Поведовме разговор со драмскиот писател Душан Ристевски по повод неговото најново драмско дело СОНЦЕ МОЕ кое набргу ќе се изведе од Австралиско македонскиот театар од Сиднеј. Премиерската изведба е на 4 ноември во 19 часот во Civic Theatre во Хрствил.
. Душан, овој Театар, можам слободно да забележам, покрај Литературното друштво „Григор Прличев“ е единствена македонска организација која косистетно го негува и промовира македонскиот јазик и култура во Австралија.
Љубовта кон македонскиот јазик и театарската уметност не поттикнува да работиме во промовирање на македонската култура и нација. Постоиме повеќе од десет години. Како и во минатите години, сакаме да бидеме присутни на Фестивали, во случајот каков што е со Фестивалот за култура Discovery Festival for Community Arts, во општината Georges River. Тоа е најдобриот начин во промовирање на македонската нација, каде нашите продукции имаат можност да ги видат и австралјанци од немакедонско потекло. Како што знаеш Театарот има добивано повеќе државни награди за уметност и нашите настапи се ценети од австралјанските културни средини. Па не е ни чудно што сме пак поканувани на вакви фестивали. Убаво е да спомнам дека и нашиот режисер Стефо Нанцу има добивано и интернационални награди и признанија.
. Душан, кој е поводот да се напише драмата „Сонце мое – My Sunshine“?
Преку оваа драма сакав да ја прикажам љубовта што родителот ја има кон своите деца, посебно кон децата кои имаат некои развојни попречености или попреченост поради сообраќајка. Не мислам на обична љубов, туку на „двојна љубов“ што постои за да може родителот да ги истрае различните предизвици поврзани со телесното и интелектуалното/ менталното здравје на своите деца. Но исто така да ја прикажам жената како најјакиот и најглавниот столб во семејството (куќата) без која семејството не може да функционира. Доколку нема љубов нема да постои семејството, ќе се распадни, ќе се распадни и општеството. Едноставно во оваа драма нема ништо што не повикува на омраза, непочит туку ни покажува и ни дава надеж дека со љубов има излез од сите ситуации, има иднина.
. Луѓето со попречености многу лесно можат да бидат заборавени од општеството.
Точно, воглавно тие живеат во маргината на општеството или во посебни гета, не дека не сакаат да бидат рамноправни граѓани туку некои граѓани мислат дека тоа е најдоброто решение, по изреката “out of sight out of mind“. Старателите се тие кои се жртвуваат за своите деца или партнерите и многу малку се знае за нивните перипетии и страдања, а еве и тоа го експонирам, публиката да влези во психата на тие луѓе кои се вистинските „ангели“ без кои луѓето со попречености не би живееле во слобода туку би биле некаде затворени и заборавени од општеството.
Урнебесната комедија „Баба се мажи“ привлече најголем број гледачи, каков мислите ќе биде односот на публиката кон вакви теми?
Досега како што знаеш успешно сме поставувале на сцена комедии и трагедии, мјузикал и монодрами. Имаме широк репертоар за да привлечеме различна публика и ме радува дека успеваме да поставиме на сцена наши оргинални дела наменети не само за постарата туку и за помладата гледачка публика. Во „Сонце мое“ иако се обработуваат сериозни поучни теми, има доста комични сцени кои ќе бидат забавни за публиката и верувам дека ќе им се допадне. Глумечкиот тим се состои од врвни уметници, наградувани артисти: Валентина Апостоловска, Васко Србиновски, Јаворка Котевска, Зоран Гулабоски, Мена Ристевска, Татјана Нешковска, Антонио Нешковски, Никола Апостоловски, Стефо Нанцу. Инаку преставите ќе се дадат во Хрствил, Когра (две престави), Бенкстеон (две престави) и Волонгонг.
Честитки Душан како до тебе така и до целиот ансамбл на АМТ од Сиднеј со желба да ви се множат драмските продукции.
Иван Трпоски, Сиднеј за Публицитет.мк