Вчера (15. декември) се навршија точно 76 години од премиерата на филмот „Однесено со виорот“ која била одржана во Атланта на 15. Декември.1939 година.
За ова остварување ,како што многумина го нарекуваат , филм за сите времиња, верувам дека нема љубител на седмата уметност кој не слушнал за него или барем еднаш не го видел. Освен тоа,за него се напишани огромен број на текстови кои говорат за неговата приказна, за тоа како е реализиран, како биле ангажирани актерите , колку чинел , колку заработил и што уште не.
Но,во знак на сеќавање на ова остварување ќе презентираме неколку занимливости сврзани за овој филм за кои можеби сте знаеле а можеби и не.Ги има навистина многу и навистина е тешко да се направи избор од тој огромен број на информации кои се поврзани со него.
Најпрвин потсетување дека главните улоги во филмот ги толкуваат:Кларк Гејбл во ликот на Ред Батлер, Вивиен Ли како Скарлет О’Хара, Лесли Хауард како Ешли Вилкс, Оливија Де Хевиленд како Мелани Хамилтон Вилкс, Хети мек Даниел како Мами и многу други. Филмот преставува адаптација на истоимениот роман на Маргарет Мичел кој во 1936 година е награден со Пулицеровата награда. Режисер на филмот е Виктор Флеминг иако треба да се споменат уште и режисерите Џорџ Кукор и Сем Вуд кои исто така работеле на филмот во одредени фази од неговата реализацијата .
Подготовките за снимање на филмот траеле цели две години. Кандидати за улогата на ликот на Ред Батлер биле:Кларк Гејбл, Ерол Флин, Роналд Колман, Гари Купер, Фредерик Мерч и Базил Ретборн, додека актерките Норма Ширер, Бет Дејвис, Кетрин Хепберн, Џин Артур, Џоан Бенет, Сузан Хејворт, Џоан Фонтејн , Лусил Бол, Лана Тарнер и Полет Годар влегле во потесниот избор за улогата на Скарлет О’ Хара.
Продуцентот на филмот Дејвид Селзник во почетокот сакал да го сними филмот како независна продукција за Јунајтед Артист , но заради недостаток на финансиски средства за ваков грандиозен проект, во почетокот на 1938 година Селзник морал да се согласи на еден компромис бидејќи јавноста барала улогата на Ред Батлер да ја игра тогаш најпопуларниот актер Кларк Гејбл. Меѓутоа , ексклузивно право на Гејбл, имала компанијата Метро Голдвин Мајер, која била подготвена да ја одстапи големата ѕвезда под услов да ги дели правата за дистрибуцијата на филмот, што од друга страна му одговарало на Селзник заради недостаток на финансиски средства.
За потпис на договорот Гејбл добил хонорар од 50000 долари, а за секоја наредна недела од снимањето добивал уште по 4500 долари што на крајот изнесувало вкупно 120000 долари.
Голем проблем бил да се пронајде сооддветна актерка за главниот женски лик Скарлет О’ Хара. Потрагата по неа траела цела година.За оваа улога се пријавиле 1400 актерки а од 400 од нив било побарано да прочитаат дел од улогата.Конечно во најтесниот избор се нашле две актерки Полет Годар и Вивиен Ли ,чии проби биле единствено снимени во боја. На крајот улогата и’ припаднала на дотогаш непознатата англичанка Вивиен Ли која дошла во Холивуд да го придружува својот свршеник Лоренс Оливие кој ја добил улогата на Хитклиф во филмот „ Оркански височини“.
Вивиен Ли на филмот работела 125 дена и заработила околу 25000 долари .
По изборот на Лесли Хауард и Оливиа Де Хевиленд за ликовите Ешли и Мелани , продуцентот Селзник конечно можел малку да здивне иако имало проблеми со актерот Лесли Хауард кој не бил одушевен со ликот кој требало да го толкува. Имено, тој бил и премногу возрасен за овој лик кој на почетокот од филмот има само 21 година . Заради тоа тој морал да има екстра шминка а носел и делумна перика за да изгледа помлад.
Интересно е да се спомене дека писателката Маргарет Мичел се согласила киот на Скарлет да го игра Вивиен Ли а нејзин прв избор за ликот на Ред Батлер бил актерот Базил Ретборн.
Филмот како режисер најпрвин започнал да го работи Џорџ Кукор но откако снимил17 минути од филмот , тој го напуштил снимањето бидејќи сметал дека сценариото едноставно не функционира како што треба а имал големи несогласувања и со актерот Кларк Гејбл заради барањата на режисерот актерите да се соживеат со ликовите кои ги толкуваат. Селзник се нашол во незавидна положба и по многу убедувања го ангажирал Виктор флеминг кој едвај се согласил да влезе во овој проект пред се’ заради сценариото кое едвај му било познато. А токму тоа било причина по извесен период и Флеминг да го напушти снимањето. Селзник се нашол во многу незавидна пложба бидејќи секој изгубен ден од снимањето чинел 65000 долари па заради тоа бил принуден да го ангажира Сем Вуд.Меѓутоа тој ниту од далеку ги немал квалитетите на Флеминг ,па така по две недели Селзник, Гејбл и Вивиен Ли отишле да го молат да се врати .Иако го напуштил филмот , режисерот Џорџ Кукор продолжил приватно да ги подучува актерките Вивиен Ли и Оливија де Хевиленд по нивно барање за време на викендите.
Маките на продуцентот Селзник не завршиле со крајот на снимањето на филмот. Со недели после тоа се работело на монтажата на филмот од снимениот материјал кој траел повеќе од 88 часа. Не помалку време било потрошено и околу вметнувањето на помпезната музика напишана од Макс Штајнер.Нему му биле дадени само три месеци за да ја напише музиката за овој монументален филм. Таа 1939 година за него била мошне плодна бидејќи напишал музика за дури 12 филма.Со речиси три часа музика овој филм има најдолга музичка подлога досега која е создадена во тој период.
Производствените трошоци на филмот биле 3,997000 долари. Во тоа време само филмовите „ Бен Хур“ од 1925 година и „ Пеколот на ангелите “ од 1930 година биле поскапи од него.
Филмот содржи повеќе од 50 говорни улоги и учество на 2400 статисти.За да се намалат трошоците а и да се испочитуваат правилата на унијата кои пропишувале употреба на максимум 800 статисти во една сцена, во сцената кога Скарлет го бара др. Мејд помеѓу 1600 ранети војници кои страдаат и умираат , останатите 800 статисти биле кукли кои биле распоредени помеѓу 800 тините живи статисти .
За снимањето на неколку грандиозни филмски сцени биле потрошени големи финансиски средства и ресурси. Така на пример, првата сцена која што била снимена на 10 декември 1938 година за потребите на филмот била големиот пожар. За таа цел било запалено депото во Атланта . Ако се случела и најмала грешка за време на снимањето на оваа сцена , тогаш целиот филм би можел да престане да се реализира.Таа сцена чинела 25000 долари и бил снимен материјал од 113 минути со седум ,тогаш постоечки, камери во Холивуд.При снимањето на пожарот , кој се одвивал на површина од 4 хектари, биле присутни десет пожарникарски возила,50 пожарникари и 200 помагатели од студиото кои требало да притекнат во помош доколку пожарот излезел од контрола. Дури три резервоари со по 5000 галони вода биле искористени за да се изгасне пожарот по снимањето на оваа сцена.
Жителите на Канзас Сити ги блокирале телефонските линии од јавување дека гори студиото на ЕМЏИ ЕМ.Се разбира, во колата која јури низ огнот не се сместени Кларк Гејбл и Вивиен Ли , туку нивните дублери Алин Годвин и Лила Фин. Инаку Гејбл во некои сцени од филмот го дублирале уште и Јакима Канут и Џеј Вилси.Дублер имала и Вивиен Ли и тоа во сцената на танцување со Ред Батлер. Имено бидејќи таа не знаела да танцува неа ја заменила Сали Де Марко. Но, уште поинтересно е тоа што и двајцата актери за време на снимањето на оваа сцена во крупни кадри, биле качени на платформа која ротирала во ритамот на музиката.
Првобитната верзија на филмот траела 4 часа и 25 минути кога за првпат бил прикажан на 9 септември 1939 година во Фокс театарот во Риверсајд во Калифорнија. Потоа филмот бил скратен за 48 минути и бил прикажуван во два дела со пауза од 15 минути.
Денот на званичната премиера на филмот, 15. Декември.1939 година во Атланта, гувернерот го прогласил за државен празник,односно за неработен ден.Цените на влезните билети за премиерата биле 40 пати поголеми од вообичаените цени на влезниците.Актерот Лесли Хауард бил еден од ретките актери кои не присуствувале на премиерата на филмот.
Филмот во 1940 година бил номиниран во 13 категории за наградата Оскар. На 29 февруари 1940 година во хотелот „ Амбасадор“ на церемонијата на доделувањето на на Оскарите филмот добил 8 оскари а продуцентот Дејвид Селзник ја добил специјалната награда Ирвин Талберг. Филмот меѓу другите ги добил наградите Оскар во категориите за најдобар филм, најдобра режија( Виктор Флеминг), најдобра главна женска улога ( Вивиен Ли), најдобра споредна женска улога (Хети Мек Дениел-прва црнечка актерка која добила Оскар), најдобро сценарио, најдобра камера за колор филм ( „ Однесено со виорот “ е првиот колор филм кој добил Оскар) ,најдобра сценографија и најдобра монтажа.
Има еден интересен податок дека тројцата од четворицата актери кои ги толкуваат главните улоги во филмот ,починале релативно млади.Така, Кларк Гејбл починал на 59 години, Вивиен Ли на 54 а Лесли Хауард на 50 години. И ден денес единствено е жива Оливиа Де Хевиленд која има 99 години.Иронично, нејзиниот лик е единствениот кој умира во филмот.
Прилагодено според инфлацијата филмот до 2012 година заработил 4 401 358 554,94 долари со што тој е најкомерцијалниот филм на сите времиња.За филмот , само во САД, досега се продадени 200 милони влезни билети.
Во 2007 година Американскиот Филмски Институт филмот „ Однесено со виорот“ го рангира меѓу шесте најголеми филмови на сите времиња.
За филмот пишувале многу филмски критичари и историчари. Можеби најдобрата оценка за него ја дал њујоршкиот критичар Босли Кроутер, кој рекол:„ Имаше и поамбициозни и пораскошни и подобри историски филмови . Но, никогаш не е снимен поефектен од него а веројатно ниту пак ќе биде снимен.“
И сосема за крајот од ова потсетување еве еден интересен податок кој е сврзан за него. Филмот„ Однесено со виорот“ за прв пат во Охрид е прикажан во 1955 година во периодот помеѓу 18 и 23 јануари кога биле одржани вкупно 13 престави. Филмот бил прикажан во целост со пауза меѓу двата дела.
Ѓоко Симјаноски / Публицитет.мк