Во галеријата „Робевци“ синоќа беше отворена самостојната изложба на охридскиот уметник Ѓорѓи Крстески.
Тој е роден 1942 година во Долно Средорече, Дебрца . Завршил училиште за применета уметност во Скопје, оддел графика кај професор Драгутин Аврамоски-Гуте а на Педагошката академија во Скопје дипломирал во класата на професор Вангел Коџоман.
Пред пензионирањето Крстески работеше како конзерватор на фрескоживопис, иконографија,мозаик и графичка документација во Завод и Музеј – Охрид.
Претходно беше ангажиран како ликовен педагог во ОУ „Братство – Единство“ . Тој и генерации негови ученици учествувале на врвни ликовни конкурси во Македонија и странство.
Зад Крстески се бројни групни изложби и учества на ликовни колонии. Неговите цртежи се дел од повеќе книги и публикации. Животно дело му претставува комплетното зографисување на десеттина цркви ширум Македонија.
Во присуство на бројни колеги, роднини, соработници и пријатели изложбата на Ѓорѓи Крстески ја отвори советникот кустос Никола Николоски.
– Крстески го познавам пред се’ како одличен конзерватор, копист и цртач на византски живопис, иконопис и ранохристијански мозаици. Неговиот раскошен талент се препознава и гледа во неговите акварели и делата во техниката масло на платно. Неговото сликарство е лесно препознатливо и читливо, што е особина само на големите мајстори, рече Николоски.
Публицитет.мк