Литературните творби „ Охрид во чест на Свети Климента“ од Сергеј Костовски ученик во прва година во ДТУ „ Ванчо Питошески“ и „ Ѕвездата кон Бога“ од Ема Николоска ученичка во четврто одделение во ОУ „Григор Прличев“ се добитници на наградите на Литературниот конкурс, кој по повод 8 Декември- Денот на Свети Климент Охридски- Патронот на Охрид, за учениците од охридските основни и средни училишта, го распиша градоначалникот Никола Бакрачески.
На добитниците, наградите во вредност од 3.000 денари, ќе им бидат врачени денеска во 13 часот во Куќата на Уранија.
На конкурсот пристигнаа 54 литературни творби од ученици од основните и средните училишта, од кои жири комисијата составена од писателите Смиле Наумоски, Маја Мојсова и Гоце Ѓоршовски, ги одбра двете најдобри.
Охрид во чест на Св. Климент Охридски
Мирисот на вековите застоен на каменот охридски испукан од времето и звукот на камбаната ја распарува тишината. Повикува за вечерна богослужба. Сиот клир се собрал пред црковните порти и со стравопочит и неовоземна љубов го чека својот духовен старец да го започне славословието кон Оној кој живее во вековите, предвечниот Бог. Црквата како алфа и омега, каде с`е почнува и с`е завршува.
Така светиот старец научи од своите учители, така им пренесува на своите ученици кои сега се околу 3500 на број кој не го имаат достоинството да се споредуваат со оној кој им сее мудрост од својата медна уста.
На почетокот беа седмочисленици, седуммина на број, како седумте свети божји тајни. Двајца рамноапостолни учители и пет корифеи, благословено наречени. Тие блажени оци, украси на црквата, беа создатели на првата азбука наречена глаголица. Тие го запалија фенерот на знаењето во помрачената земја. Работеа напорно с`е дури не се припоија кон небесните жители. Нивниот живот кој беше полн со добродетели беше пример за нивните ученици кои и по нивната смрт продолжија да се напојуваат од богатата ризница на евангелските богатства.
Но, при голема мудрост, големо е и страдањето, и кој умножува знаење, умножува и мака. На такви маки наишле и светите ученици кои го продолжиле делото на големите мисионери.
Страданија в коренети до в срце каде што исконот вирее в гради.
По смртта на кнезот Ростислав, на чело на Моравија стапи неукиот, ваврварски воспитан и исполнет со душегубни страсти, кнезот Светополк. Тој како лесен плен за проколнатите франки, кои на чело со Вихинг, кој пак на нечесен начин седна на епископскиот трон, ја ширеја аномејската ерес. Задоени од синото вино на тоа сатанско учење, тие грубо ги кршеа црковните канони, при што наидоа на отпор од светите ученици.
Долги беа полимизирањата. Светите ученици излагаа боговдахновени евангелиски примери и светоотецки поуки, но срцата на духоборците беа скаменети.
Раните што ги здоби тогашниот старец, понижувањата, измачувањата, оставија длабоки лузни на неговото тело.
Но, не и на неговиот дух. Бурата на искушенијата ја победуваше со пост, молитва и бденија. За сите беше с`е, татко на сираците, помошник на вдовиците, утеха на сиромашните.
Блесна како Деница, го осветли греовното иго и мрак и донесе светлина. И ете, ангел испратен од Оној, кој во својата десница ги држи седумте ѕвезди и кој владее со времињата, донесе златен сад, благослов на Духот Свети, сад исполнет со таланти и ги изли како златен прав врз душата на старецот.
Таланти кои како и евангелиското семе, наидоа на плодна почва и со голема ревност и труд дадоа стократен плод. Ангел исткаен од љубов, од трепети и копнежи. Остана верен на црквата, го поучуваше клирот, напиша безброј служби, го средуваше безредието, го состави Цветниот Триод и сето тоа на азбука на која беше доследен чувар на својот учител.
Азбука која го отвора патот на писменоста до денес. Азбука која станува блиска на својот народ, која доближувајќи му го најпрво словото Божјо, тој животоносен источник на мудроста ги одделува словесните луѓе од животинската бесловесност. Сите години во целост, овој небесен човек и земен ангел и служење на црквата и на народот.
Изнемоштен од големиот труд и многуте подвизи на крајот го предаде својот дух на Оној, на кому до последен здив му служеше. Божествениот христокопнежлив наш архипастир иако се насели во небесните живеалишта, сепак не н`е лиши од својата благодат до денешни времиња. Блесокот на вековите ја осветлува почвата на која се спојуваат минатото и сегашноста, местото каде почиваат твоите свети мошти.
Свети Клименте, наш застапнику и молитвенику пред Бога, местото на кое е изграден твојот свет манастир, на Плаошник, високо над градот, чиј Патрон си и кој секогаш достоинствено го славиме твојот помен. Тука, тука ќе изградиш манастир, ќе го славиш името Господово, и тука во оваа тишина благословена ќе умреш.
Духовната роса на писменоста со векови не губи од својата сила, чудотворноста на твоите свети мошти кои ги има на многу места од Бигорскиот манастир, преку Поречкиот, од Бер до Рим, сведочат за твојата големина.
И насекаде си подеднакво силен и почитуван заштитнику наш свет, наш и сеправославен, си и ќе бидеш додека постои овој род и овој век. Утринска роса која непрестано капе, како цвеќе кое никогаш не венее, како сонце кое не зајдува, така и твојот дух постојано ќе биде присутен меѓу нас.
Ако има човек којшто повеќе создал, кој има дух којшто е повеќе паметен, ако на денешнинава постои ваков светлозрачен спомен и пример за христољубие, тогаш вреди да се споредува неговото име со твоето име Клименте.
Сергеј Костоски
Sвездата кон Бога
Светлина во еден тмурен,сив ден.Ти,учителе.Ти,создателе на вредностите и смислата на животот…Ти вреднику..Што везеш буква по буква,света реч..Мижуркаш во темната ноќ,за да гледам јас.Под бедната светлина на жолтиот восок,ги оставаш своите очи,за да ги отвориш моите… Ти…битие,ангелу.Ти-човечност.Ти-човеку,божество во човечко тело. Уште сум мала,за да сум свесна за твоето значење и твојата големина.За светоста на твојата личност и твојата мисија.Но знам…Дека си многу голем човек,писател и учител.Дека си љубов,благодарност и почит. Ти си една од sвездите што го осветлуваат небескиот свод додека спијам и сонувам.Една од sвездите што тргнаа кон Бога…
Ема Николоска
Извор: ww.ohrid.gov.mk