Една од најубавите француски поп романтични балади секако е композицијата „ Алин„ на францускиот пејач Кристоф.Песната беше еден од најголемите летни хитови во 1965 година а синглот беше продаден во еден милон примероци.
На 25 септември .1965 година се искачи на првото место на најслушани песни во Белгија. Една година подоцна се искачи на првото место на најслушани песни во Израел.
Оваа бавна романтична балада зборува за едно момче кој ја моли својата девојка да му се врати.Кристоф ја компонирал песната додека бил во посета кај својата баба кога бил поканет на ручек.Во моментот на пишувањето на песната, тој немал име за песната.Еден ден, отишол на стоматолог каде асистентката ја прашал за нејзиното име. Таа му одговорила дека се вика Алин. Името толку многу му се допаднало , што веднаш одлучил името на песната да биде „Алин“.
Оваа песна е негова втора композиција и воедно негов прв и најголем успех.Неговиот прв сингл со песната „ Нејзиното име беше Софи“ бил продаден само во 27 примероци.
Во едно интервју Кристоф рекол дека „ Алин“ е неговата најомилена песна и дека ја пее со задоволство веќе цели 50 години.
Интересно е да се спомене дека песната доживеа и судска постапка откако пејачката Џеки Мулиер го тужела Кристоф за плагијат. Но Кристоф го добил спорот во своја корист.
Во 1979 година , кариерата на Кристоф се нашла во криза. Неговата сопруга Вероник
му предложила да ја реиздаде песната „ Алин“. Кристоф го послушал нејзиниот совет и без никакви измени од оригиналот ја издал песната. Новото издание на песната станал голем хит исто како и оригиналот од 1965 година и бил продаден во милион примероци.
Има еден мошне интересен податок за оваа композиција на Кристоф а која е повразана со бивште југословенски простори. Имено, во 1966 година телевизија Белград во рамките на својата играна тв програма емитуваше една тв серија насловена како „ Црниот снег“ на авторот Радивоје Лола Ѓукиќ. Серијата имаше десет епизоди а насловната музичка тема „ Црн снег “ ја пееше Арсен Дедиќ . Тоа беше всушност препев на композицијата на Кристоф со нов текст на српско хрватски јазик.Песната во изведба на Арсен Дедиќ во тој период беше голем хит. Инаку, Арсен Дедиќ беше автор на музиката за оваа тв серија.
Во 1965 година тогаш познатата американска компанија „ Себург“ за производсво на џубокс апарати, ги откупила правата за емитување на песната „ Алин“ и ја испратила во САД за да биде додадена во изборот на песните во џубоксите кои биле разместени на локации низ целата земја за да го тестираат интересот кај слушателите за француската музика од тоа време.Доколку промоцијата би се покажала како успешна , би биле нарачани уште 50000 примероци од дополнителни француски хитови.
Дека песната и ден денес се слуша со задоволство и дека преставува некаков мост меѓу минатото и сегашноста, говори и еден мошне интересен податок.Во октомври 2017 година гигантот во автомобилската индустрија Фолксваген , ја искористил оваа песна како музичка позадина во телевизиската реклама за продавање на своите автомобили во Торонто, Канада.
Потсетување на вој голем музички хит , во изведба на нејзиниот автор, Кристоф.
Пишува: Ѓоко Симјаноски