„На минување“ Публицитет мк деновиве се најде во посета на Основното училиште „Братство – Единство“ , поточно во училиштната библиотека каде не пречека познатиот охридски писател и поет Смиле Наумоски, на своето работно место библиотекар.
Логично нашиот разговор започна и заврши за и околу книгите на полиците. Го прашавме Наумоски какво е чувството кога од една голема библиотека Градската ќе се најдете во една далеку помала,ама исто така со големо срце?
-Среќен сум што сум тука, што контактирам со децата. Токму тие се нашите идни читатели, се трудам да им ја разбудам желбата да читаат, а потоа да раскажуваат и препорачуваат книги и на другите. Токму оваа библиотека се чини е вистински трезор во која можат да се најдат мошне стари книги печатени уште по ослободувањето на Македонија. Таков е случајот со романот „Град“ на Бошко Смаќоски или „Блокада“ од Јован Бошковски, вели Наумоски.
Поетот и писател Смиле Наумоски призна дека за најновиот роман за деца и млади „Новиот ден“ инспирацијата ја добил токму во училиштето.

Ќе слушнете зошто Смиле го сака Тагоре, зошто ги чита изданијата на останатите колеги?
Ни кажа дека во мигов е во процес на брусење на неговите последно напишани раскази и дека сегас ги бруси како што дијамантот се бруси пред да го добие конечниот избор. Од нив го издвојува расказот „Леонардина“ кој веќе е објавен и наскоро ќе се најде во книжарниците и според него ќе треба да го пропатува светот.
Со него зборувавме за младата генерација автори кои се дел од Литературниот клуб при НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид и за тоа има ли достојна иднина познатата Охридска поетско – раскажувачка школа.
Милчо Јованоски , Публицитет.мк






