• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
недела, октомври 18, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Три песни од Петре М. Андреевски

ноември 17, 2015
in Во потрага по трајната убавина

ПРВО ПИСМО

(Од циклусот Пет љубовни писма)

Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство:
ни детските шепоти што ги откривав
во сеидбите на дождовите,
ни закажаната бура во пајажините
од крајпатните меанчиња,
ни воздушните патишта, осветлени од ластовиците
ни она што добива форма само во мојот слух,
ни мојот слух додека во него задоцнетиот штурец
го навиваше својот ноќен часовник,
ни родилните маки на фрленото семе,
ни разгорениот пожар на главата од петелот
додека бега од сенката што слегува од небото,
ни просторот што ми остана меѓу твоите раце,
меѓу твоите два припека,
ни змијата што го возбудува врвот од житата,
ни снежните намети и налети во афионовите полиња,
ни пламенот што надојдува, како есенска магла,
во низата од пиперките,
ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот,
ни притаената светлина во купениот кибрит;
ништо не е повидливо од твојата трага
пред мене и зад мене, со мене и во мене.

ПЕТТО ПИСМО

(Од циклусот Пет љубовни писма)

А те барав во учебниците, те барав низ вековите,
во заседите на ветрот, во прангиите на зимите,
во неразбраниот срам на хоризонтот пред зајдисонце,
во неразбирливиот копнеж на ракатката – тутун,
што се дипли и оддиплува меѓу прстите,
во раскуќената светлина од слепите и мртвите,
во рамнотежата меѓу минатите дни и идните ноќи,
во ропството на душата од дувачите на стакло.
Те барав во нагласокот од непознатите јазици,
во отседланите вечери и празните постели сред поле,
во вчудовидената јаглика на увото на билјарките,
во интерпункцијата од говорот на уплаканите деца.
Те барам во жестоката можност за обединување
на мојот раштркан народ,
во стракот киселица, во неупотребениот воздух,
што ги караше и миреше соседните села,
покрај наковалните од жешките и женски пладниња
меѓу овошките упатени кон својата сезонска цел,
во иглата што го зашиваше темното и светлото.
Те барав, наслушнувајќи го подземното тапанче
што беше срцето на успаните жетвари.
Те барав зад небото, во небеските кртечини,
во непрочитаниот струјомер од угаснатата светулка,
во атентатите од моите луѓе на моите луѓе,
во непроучената постојаност на страните од светот,
непроучена, а разбрана како постојана денгуба.
Те барав во незавршениот страв на ѕвездата што паѓа,
не можејќи ништо да допре во просторот.
Те барав, те барав, во сè и сешто,
Те барав, а барајќи можев само да те сретнам,
но не и да те најдам, но не и да те најдам.

ТРКАЛЕЗНИ ФОРМИ

(Пофалба на жената)

Тркалезни ти се очите
и местата од кај што ме гледаш,
управувајќи со моите движења.

Тркалезна ти е устата
што ги оданочува зборовите
и што ја прославува насмевката.

Тркалезни ти се рамената
и тркалезен ти е вратот
што е единствено скеле од каде
сета татковина е видлива.

Тркалезни ти се дојките
што се подвижни камбанарии
и подигнати пушки од заседа.

Тркалезни ти се брадавиците
и медното саќе на нив
и млечниот рудник, првата почва,
првата средба со исхраната.

Тркалезни ти се слабините,
тркалезно што се шират,
рамномерно што се враќаат.

Тркалезна ти е половината
и ветрот што се врти околу неа,
како колцето околу оската,
како преѓата околу вретеното.

Тркалезен ти е папокот
што е лузна на раѓањето
и сеќавање на точката
откај што тргнал животот.

Тркалезни ти се колковите
од кои се одбива светлината
што е единствено вратниче
за вомракот и за в помрачина.

Тркалезни ти се колената
што ги чекам да ми проговорат
и тркалезни ти се петиците
што те одделуваат од земјата.

Тркалезна ти е прегратката
кога ме љубиш, кога те љубам
и тркалезна ти е солзата
кога од мене се разделуваш.

Тркалезна ти е трпезата
на која ручаш и вечераш,
а и лебот и садовите,
ко трпезата се тркалезни.

Тркалезно ти е јаболкото
што го честиш со устата
и тркалезно е виножитото
во лубеницата што ја отвораш.

Тркалезна е водата
што ја зафаќаш со грстите
и водата кога ти прави место,
помагајќи ти да се искапиш.

Тркалезно е и семето
што го засејуваш во нивата
и тркалезен е надолу патот
по кој слегува неговиот корен.

Тркалезно е сонцето и сончогледот
што изгрева заради тебе,
заради твоите тркалезни форми
без кои и јас не знам кај би гледал.

Публицитет.мк 

Посетеност: 594
Share
Previous Post

МРТ го претстави Етичкиот кодекс

Next Post

Слика на Модиљани продадена за 170 милиони долари, името на купувачот од Кина се чува во тајност

Next Post

Слика на Модиљани продадена за 170 милиони долари, името на купувачот од Кина се чува во тајност

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 594

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk