Во сабота на 19 ноември од 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Охридски легенди – Живот посветен на музиката“ во кој се говори за покојниот Наум Гаврилоски.
Автор на сценариото,снимател, наратор и режисер е Љупчо Паункоски, а монтажата на овој 50 минутен документарец е на Бранислав Силјаноски.
Тоа беше повод НА МИНУВАЊЕ да разговараме со Љупчо кому ова не му е прв филм и познат е во охридската и македонската јавност како голем вљубеник во подвижните слики и минатото на градот и родната Малесија.
Љупчо Паункоски, автор на документарецот
Како дојдовте на идеја за ова ваше најново филмско остварување?
-Интервјуто со Наума го снимив уште пролетта 2015. Меѓутоа од разни причини филмот го комплетирав дури оваа есен. Може да се каже дека комплетно го завршив во почетокот на месец октомври.
Инаку, идејата се роди уште пред околу 2 години на иницијатива од неговата последна генерација фолклористи од КУД „Бисери“ кои ме замолија да направам еден документарен филм за нивниот Шеф – чичко Номче – Наум Гаврилоски . Предизвикот го прифатив. Ми требаше доста време да научам или да избарам се’ што е поврзано со него. Што значи целиот негов животен пат така речи од неговото раѓање, па се’ до неговите последни денови. Филмот го нареков „Охридските легенди: Живот посветен на музиката“
Зошто охридските легенди ?
-Бидејќи Наум е само еден од многумината интелектуалци кои оставиле свој белег во градот Охрид кој ќе биде длабоко врежан и ќе биде поттик не само за сегашните, туку и за идните генерации кои ќе дојдат после нас.
Во овие интелектуалци кои го задолжиле градот Охрид може уште да се набројат и Леко Радиќ, Менде Бараковски и многу други луѓе од областа на фудбалот, ракометот, пливањето како Атина Бојаџи, Дики Бојаџи …
За оние помладите и за оние ретките во Охрид кои не го познаваа Наум Гаврилоски – кој е тој?
-Во долгата и бурна историја на градот Охрид, многу луѓе со своите дела оставиле свој белег кој засекогаш ќе биде длабоко врежан и ќе биде поттик не само за сегашните, туку и за идните генерации што ќе дојдат по нас. Една од тие легенди, ако може така да се нарече, е и Наум Гаврилоски. Спортист – фудбалер, професор по музика, педагог, уметник, композитор и што уште не. Тој во својот повеќедецениски работен век придонесе за развојот на културата не само во нашиот град, туку и пошироко, афирмирајќи ја нашата држава и надвор од нејзините граници, претставувајќи го нашето културно и фолклорно богатство. И илјада збора нема да бидат доволни за да се опише цел еден животен век посветен на музиката.
Кој се ви помогна да ја вклопите приказната и мозаикот наречен Наум?
Соговорници покрај Наум во филмот ми се и: Менде Бараковски, Диме Павлоски, Ѓоргивка Коталеска, Димче Трајчески, како и фолклористите од неговата последна генерација: Лазе Неданоски, Симон Котлароф, Владимир Булатович, неговиот син Гоце Гаврилоски и Горан Калајџиски.Секој од свој агол фрлаат зрак светлина врз трагите кои ги остави зад себе Наум.
Се надевам дека филмот ќе биде добро прифатен од публиката и на еден достоен начин ќе биде еден вид израз на наша благодарност кон се’ што сторил за Охрид покојниот Наум Гаврилоски, вели Паункоски за Публицитет.мк
Фотографии: архива на семејството Гаврилоски
Автор: М. Јованоски, Публицитет.мк