
Голем број на познати актерки и актери се родени пред точно еден век, во 1921 година. Некои од нив во вечните ловишта заминаа помлади а некои во повозрасни години но никој од нив не ја доживеа стотата . Заедничко за сите нив е што сите тие имаа успешна актерска кариера во која создадоа филмови кои и ден денес со задоволство се гледаат . Нивното споменување во оваа прилика нека биде повод да се потсетиме на нив и причина повторно да погледнеме некој филм во кој тие настапиле.

ЧАРЛС БРОНСОН (1921 – 2003)
Еден филмски критичар, своевремено, неговиот груб изглед го опишал како Кларк Гејбел кога би бил оставен премногу на сонце. Чарлс Бронсон е роден како Чарлс Бучински во семејство кое имало 15 деца. Неговата мајка Мери (Валински)била родена во Пенсилванија а нејзините родители биле од Литванија. Неговиот татко Валтер Бучински бил рудар иселеник од Литванија.
Во неговата кариера успеал да настапи во над 160 филмови.Својот прв филм „Ти си сега во морнарицата“ го снимил во 1951 година.Негови најпознати филмови се: „ Вера Круз“;
„Седуммината величенствени“,„ Големото бегство“; „12 жигосани“; „Се случи еднаш на дивиот запад“; „Црвеното сонце“, „Земјата на Чато“, „Механичарот“,„ Мистер Мажестик“,
„Телефон“, „ Смртна желба“ …

ПИТЕР ЈУСТИНОВ (1921 – 2004)
Питер Јустинов беше двоен добитник на наградата Оскар како актер, режисер, писател и новинар.Тој беше роден како Питер Александар Фрајхер Фон Устинов, во Лондон како дете на родители чии предци биле мешавина од Евреи, Руси, Ииталијанци, Германци…
Во својата филмска кариера настапил во 100 тина филмски и тв филмови. Својата прва филмска улога ја направил во 1942 година во филмот „Еден од нашите авиони нема“.
Негови најпознати филмови се:„Ние сме ангели“,„Спартак“, „ Кво Вадис“, „Робин Худ“, „Ашанти“, „Топкапи“, „ Виолетово такси“…

ЛАНА ТАРНЕР (1921 – 1995)
Вистинското име на Лана Тарнер е Џулија Џин Милдред Френсис Тарнер.Постојат повеќе години на нејзиното раѓање од 1920 до 1922 година но сепак како година на раѓање се зема 1921 година според нејзината автобиографија. Се прослави со улогите во мелодрами и со осумте брака кои ги имаше во текот на својот живот.
Актерската кариера ја започнала како 17 то годишна девојка настапувајќи во една малечка улога во филмот„Тие нема да заборават“.Во својата кариера успеа да настапи во 60 тина филмски и тв улоги. Нејзини најпознати улоги сво филмовите:„Градчето Пејтон“,Имитација на животот“, „Мадам икс“, „Весела вдовица“, „ Поштарот секогаш ѕвони два пати“, „Тројцата мускетари“„Друго време, друго место“…

ЏЕЈН РАСЕЛ (1921 – 2011)
Ернестин Џејн Џералдин Расел е родена во Бемиџи, Минасота. Нејзиниот татко бил поручник во Армијата на САД а нејзината мајка актерка во патувачка трупа .Таа била единствената помеѓу четворицата браќа.
Во нејзината кариера успеала да настапи во 33 филмови или тв проекти.Првиот филм
„Одметникот“ го снимила во 1943 година.Нејзини најпознати филмови се: „Мажите претпочитаат русокоси“, „ Макао“, „ Млада вдовица“, „Високите мажи“, „Двоен динамит“…

ДЕБОРА КЕР (1921 – 2007)
Таа е родена како дебора Џејн Тример во Глазгов Шкотска како ќерка на војник кој погинал во Првата светска војна.Својата кариера ја започнува во Британија со неколку улоги во филмовите „Мајор барбара“, „Животот и смртта на полковникот Блимп“ и „Црниот нарцис“.
Одкако во 1947 година ќе стигне во Холивуд ќе настапи во неколку значајни филмови како што се:„Кралот и јас“ , „ Одовде до вечноста“, „ Чај и симпатија“, „Ноќите на игуана“,„Афера за паметење“, „ Казино Ројал“ „Окото на ѓаволот “ и други.Ќе добие шест номинации за наградата Оскар кој не го доби.Настапи во 50 филмови и тв серии.

ЛУИС ЖУРДАН (1921 – 2015)
Луис Журдан е француски актер кој е роден во Марсеј. Неговото родено име е Луис Роберт Гендре . Се школувал во Франција, Велика Британија и Турција.На големиот екран дебитирал во 1939 година , продолжувајќи да игра во голем број на француски филмови каде играл улоги на романтични јунаци.
Во 1948 година оди во САД каде настапува во филмот „Случајот Парадин“ по што настапува во голем број други филмови и тв проекти.
Негови најпознати улоги се во филмовите: „ Џиџи“ , „ Писмо од непознатата жена“,„Рајската птица“, „ Мадам Бовари“, „ Три парички во фонтана“, „Кан Кан“, „Грофот Монте Кристо“, „Двоен договор“, „ Најдоброто од се“, „ Октопуси“, „ Година на кометата“…
Настапи во вкупно 87 филмски и тв проекти.

ДИРК БОГАРТ (1921 – 1999)
Неговото родено име е Дерек Џезил Гаспар Улрик Нивен ван ден Богаерде. Роден е во Лондон како син на Урлик Ван ден Богаерде , уметнички уредник на весникот „ Тајмс“ и актерката Маргарет Нивен.
Својата прва филмска улога ја добил во 1939 година во филмот„ Ајде Џорџ“ . Успеал да настапи во 70 тина филмски и тв проекти.
Напознати улоги:„ Смрт во Венеција“ , „ Дарлинг“, „Слуга“, „ Проклетство“, „Доктор в
куќи“, „Заспаниот тигар“, „Ангелот носеше црвено“, „ Себастијан“, „ Пејачот на песната“…
За своите заслуги на полето на актерството ја доби титулата Сер.

ЏУЛИЕТА МАСИНА (1921 – 1994)
Оваа италијанска актерка ,која беше животната сопатничка на големиот Федерико Фелини , во својата филмска кариера настапи во 32 филмски и тв остварувања. Таа покрај со Фелини соработуваше и со најпознатите италијански режисери. Така своето филмско деби„ Без сожалување“ го имаше со режисерот Албертро Латауда а соработуваше и со режисерите Роберто Роселини,Луиџи Коменчини, Ренато Кастелани.
Нејзината вистинска кариера започна со филмот „Улица“ на Федерико Фелини кој освои Оскар за најдобар странски филм а продолжи со филмовите кои ги режираше Фелини:
„Ноќите на Кабириа“,„Џулиета и духовите“, Џинџер и Фред“…
Од останатите филмови во кои настапи таа ќе ги споменеме уште и „Лудата жена на Шајло“, „Зад затворените ролетни“, „Разновидни светла“, „Европа ‘51“…

АЛИДА ВАЛИ (1921 – 2006)
Иако од многунина беше наречена „Новата Гарбо“по нејзиното доаѓње во Холивуд , таа не ги исполни очекувањата и покрај својата убавина, привлечност и талент.Алида Вали беше родена во Пула (Хрватска) во 1921 година .Нејзиниот татко бил новинар и професор а нејзината мајка домаќинка.Студрала филмска академија во Рим а своето филмско деби го имала во 1936 година во филмот „Двајцата наредници“.Откако настапила во неколку италијански филмови во 1947 година ја ангажирал познатиот продуцент Дејвид О.Селзник за една од улогите во филмот на Алфред Хичкок „ Случајот Парадин“.
Потоа следуваше нејзината улога во еден од најпознатите филмови на сите времиња „Третиот човек“ на режисерот Керол Рид во 1949 година.Но, по неуспехот на нејзиниот следен филм „Чудото од камбаните “ се враќа во Италија. Во Европа снимаше со многу познати режисери.
Најзината филмографија содржи 136 филмови и тв серии. Нејзини најпознати филмови се:„ Очи без лице“,„Жиголо“,„Едип Рекс“, „Сусприја“, „ Месечина“,„Пекол“, „Еден месец покрај езерото“ , „Ангел и смртта“ …

ЕСТЕР ВИЛИЈАМС (1921 – 2013)
Естер Џејн Вилијамс веше родена во Ингвлуд, Калифорнија. Таа беше тинејџерска шампионка во пливање и освои три национални првенства во САД.Била откриена како талент за глума во една стоковна куќа каде што работела. Нејзиниот прв филм „Двојниот живот на Енди Харди“ го снимила во 1942 година.
Следејќи го успехот на овој филм ,компанијата МГМ создаде нов поджанр на филмови наречен „Аква мјузикл“ во кој таа стана главна ѕвезда. Во САД Естер Вилијамс ја нарекоа „Американска сирена“бидејќи се чинело дека таа може под вода да остане засекогаш. Еден од нејзините најпознати филмовие „Ќерката на Нептун“ од 1949 година кој кај нас беше познат како „Бал на вода“кој доживеа незапаметен успех во почетокот на пеесетите години на просторите на некогашната Југославија.
Во својата кариера настапи во 33 филма . Остана позната и по филмовите:„Сирената од милион долари“, „ На остров со тебе“, Невнимателен момент“, „ Јупитер“, „ Лесно е да се сака“ и други.

СИМОН СИЊОРЕ (1921 – 1985)
Родена е во Германија во Висбаден како Хенриета Шарлот Симон Каминкер.Таа стана позната дури во 1955 година откако настапи во францускиот филм „Диаболик“ кој и ден денес важи за еден од најдобрите филмови.Своите први филмови ги реализирала во Франција почнувајќи од 1942 година.Наградена е со наградата Оскар за улогата во британскиот филм „Пат во високото друштво“ од 1959 година.
Откако се разведе од незиниот прв сопруг Ив Алегре, стана животна сопатничка со познатиот шансоњер и актер Ив Монтан со кого настапи во неколку филмови.
Во својата кариера настапи во 73 филмови телевизиски проекти но беше активна и на театарските сцени.
Нејзини најпознати филмови се:„Ѓаволот на зората“, „ Спроти ветрот“, „Дилема“, „Двајца Ангели“, „ Смрт во градината“, „Гола есен“, „ Гори ли Париз?“, „ Армијата на сенките“,„Игри“ , „ Галеб“, „ Мадам Роса“, „ Изгорени плевни“, „ Брод на лудаци“…

ИВ МОНТАН (1921 – 1991)
Роден е како Иво Леви во Тоскана , Италија.Во времето на режимот на Бенито Мусолини неговите родитли со семејството имигрирале во соседната Франција.
Својот прв филм Ив Монтан го снимил во 1946 година. Пресвртница во неговата кариера преставува филмот„ Надница за страв“1953 година. Во својата актерска кариера настапи во 60 филмови. Меѓу нив има неколку кои го сменија текот на неговата кариера.
Во 1960 година во САД го сними филмот „Ајде да се сакаме “ со Мерилин Монро кој требаш да биде негов влез во Америка . Но по неколку снимени филмови таму тој се врати во Франција каде во 1969 година настапи во филмот на Коста Гаврас „З“ кој го доби оскарот за најдобар странски филм. По ова тој настапи уште во неколку успешни филмови на овој режисер.
Негови најпознати филмови се: „Гран При“, „ Цезар и Розалија“, „Анатомија на љубовта“, „Наполеон“, „ Мојата гејша“, „Опсадна состојба“, „ Живеј го животот“, „ Винсент , Франсоа , Пол и другите“, „ Големиот оператор“, „ Војната заврши“, „ Се’ ќе биде добро“, „ Светилиште“… Ив Монтан беше познат и како извонреден шансоњиер кој имаше голем број на концерти и богата дискографија.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк






