Стигна првиот предлог на наша читателка во оваа рубрика . Со задоволство го објавуваме изборот на Марина Шикова – Димовска, дипломиран филолог по македонска и јужнословенски книжевности.
ПОБРЗАЈ И ПОЧЕКАЈ!
Побрзај да стигнеш до паркот и таму почекај да расцутат дрвцата. Побрзај да влезеш во концертната сала и чекај диригентот да замавне со палката. Побрзај да се качиш на авионот и чекај пилотот да добие дозвола за полетување. Побрзај да го фатиш првиот автобус од аеродромот до градот и таму чекај го трамвајот што ќе те однесе до плоштадот. Побрзај да се качиш со тешките куфери и почекај да ти го побараат билетот. Побрзај да стигнеш навреме на плоштадот, застани до споменикот и почекај ме таму. Побрзај и почекај! Веројатно малку ќе задоцнам.

ДОДЕКА СПИЕШ
Додека спиеш секогаш сум буден, како да живеам на другата хемисфера. Додека спиеш секогаш сум буден, иако прв ги затворам очите. Додека тонеш во сон, клепките секогаш самите се отвораат, небаре се разденува. Додека спиеш редовно го подотворам покривот на четири води за да можеш да ги гледаш планетите и ѕвездите на сите четири страни на небото. Свирам по една приспивна песна на сите инструменти од Филхармонијата кога твојот сон е немирен, а кога спиеш цврсто по ѕидовите ковам нови слики за да те изненадат кога ќе се разбудиш. Додека спиеш, редовно чувам стража да не падне некоја комета од отворениот покрив. (Додека спиеш внимавам на секој кучешки виеж.) А кога се будиш, моите очи редовно самите се затвораат и тонам во неколкуминутен сон. Не дека сум уморен – сакам и ти малку да ме гледаш додека спијам. Уште повеќе сакам кога ме будиш и ме викаш спанко.
Кој е Владимир Мартиновски?
Владимир Мартиновски (1974) e поет, раскажувач, есеист, преведувач. Работи како доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет, а докторирал на Универзитетот Париз 3 – Нова Сорбона. Автор е на книгите: Од слика до песна – интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности (студија, 2003); Морска месечина (хаику и танка, 2003); Скриени песни (хаику, 2005); И вода и земја и оган и воздух (хаику, 2006); Споредбени триптиси (студии и есеи, 2007); Les Musées imaginaires (студија, 2009); Ехо од бранови (хаибуни, 2009); Слики за читање – аспекти на екфразиската поезија (студија, 2009); Квартети за читање, гледање, пеење и слушање (поезија, 2010); Споредбени диптиси (студии и есеи, 2011) и Побрзај и почекај (песни во проза, 2011). Ги приредил книгите: Ut pictura poesis – поезијата во дијалог со ликовните уметности, тематски избор од македонската поезија (заедно со Нухи Винца, 2006), Метаморфози и метатекстови (заедно со Весна Томовска, 2008), Als een vlinder een gedicht wordt – Кога пеперугата станува песна (заедно со Лидија Капушевска-Дракулевска, 2010), Одисеи за Одисеја (заедно со Весна Томовска, 2010), Нов македонски хаики-бран (2011) и Лирски додекамерон (2012). Добитник е на првата награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ (2009), како и на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2010).
Публицитет.мк






