Повеќето луѓе сметаат дека растенијата не чувствуваат ништо кога ги допираме, но ова истражување покажува дека тие всушност се многу чувствителни.
Љубителите на растенија веќе долго време се сомневаа во ова, а сега конечно австралиските научници го потврдија. Покрај тоа, научниците открија дека различни сензации предизвикуваат каскада од физиолошки и генетски промени, во зависност од стимулацијата која растенијата ја примаат, без разлика дали се работи за неколку капки дожд или нежен допир.
Да разјасниме, научниците не велат дека растенија чувствуваат на начин сличен на нашата перцепција за чувствата бидејќи тие немаат мозок и не мислат.
Засновано на претходни истражувања, тие велат дека растенијата имаат прилично добра свест за нивната околина, како на пример, знаат кога некој инсект ги грицка и ослободуваат хемикалии за да го запрат.
Научниците спровеле истражување при кое ги прскале растенијата со капки вода и откриле дека тоа предизвикувало промена на експресијата на илјадници гени – драматична психолошка реакција која започнала веднаш по стимулот и завршила по половина час. Реакцијата била предизвикана од физичкиот контакт на капките кои паѓале на површината на листовите. Слична реакција предизвикувало и нежното галење или допирање со пинцета, како и ненадејната сенка, односно спречување на светлината.
Овие информации може да бидат од суштинско значење за опстанокот на растенијата во дивината, објаснуваат научниците во списанието„Plant Physiology“.
„За разлика од животните, растенијата не можат да избегаат од опасните услови. Затоа се чини дека тие развиле сложени системи за одбрана од стресот со кои ја чувствуваат својата околина, ја детектираат опасноста и соодветно реагираат“, вели Ван Акен.
Сепак, само едно истражување не е доволно за да се коригира нашето знаење за растенијата, па потребни се дополнителни истражувања за да се реплицираат наодите. Но, дотогаш, можеби би требало да бидеме повнимателни со растенијата.
Извор: www.enauka.mk