Книгата што ги содржи драмите: „Одисеј“, „Огнени јазици“ и „Фигурае венерис хисториае“ ќе биде промовирана во „Куќата на Уранија“
На „Охридско лето“ утревечер ќе биде промовирана новата книга „Собрани драми, книга четврта“ од Горан Стефановски. Најновата збирка од едицијата „Темелници“ на издавачот „Табернакул“ содржи три нови драми на Стефановски: „Одисеј“, „Огнени јазици“ и „Фигурае венерис хисториае“, која ќе биде промовирана во „Куќата на Уранија“ во Охрид со почеток во 19 часот. Промотор е академик Катица Ќулавкова, а на промоцијата, покрај авторот Горан Стефановски, кој важи за еден од најеминентните македонски драматурзи и писатели, ќе говори и издавачот, додека извадоци од сцени од драмите ќе изведе актерот Никола Ристановски. Горан Стефановски, покрај осврт за делото, ќе одржи и презентација на процесот на создавање на драмите. Драмата „Одисеј“ е поставена на сцената на театарот „Улисис“ од Загреб во режија на Александар Поповски, „Огнени јазици“ во Драмскиот театар – Скопје во режија на Слободан Унковски, а „Фигурае венерис хисториае“ во Словенско народно гледалишче, од Љубљана во режија на Александар Поповски.
Извор: Утрински весник