Покрај многу бројните убавини што и’ ги дала природата на Трпејца таа и го подарила и и’ го зачувала ова три века старо благородно стебло.
„Осаменото стебло во Трпејца поради убавината често пати е набљудувано и фотографирано од многу странски и домашни туристи. При моето набљудување на овај даб констатирав дека дебелината на градната висина е161сантиметри со висина од околу 20 метри. Ако се пресмета дрвната маса, таа би требало да изнесува околу 28 просторни метри. Во стручната литература пишува дека се работи за македонски даб поради што е застапен во Република Македонија, вели за „Публицитет.мк“ пензионираниот шумарски инженер со пост дипломски студии, оддел специјализација Ристо Климоски од Трпејца.
Спред Климоски, овај вид даб има прекинат ареал. Тој почнува од југозападните делови на Италија, а на Балканскиот Полуостров допира најдалеку, западно од текот на реката Вардар. Застапен е во Грција, Албанија, Црна Гора и Хрватска. Освен тоа, овој вид е застапен и во Мала Азија во реонот на Троја каде што бил најден и опишан за прв пат.
Македонскиот даб е листопаден вид, карактеристично е што лисјето му опаѓат следната пролет пред повторното зазеленување.
Листот е кожест, од горната страна, темнозелен и изгледа како лакиран, од опачината е светло- зелен, гол или влакнест.
Желадот созрева во средината на месец октомври. Тој е крупен со зарамнат врв или малку вдлабнат. Македонскиот даб расте со средна големина и е висок до 20 метри.
Осамените стебла можат да достигнат над 1 метар дебелина. Крошната им е разгранета и најчесто заоблена до топчеста. Дабот има бавен раст, а тоа е условено и од лошите услови на кои вирее.
Македонскиот даб продуцира тврдо и тешко дрво кое наоѓа различна примена. Дабовото дрво има голема калорична вредност при огрев, вели Климоски.
„Публицитет.мк “
Фото: ФБ профил на Ристо Климоски