Без независно судство не може да постои владеење на правото, ниту пак демократска правна држава, беше истакнато на Првата меѓународна судска конференција на тема „Независно судство“, во организација на Здружението на судии на РМ и Врховниот суд на РМ, а во соработка со Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага (CEELI Institute Prague) и со поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија што се одржува во Охрид.
Независноста, непристрасноста и интегритетот на судството се клучните теми на конференцијата. Учесниците говорат за предизвиците за независноста на судството во земјите учеснички, за клучната улога за економската независност на судството и за условите кои се потребни за ефикасна работа на судиите, како и за прашањата како да се зајакне независноста на судството од политичко влијание.
„Независно судство е императив за владеењето на правото и на демократска правна држава. Почитувањето и применувањето на овој императив има универзално значење и се однесува на сите држави кои воспоставиле функционална демократија“, беше истакнато на денешната Прва меѓународна судска конференција.
Претседателката на Врховниот суд на Македонија, Лидија Неделковa, на почетокот од конференцијата истакна дека ваквиот собир ја демонстрира посветеноста на судиите во заложбите за независно судство како главен протагонист на демократската правна држава.
„Како што предвидува Законот за судовите, судството мора да има надлежност врз сите прашања од судска природа и судиите треба да имаат право на активно учество во подготовка на законодавството кое се однесува на нивната положба и на функционирањето на правосудниот систем. Затоа, сè додека не воспоставиме вистинска и искрена дебата и евалуација на потребите за соодветните измени на законите во интерес на подобрување на независноста, а што поскоро и да ги започнеме вакви измени, ќе постои дијалог на глуви. Секако дека без вистински решенија е неоправдано да се очекуваат спектакуларни резултати веднаш“, истакна претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.
Судството и судиите, истакна Неделкова, не смеат да бидат подложени на политички маркетинг и тие треба независно да ја вршат својата функција.
„Никој не смее да влијае врз донесувањето судски одлуки, ниту пак да ги повикува на одговорност за донесена одлука“, истакна Неделкова, подвлекувајќи дека актуелните политички случувања во земјата фрлиле сомнеж врз независноста на судството.
„Овој настан е од голема важност за судството во Република Македонија, а уште поважен е за Здружението на судиите на РМ, како судиска организација која последните месеци вложува вонредни напори да се наметне во вкупните општествени движења и особено во сферата на правната држава и владеењето на правото, поставувајќи нови цели и нов начин на дејствување, промовирајќи го инклузивниот пристап и партнерство со релевантните државни фактори и разните организации, од една страна, но истовремено дејствувајќи доволно автономно, со цел да се зачува самостојноста и интегритетот во одлучувањето и дејствувањето“, истакна претседателот на Здружението на судии, д-р Џемали Саити.
Независно судство, истакна Саити, ќе биде синтагмата која ќе нè врзува и околу која ќе се движиме сите ние овие два дена, од наш аспект и од аспект на другиот, и се надевам дека, дефинитивно, ќе го најдеме почетокот на патеката.
Изразот независност е наша животна определба и секој тежнее кон тоа. Но, што значи во суштина тоа во судството и дали е независноста еднодимензионална или е и нешто повеќе – одговорност? Дефиницијата за судската независност, истакна Саити, е општоприфатена категорија, која содржи елементи на права, но и обврски, чие почитување ја гради општата перцепција за судството.
„Во овој поглед, наш предизвик е да градиме вистински стандарди кои ќе бидат сеопфатни и објективно мерливи и кои ќе доведат до реална процена за независноста и довербата на граѓаните кон судството“, нагласи претседателот на Здружението на судии на РМ, д-р Џемали Саити.
За проф. д-р Лазар Нанев, пак, критиките упатени кон судството се оправдани и реални и од тие причини потребно е да се направи евaлуација и рестартирање на судскиот систем во Република Македонија. Според Нанев, потребно е да се изгради судство за потребите на граѓаните, за што е потребно да се преземат сериозни чекори.
„Владеењето на правото и суштинската индивидуална и институционална независност се клучните предизвици за независно судство. Денес повеќе од кога било во Република Македонија е особено важно да се оспособи судството да постапува независно и непристрасно. Како судија, но и како граѓанин, сметам дека е неопходен процес на рестартирање на целокупниот судски систем во земјата. Судиите во Македонија мора да сфатат дека се еднакви со граѓаните пред законите“, истакна проф. д-р Лазар Нанев.
На дводневната конференцијата присуствуваат судии на Врховниот суд на Македонија, судии на апелационите и основните судови, членови на Здружението на судии, судии од судската мрежа при Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага (CEELI Institute Prague) и претставници од Амбасадата на САД во Македонија. Помеѓу учесниците се и судии, членови на судски здруженија и правни експерти од Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Грузија, Литванија, Полска, Чешка и од САД.
Во текот на конференцијата ќе бидат анализирани извештаите на Поглавјето 23 и Извештајот на Прибе и ќе бидат споделени најдобрите практики и искуства од страна на учесниците во поглед на законодавната, финансиската и функционалната независност, како и во поглед на обезбедувањето на квалитетот на правдата.
Извор: http://www.akademik.mk/