Честа е голема затоа што моите емоции добија една визуелна контура, а моето парче душа веќе стана сечие, вели Карафилоска
„Публицитет.мк“ е првиот медиум кој објавува изјава од младата авторка, која скромно за себе и во поетско – раскажувачки стил вели:
-Родена сум на 15 јуни 1996 година во Охрид. Студент сум на Филолошкиот факултет при УКИМ на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици . Активно се занимавам со пишување на поезија и тоа претставува моја пасија која кулминира постојано. Сум учествувала на многу поетски конкурси на кои сум достигнувала голем успех. Едноставно поезијата ја доживувам како сопствена исповед, како еден лавиринт од емоции и ферментирани мисли.
Во овој расказ оставив едно парче душа во чија празнина вгнездив мал но, за мене важен дел од моето постоење. Кога го испратив расказов ја изгубив и последната доза надеж која ја имав додека го пишував. Воопшто не се надевав дека токму моите комплицирани и сентиментални игри со зборови во некого ќе побудат поттик за да бидам избрана за годинешен добитник на престижната награда „Живко Чинго‟.
Со мигови чекав само да го објават победникот за да престанат да ми потат дланките од исчекување. Но, ете се случи токму во тие дланки оваа година да се вгнезди наградата. Честа е голема затоа што моите емоции добија една визуелна контура, а моето парче душа веќе стана сечие.
Оваа награда ја посветувам на моите родители кои и покрај сите животни бури исполнети со негативна турбуленција успеаа да изградат од мене човек во вистинската смисла на зборот. Благодарна сум им за сè и секогаш ми е доволна само нивната гримаса на гордост. Сè останато во тој миг веќе не е важно!, изјави за „Публицитет.мк“ Емилија Карафилоска, автор на најдобриот расказ за 2016 година на конкурсот „Живко Чинго“распишан од страна на Општина Охирд.
За одблиску да ја запознаеме преку пишувањето на наша покана Емилија испрати три нејзини песни и секако наградениот расказ.
ПОЕЗИЈА:
Ноќва сè мириса на тебе
Ја намокрив со солзи нашата фасада од сенки,
сега сруши го нашиот дом-кула од карти,
замотај го ликот на моето неродено дете со целофан
и испрати го до некое друго евтино срце,
легализирај го нашиот егоизам по едно евро за квадрат,
предозирај се со мазохистична среќа и создади време за ново раѓање
за повторно да си поигрувам со неговата сенка,
за потајно да го барам неговиот поглед во талогот од кафе,
меланхолијата ги оттуѓува нашите тела,
а во нив искинати зборови кои љубовта се обидува да ги сошие.
Знаеш, ги здиплував моите страсти,
па го забележав отисокот од мојот кармин на твојата кошула.
Но, погледите ни се ладни,а тагата се загрева од нашето студенило.
Тишина.Трпение.
Ноќва сè мириса на парафразиран неспокој,ноќва сè мириса на тебе.
А вресокот на моето срце штотуку го разбуди вљубениот збор
кој цврсто спиеше на неиспишаната хартија.
Срца на двајца вљубени
Сомнително ти се прикрадувам во мислите
откако нашите погледи се разминаа во таа гужва од спомени,
не дозволувај нашите души да живеат само во старите слики
закачени на ѕидот на тишината.
Чувствувам есен во своето дишење.
Знаеш,ја фрлив мојата марама од солзи исткаена
додека ти ме допираше со својот суптилен глас,
мојата душа веќе е во делириум,
а јас ја барам твојата прегратка во која се чувствувам како човек,
по моето срце отпечатоци од твоите прсти
кои се врежале како длабоки лузни,
чудна е оваа сентиментална романса,
а уште почудно е тоа што всушност ти си моето чудо.
Препушти се на оваа есенска суптилност и цврсто прегрни ме,
едноставно нека љубовта нè одведе таму каде што треба да бидеме
-во срцата на двајца вљубени.
Дегустација на страсти
Тишината ги оттуѓува нашите тела,
а во нив искинати зборови кои љубовта се обидува да ги сошие,
силна искра тлее во моите уморни очи
додека се поедноставуваат комплицираните илузии,
ова извештачено утро мисливе
те повикуваат на дегустација на поховани страсти,
светлината немилосрдно го распарува небото
додека твојата силуета ја разголува мојата.
Чекајќи те да ставиш ќесичка радост во врелата вода
јас тонам во тој неред од треперења,
ова утро исечкав мала количина спомени
па ги промешав со остатоците од нашите копнежи,
во рецептов недостасува уште и трошка младост
на која сеуште не ù поминала рокот на траење,
треба да ги додадеме и нашите ладни сенки
потопени во чоколада за да добијат вкус на иронија.
Чоколадните нежности се стопија на твоите усни,
а во твојот поглед се стопи мојот немир,
остави ја таа дегустација на страсти
и раскопчај ја твојата кошула која го крие тоа изморено срце,
ова е уште едно залудно утро во кое твоите одбивни фрази
ги менуваат рабовите на мојата насмевка.
Лута сум на мојата наивност
поради која не можам да одглумам еден рамнодушен хедонист,
ме иритирааат твоите неуредни гримаси
додека го создаваме обликот на нашето „те сакам”,
однесени од виорот на животот
моите презреани чувства се изгубија некаде во твоето срце.
Писателот и најдобриот македонски раскажувач Живко Чинго
- НАГРАДЕНИОТ РАСКАЗ
Т.чка на агонија (Расказна квинта)
Прва т.чка
Трипартитна горчина во мозоков поради која денес сè ми мирисаше на догорена самотија. Мајка ми приготвуваше кајгана од монолози, а јас го собирав кусурот од моите емотивни банкноти зашто ми останаа уште последните грамови од 7-хлоро-1,3-дихидро-1-метил-5-фенил-2Н-1,4-бензодијазепин-2-он или кратко кажано Diazepam.
Од дупките на ѕидот во кои влетуваше живоста ме засени линеарноста на изразената контура. Застана и го насочи последното зрно барут кон мојата зајазлена глава.
-Животот или зборот?!-ми рече безмилосно.
-А што ќе ми е животот без тишината во која другите ги шминкаат своите празни зборови?! Што ќе ми е време во кое нема водење на зборовна љубов?! –си помислив.
-Одговарај,ти,продавачу на пакетчиња среќа!- неправилно извика.
-А зборот,зарем можам јас во себе без себе да постојам во зборовен молк?!Пред зборовите сум само зрно песок, беспомошен феникс кој ги губи своите крилја. –неочекувано изустив.
-Ајде, не дозволувај за последната шанса да те потсети смртта. Побрзај!-во погледот му прочитав.
-Зборот! Никогаш не се разбудив од денот кога се родивме заедно,збору!-извикав луто.
-Спреми се за патување до својата прва т.чка!-тој иронично се насмеа.
-Пау! Пау!
-Витан! Живко! Мајка ви е лута,доцните на изедената вечера!-рече татко ни.
-Доаѓаме,тато!
Втора т.чка
Околу мене луѓе кои гребаат среќни грепки за малку сатисфакција и бездомници облечени во распарталени копнежи во секој агол од нашата нереалност. Веќе не јадеме трошки удавени во телесни конзерви ама глумиме голо,задимено дефиле на дуњава.
Во време кога станавме цел без цел јас, тригодишен хедонист, го здогледувам мојот дедо, Живко, со мислите залутан како да му беа на работ на колапсот. Во очите мислиш ја гледаш неговата задимена душа и болка на арогантност која прогонува. Неговото тело беше една архитектонска еуфорија од отрови.
-Живе, душо остави ги нека ги носи ветрот.-ќе му речеше баба ми.
-Живот немала,без душа останала остави ме да си го пијам раатот. Ех,тие проклетници! Ниту со нив,ниту без нив!-налутено ќе речеше.
Несомнено мислеше на Филтер Југославија или Филтер 57,кутија од 20 цигари кои со тежок жар во очите ги гасеше во преполниот пепелник. Секој дијалог го водеше како стуткан монолог затоа што не го гледаше соговорникот, секој миг тој отровен чад што се разделуваше на два дела, исчезнуваше во влажната темнина на воздухот. Колку што се издигнуваше порокот толку тлееше таа подмолна болест која ја достигна својата втора и крајна т.чка и стануваше господар на компулзивноста.
Чиниш во секоја битка го држиш белото знаменце и навиваш кој побрзо ќе стигне во операционата сала за да се спаси. Суровоста во тој миг ме натера да станам субјективен пион,а јас несомнено навивав за дедо ми. Наоколу извалкани мантили на кои веќе метастазирале нервите. Но, знаменцето тогаш ми стана марамче за солзи, а тој догоре како и таа отровница. И самиот стана цигара која се изгасна како и секоја-во пепелникот во кој остануваат само влажните пикавци и пепелот. Во тој миг на закоравеното дефиле само фалеше димот да направи облик на насмев.
Трета т.чка
Чабав ден во кој веќе ништо не е исто како некогаш,освен нашите осакатени желби. Токму сега се осмелив да го побарам мојот несуден Годо, да ја барам надежта кога веќе сè друго исчезна. А во мозочната пустелија ги имав внесено само координатите, 41°07′57″ СГШ 20°50′12″ ИГД, кои тензично алудираа на неговиот оловен свод. Чинговиот! Тргнав молскавично и стигнав до третата обележана т.чка на која се наоѓаше едно перфорирано дрво со желба за брза аналгезија. Тоа беше моето парче материјал од кое сакав да создадам душа. Да стане човек кога веќе не остана ниеден на земјава. Како да чекав да намине мојот мрзлив Годо.
И по бездатумни денови почувствував дека дише,вгнезден внатре во моите дробови.
-Чувствувам како да сум себе во тебе! –прошепотив тивко.
Ме гледаше збунето,зашто не знаеше дека во него се крие моето „јас”. Јас без иницијали,бездомник кој живее во луксузен дом, заробен патник кој не знае да мрдне подалеку од својата черга. Станав како напуштениот Лем, прободен од силната острица на реалноста.
-Ајде,одмори! Помина хедонистичен пат!-му реков на моето его,мојот Годо.
А тој го фрли во далечината својот разочаран поглед и сфати дека животот гази сè пред себе. Гази деца без мајка, мајка без деца,луѓе без дом, дом без луѓе. Го гази човекот во нечовекот,но пред сè животот го гази сопствениот. A тој закоравено го бараше својот Диоген. Но,попусто.
-Спиј,те молам. Ќе те разбудам кога ќе дојде време за сериозен конформизам.-му се обратив застрашено.
-Зарем ти изгледам на некој кој би се разбудил?!-со силен глас прозборе мојот налутен Годо кој сега веќе се чекаше самиот себеси.
Четврта т.чка
Кукавици насекаде без трошка душа кои стануваат владетели на улиците, осквернавени од екслицитноста со неколку промили алкохол во црниот им дроб. А овој мртов миг е спремен да чуе по некој пуст збор за мојот неживот. Можеби не сум гледала рушење на туѓа градежна сопственост,но сум гледала како животот го руши мојот.
Животе, без трошка срам уште неродена ми го одземаш последниот залак бајат леб! Без трошка срам оставаш денес налутено да ја слушам мајка ми како очајно собирала денар по денар за да ни купи млеко од 34 денари. Како да собираш и броиш зрнца песок во пустина. Едно по едно. Проклети гладни усти! Време-невреме во кое се радуваш на една Негро бонбона со вкус на зајазленост, време во кое се насладуваш со варената пченка на себичната Добрила посипена со јадра сол.
Нема поголема казна од тоа да го гледаш тажното лице на својот татко кој со нетрпение чека да дојде некој муштерија за да заработи нешто. Таа сабота ќе ја паметам додека ме сметаат за жив човек на земјава, Велика сабота, ден пред воскреснувањето на Христос. Срцето нервозно чука како да беше вгнездено во камбаните на Каменско или Св.Петка. Наоколу среќни луѓе спремаат милиброд, вапсуваат јајца со лушпи од кромид. А во нашиот скромен, но топол дом, ништо. Ни скршен денар за еден шаблон јајца. Мајка ми си гризеше нокти како да си ја гризеше совеста,а татко ми очекуваше,очекуваше на врата да се појави муштеријата кому му менуваше скапани лагери на колата или автомобилот, литературно кажано.И конечно се појави.
-Извини,мајсторе што ме чекаше толку долго. Но, не бев во можност. Еве ти ги парите кои ти ги должам и за многу години да е денов!-засрамено рече.
-Луѓе сме де не е проблем. Ајде нека нù биде на помош како на сите така и на нас.-конечно насмеано прозборе татко ми.
-Мено!Какви јајца да купам ? Од малите или поголемите?-извика по мајка ми.
-Абре само јајца да се викаат!- му рече мајка ми.
Продавниците затвораа во тој миг зашто беше време за домашна празнична закуска.А татко ми по долга потрага како да го бараше божјото богатство ги купил најголемите,последните. Едно не остана здраво,сите испукаа, но не од мака туку од широката насмевка на лицето на мајка ми, Мена. Не беше веќе ни важно какви се, важни беа само нашите густи погледи.
Иако поминаа години, ти никако да ми се насмевнеш,животе! Шеташ по земја кога никој не те гледа,но спомените и миговите очите ми ги гледаат. Знаеш,животе одвратно е очекувањето да ја покачат за некој процент социјалната парична помош затоа што се чувствуваш како беспомошно детиште. Молк во мислите ко да те гонат и осудуваат според четвртата т.чка на Кривичниот законик. А ти само гледаш во рацете на својата мајка која бесот го истура врз милето кое го вези. Но,пирејот е силен не дозволува да го уништат злите огнови на човечката уста. Паметам беше 1 Март . Надвор температурата околу единаесет степени целзиусови ама како да беа четириесет. Четириесет канџи кои го напаѓаа телото на татко ми. Четириесет душмани кои му дојдоа на посета со туморски маркери.
-Зарем доживеа уште еден мозочен удар,животе? –гневно му се обратив.
Но, очигледно мојата душа доживеа удар, доживеа бура од солзи и молитви насочени кон Бог. И после една недела исполнета со трауматични караници, неизвесност конечно пристигнаа резултатите. Негативни!Олеснување и агонија која те тера да се чувствуваш како да си ги сушиш своите валкани пелени зашто немаш други,зашто немаш избор.
Поради тоа осудени сме да станеме лоши додека кукавиците владеат со туѓата болка позади која им е лажната богата маска. Но, бадијала им се тие термо фасади или тој накиснат стиропор кога им мирисаат мувлосаните души. Само мојата фасада е највредна меѓу нив. Мојата е од солзи. Затоа не е значајно ни дали сме живи, животе!
Петта т.чка
Алкохол со мирис на мувлосана среќа и лоши импресии, чувство на агонија од виното кое ја кажува проклетата вистина иако за миг или два веќе не е ни важно што чувствуваме. Една последна желба за полет имам,макар да сум растроен, макар да сум жив мртовец!
Апансаз ја гледам бебешката колевка која едвај ги собира моите новородени мисли. Сместена на таванот, пати во сопствениот бол од потемнетиот ù месинг со етикета на беснило. Тоа е колевката која ја претворував во луксузна колиба со само неколку порабени чаршави со цветен дезен. Цветно засолниште во кое се криеш бидејќи ти си само еден мал палец,а сите други те ловат со своите џиновски дланки. А потоа доаѓа време за игра на нашминкани сенки со само едно спојување на испотените рачиња и мал грст светлинска насмевка која се пробива низ платното. Во следниот миг ги зграпчуваш ленените аглести пораби на чаршавите, па влечејќи конци го шмукаш вкусот на безгрижната чистота. Додека другите возрасни глави се обидуваат да си го избришат минатото, за тебе тоа е колевката во која ги прележуваш првите сипаници кои како заљубени единки танцуваат по целото твое тело. Минуваш наивни моменти валкајќи се во одвратната каша од гриз. Цврсто го прегруваш топломерот кој ја заробил петтата точка на болешливост, а киселите чорапчиња ти ги обвиваат ноџињата. Дури од немукает скапува неупотребениот миг, таа веќе станува тесна за малечките нозе кои се заплеткуваат во шипките .Неколкукратно се повредуваш, неколкукратно страдаш од минималната болка која преминува во неодолив срамеж. Се молиш некој да ја украде, но попусто. Ете ја сè уште на местото каде заздравува неспокојната душа како некој молив со скршена срцевина.
А во овој миг алкохолот ми го покачува нивото на хормоналната сексуалност. Апансаз ја гледам бебешката колевка која ги собра моите запишани мисли.Неповратно избегнувам да постојам додека ја гледам или додека молкот го дишам со секоја голтка црвено вино.
Расказна квинта
Трипартитна горчина во мозоков поради која денес сè ми мирисаше на догорена самотија.
Околу мене луѓе кои гребаат среќни грепки за малку сатисфакција и бездомници облечени во распарталени копнежи во секој агол од нашата нереалност.
Чабав ден во кој веќе ништо не е исто како некогаш,освен нашите осакатени желби.
Кукавици насекаде без трошка душа кои стануваат владетели на улиците, осквернавени од екслицитноста со неколку промили алкохол во црниот им дроб.
Алкохол со мирис на мувлосана среќа и лоши импресии, чувство на агонија од виното кое ја кажува проклетата вистина иако за миг или два веќе не е ни важно што чувствуваме. Една последна желба за полет имам,макар да сум растроен, макар да сум жив мртовец!
Полетав!
Полета.
Полет.
Поле.
Пол.
По.
П.
Публицитет.мк