До 6 октомври треба да се усогласат сите барања во однос на изборната регулатива, а до 15 октомври треба да падне договорот за натамошното функционирање на МРТВ како јавен сервис и на Агенцијата за медиуми. Тука е и прашањето за составот и надлежностите на анкетната собраниска комисија за прислушуваните материјали.
Овие преговори се дел од договорот од 2 јуни и 15 јули во Пржино за надминување на политичката криза во Македонија.
Во однос на активната регистрација на гласачите, на составот и надлежностите на Државната изборна комисија веќе е постигнат некаков начелен договор. Но, нема договор за гласањето на дијаспората, за бројот на изборни единици, за изборниот модел, за составот и надлежностите на анкетната собраниска комисија, за проблемите во медиумската сфера…
Роковите се 6 и 15 октомври, а од 20 октомври ќе треба да се пристапи и кон составување на нова влада – нови министри за внатрешни работи и за социјални работи кои ќе бидат од редовите на СДСМ, како и неколку заменички министерски места.
Премиерот Никола Груевски ќе се повлече од функцијата до Нова година, а од 15 јануари ќе имаме нова влада со нов премиер предложен од ВМРО-ДПМНЕ, која до 24 април ќе треба да работи на спроведување на уште едни предвремени парламентарни избори.
Извор: МКД.мк