и културата , оној за кој копнеевме во текот на изминатата година“ вели председателот на Канскиот фестивал , Пјер Лескур.
„ Не можевме да сонуваме за поубава средба со киното и сребреното платно, во палатата на фестивалот каде што филмовите доаѓаат да го истакнат својот сјај“ вели директорот на фестивалот Тиери Фремо.„Филмот на Каракс е израз на овие моќни гестови, овие мистериозни алхемии што ја прават тајната на модерноста и вечноста на киното“ заклучува тој.
71. БЕРЛИНСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
Како што веќе е познато годинешниот 71 .Берлински филмски фестивал е поделен на два дела. Првиот дел од фестивалот се одржа преку интернет од 1 до 5 март . Тогаш фестивалот беше насочен пред се’ кон филмската трговија , интересни панел дискусии и големо покривање на фестивалот од страна на печатот.За јавноста настани понудија само Берлинале талентс (каде беше присутна и нашата актерка Сара Климовска) и светскиот кино фонд. Во тој период работаше и стручното жири кое ги одгледа филмовите од званичната програма на годинешниот фестивал и ги прогласи победниците за кои веќе ве известивме .
Вториот дел од фестивалот ќе се одржи од 9 до 20 јуни. Овој дел е именуван како „Летен специјал“ и на него ќе биде прикажана фестивалската програма од годинешниот фестивал а ќе бидат доделени јавно и наградите кои беа обелоденети на 5 март.Фестивалската програма ќе биде прикажана во кино сали но и на отворена сцена под ведро небо.Гости на фестивалот ќе бидат сите добитници на годинешните награди како и членовите на жирито кои ќе разговараат со публиката.
„ Многу сме задоволни што се оствари нашата желба да ги подржиме филмовите и нивните творци со новиот и единствен формат во ова тешко време. Интернет проекциите на фестивалските филмови беа одлично прифатени од индустријата и печатот. Филмовите добија широка гледаност и покани да присуствуваат на други фестивали. Покрај тоа пазарот забележа добра продажба , обезбедувајќи го на тој начин патот на филмовите до јавноста.Сепак , сеуште ни недостасува колективното искуство за одење во кино и затоа навистина се радуваме дека тоа ќе го надоместиме со „Летниот специјал“ , вели Мариет Рисенбек, извршната директорка на Берлиналето.
„ Беше прекрасно да се види колку позитивно беше прифатен изборот на филмови оваа година“ додава уметничкиот директор на фестивалот Карло Чатријан.„ Горди сме на нашата постава и среќни сме што филмовите толку многу одекнаа меѓу професионалците и печатот.Благодарни сме на сите уметници и филмски компании кои учествуваа на Индустрискиот настан и сакаме да им се заблагодариме на сите за посветеноста на настанот.Иако се надеваме дека ова издание ќе остане единствено , одличната енергија што ја почуствувавме дури и на интернет, не охрабри за следните чекори“.
Следната година , Берлиналето традиционално ќе го одржи фестивалот во февруари кога ќе бидат одржани и Европскиот филмски пазар, Пазарот на копродукции, Берлинале талентот и Светскиот кино фонд.
72 иот Меѓународен филмски фестивал во Берлин ќе се одржи од 10 до 20 февруари 2022 година.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк