Со скоро 30 килограми распоредени во 2 различни куфери и една малечка ташничка, пред 3 недели, за чудо, пристигнав неуморна на аеродромот во Скопје. Дестинација? Виена – Скопје. Времетраење? Три недели.
Откако го забележав познатиот поглед на татко ми во стотиците парови очи, си помислив: „По ѓаволите, повторно сум во Македонија“. Би ве замолила, не сфаќајте ме погрешно, татко ми си го сакам со секоја жива клетка во моето тело и бев пресреќна што го гледам, но да имав уште три недели да останам во Виена, без двооумење, би останала.
„Ајде, добредојде!“ – и ме прегрна татко ми.
„Добре ве најдов“. – и се фрлив во неговата прегратка, снаоѓајќи се некако да не ми паднат двата куфера.
По 3 недели подоцна, еве ме, пред компјутерот, обидувајќи се да склопам еден мал текст, кадешто нема да ве мачам со тоа како преубаво сум поминала во Ратхаус или во Шонбрун, како сум била во 10 различни музеи за, најпрво, да им се восхитувам на делата на Шиле и Климт, нема да ви раскажувам за сончевите денови покрај Дунав и шест-часовните секојдневни настави, а и сигурно не ве засега во кое кафуле сум била и дека сум испробала едни од најубавите вина и пиво во светот. Не, навистина имате среќа, но можеби не, бидејќи во овој мој мал искрен текст ќе прочитате за се’ она што ми оставило позитивен впечаток во мојот тринеделен престој во Виена. Доколку, навистина бевте тука за да прочитате какво беше пивото Отакринг, тогаш престанете со читање овде.
Пред да почнете да ме критикувате или да си помислите, што му е на девојчево, би сакала само чисто да се „провлечам“ низ оваа непријатна ситуација и да ви кажам дека јас си ја сакам Македонија, дека сум, колку-толку, горда охриѓанка, но мене нешто ми фали во целава приказна. Зошто кога толку многу си ја сакам својата држава и секогаш кога заминам некаде од неа имам некаква навика да ми фалат моите, зошто токму тогаш имам толкава желба, како и поголемата половина од другите млади жители, без двоумење да ја напуштам Македонија?
Има многу дискусии и расправии, добри страни и последици од сета оваа работа, но еве јас ќе пристапам на работата вака:
Прво, преку едно малечко дијаграмче, ќе ви поставам едно прашање:
Доколку вашиот одговор е „Да“, тогаш овој текст повторно не е за вас и имате уште една можност слободно да престанете со читање. Доколку вашиот одговор беше негативен, тогаш ајде да разјаснеме некои работи, кои мене постајно ми беа познати и свесни, но ми се разјаснаја малку подобро откако заминав во Виена.
- Културен живот
Веќе уште одамна постои ставот дека Македонија не може да се споредува со културниот живот на другите земји, особено на западните држави. Сметам дека е точно. За рок од три недели, бев културно и душевно исполнета, што ни еден миг не помислував на банални работи, како што е „Еј, не отидов на кафе денес“. Факт е, посетував места во Виена кадешто ќе си ја почестев душата со некое добро кафе или традиционално виенско јадење, но колку што ми беа исполнати батериите од самата архитектура, историја, култура, мода, уметност и начин на живот во градот, не ми биле никогаш до сега. Јас се сметам себеси за човек кој е се вљубува многу лесно во градови кои раскажуваат некаква историја, пренесуваат некаква либерална атмосфера и се дом на многу познати писатели, архитекти, философи и мислители. Едноставно се занесувам во начинот на којшто на еден начин можеш да бидеш дел од местото каде Кафка творел и каде Егон Шиле бил осудуван за неговите малку поразлични гледишта и уметнички дела. Се вљубувам во архитектурата, ја вдишувам историјата и му се восхитувам на начинот на којшто Виена во секој момент ми нуди да погледнам некоја театарска претстава, да бидам дел од некој настан или спортска или друга активност. Се цени културата. Се цени уметноста. Она што многу ретко се прави кај нас. Не кажувам со ова дека ние немаме квалитет или дека не можеме да го почувствуваме истото и на нашето тло. Ќе ви дадам чист пример: пред да заминам, во Струга се организираше фестивалот ДримОН. Ја имав можноста да бидам публика на една од подобрите, а би можела и да речам најдобрите театарски претстави во мојот живот – ДА ГО ПОЗДРАВИШ И ДА МИ ГО БАЦИШ, претстава која ја гледав со големо внимание и претстава на која на самиот крај успеа да ме расплаче. Не дека немаме, не дека не можеме, имаме квалитет, но не често се акцентира тоа во нашава државичка. Зошто не се произведуваат повеќе вакви културни настани? Покрај тоа, Охрид изобилува со толку многу природни убавини (во овој текст главно ќе се задржам на охридскиот регион) и луѓе јас навистина не знам за вас, но јас мислам дека не знаеме да ги цениме. Секоја можност што ја имав додека бев во Виена, се обидував да го „промовирам“ Охрид, бидејќи единственото нешто што поголемиот дел од 90-те учесници од 30 држави го знаеа за Македонија беше Скопје, корумпираната политика и дека сме соседи со Грција (или дека спаѓаме во Грција, но не навлегувам во тоа). Поинтересниот дел ми беше и кога ме прашуваа дали сме имале сопствен јазик, прашање на коешто верувам дека Блаже Конески се превртува во гробот. Дали тоа било потсмев или не, смирено ќе прифатев секаков коментар, бидејќи бев сосема свесна дека и поголемиот дел не учат за Балканот или немаат слушнато или едноставно не ги интересира, па затоа најчесто се обидував да им ја објаснам Македонија на наједноставен и најпозитивен начин што можам. Не ми е проблемот што со странци морам да објаснувам каде е Македонија, бидејќи е позната итн. Проблем ми е што, голем број од нас Македонците не ни знаат кој е Блаже Конески, кога веќе го споменав. Наместо ние да бидеме горди, да учиме за нашите поети, уметници, философи итн. и како граѓани да се потрудиме нашата литература, уметност да ја пласираме некаде во светот, ние што правиме? На училиште учиме за Блаже Конески, Григор Прличев, браќата Миладиновци итн. само за да извадеме добра оцена на матура. Но, да не се лажеме, на матура ионака сите постигнуваме врвни резултати, бидејќи „сите“ сме препишале. Упс, ја кажав долгочуваната тајна за нашето образование и сега што?
- Менталитет
Многу добро познат факт е дека во Виена има многу иселеници од Балканот, а и самата престојував во хостел којшто беше во дистрикт во кој најмногу доселени имаше од нашите простори. Немав никаков проблем, навика ми беше да слушам често и српски, па и турски, а и сметам дека таа мулти-култи мешавина и’ дава на Виена посебна специфичност. Но, кога станува збор за луѓето нивното однесување и менталитет, веднаш може да се препознае кој е чистокрвен Австриец, а кој е доселен. Балканци ко Балканци, секаде не’ има и воопшто не ме чуди. Но, не би се задржувала на таа тема, туку сакам малку да ја посочам разликата меѓу луѓето кои живеат таму и луѓето овде. Само што пристигнав во Охрид, наместо „Добредојде“ бев пречекана со „Еј, знаеш кои раскинале..? А, и да, овие се сега заедно“. Океј, добро, браво за нив. И Трамп стана претседател, па во денешно време ништо не би ме чудело. Како и да е, живееме во мал град. Скоро 60 000 жители, кои помалку или повеќе се знаат меѓусебе. Уште од старт – црвено светло. Па, и Скопје макар нека е, и надвор од Македонија, нема како нас – се’ да дознаеме први, се’ да слушнеме, да направиме сопствена верзија од приказната, па да ја прекажеме и на крај каша-попара, наеднаш расипани врски. Сум чула многу работи, а и се’ уште слушам, но со тек на време си се навикнувам, бидејќи веќе знам како работи просечниот мозок на еден охриѓанец. Не, не навредувам никого. И јас сум охриѓанка и јас си имам свои маани и знам да седнам на кафе со другарки да терам бош-муабет, но не одам до мери да правам драма. Не одам во мери, да се вмешам во туѓ живот, затоа што мене ми било здодевно и морам некако да си го наполнам егото. Па нели живееме во слободна држава, кадешто секој може да прави што сака (не алудирам на баш се’, но мислам дека поентата е јасна)?! Ајде да не го одолговекуваме ова, зашто кога веќе сте стигнале до овде, знаете на што потенцирам.
Но, има една работа којашто ми е многу интересна. Во Виена видов и запознав најразлични луѓе, од различни држави и религии. За стилови да не зборуваме. Едно девојче со пола црна, пола црвена коса си се шеташе најнормално покрај Мјузеумквартиер. Кај нас да се шета некоја така или не дај Боже е наркоманка или има здравствени проблеми, т.е. ненормална. Па и политичарите кај нас се облекуваат најелегантно и најпримерно, но за жал (како и на многу други места) крадат пари ко „ненормални“.
Друг интересен пример што навистина ми е смешен е следниот: Излегувам сама навечер, со слушалките во уши и шетам покрај кејот, ќе сретнам некој познаник и ми вика:
„Шо прајш?“
„Нишо бе ево, си пешачам, ти?“
Ни пет, ни шест, заборава дека сум го прашала нешто и ми враќа:
„Сама?“
Па како што гледаш очигледно нема никој околу мене, освен твоето, во моментов веќе здодевно присуство, па да, 100% сум сигурна дека САМА се шетам покрај кеј.
„Да, сама“. – и така завршува разговорот.
Не знам зошто, но зарем е толку чудно да си шеташ сам? Хм, па најверојатно тогаш секој втор во Виена е чудак. Па, не знам…
Не, дека нема низ цел свет вакви случаи, има, но кај нас е веќе традиција, знаете како што правиме ајвар секоја есен, така и осудувањето и стереотипот ни се главни состојки на менталитетот.
- Образование
Мислам дека тука е јасно, нема што да се зборува, нели? Поправете ме ако грешам.
Тоа би биле, засега, сите точки кои сакав да ги покријам. Неспорно е дека секоја држава има свои предности и недостатоци и не викам дека Македонија е најлошото место за живеење. Потребни се само многу, многу чекори за да стигнеме до една пософистицирана скала – луѓето сме тука, условите ни се тука, потребна е само промената на погледот кон нештата. За ништо не би го заменила Охридското Езето и погледот што ми го нуди градот рано наутро и на зајдисонце. Макар и заминала Виена (или кое било друго место), домот и срцето мене ми се тука. И во секој случај нема да лажам дека кога за прв пат го видов штандот за балкански производи во супермаркетите дека срцето барем малку ми затрепери. Иако го обожувам саркастичниот, опуштен и отворен австриски народ, толку сакам и да му помогнам на нашиот да започне да гледа на повеќе страни, а не да е закован во место. Како млад жител на Македонија, која сака да се надградува и се’ уште да учи и да стекнува искуства, јас се чуствувам како инвалид се’ додека седам тука. Можеби грешам, можеби не, но се’ додека човек не искуси самиот, никогаш нема да знае.
На сите што можеби ве разубедив со моето размислување, мило ми е. Сите коишто можеби ги „испровоцирав“ или повредив на некој начин, се извинувам (но, директна сум по природа, а против природата не се може). А, за сите тие кои успеаа да го дочитаат овој текст без пречки и со задоволство, само ќе ви споменам – пивото во Отакринг беше топ.
Servus!
Дамјана Видическа, беше во Виена, сега е пак во Охрид.
Публицитет.мк