На 27 октомври во 20 часот во галеријата „Прима Центар“ во Берлин ќе биде отворена изложбата „Страст за носталгија“ од сликарот Сашо Блажес од Охрид.
На ова прво претставување на авторот пред берлинската публика ќе бидат изложени дела од неодамнешната изложба во галерија „Робевци“ како и дел од најновото творештво заокружени со истиот наслов „Страст за носталгија“.
Кураторот на изложбата е Маја Чанкуловска- Михајловска во каталгот за изложбата ќе напише:
– Овие портрети на познати личности и блиски лица се впечатливи преку деконструкцијата на претставениот лик, деконструкција која може да се толкува како преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста. Самиот автор ја дефинира појавноста во своите претходни дела како „спомени“, „огледала на реалноста“, „наративи“, „различни реалности“, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти. Притоа, бојата кај Блажес е изразен елемент со своја ликовна и знаковна автономија во решавањето на плохата на сликата и дефинирањето на карактерот на претставената физиономија, а вибрантните колористички решенија асоцираат на поглед во замаглено огледало. Раслојувањето на површината на овие апстрахирани портрети, преку користење на бојата во својата натуралистичка звучност, длаби под појавната суштина, со што се добива поинаква, дури мистична смисла и функција на портретот.“
Уметникот Сашо Блажес роден е 1980 во Охрид.
Од 2002-2006 студирал на Факултет за ликовна уметност Букурешт,а по две години ги завршува магистерските студии на истиот универзитет во Романија. Покрај големиот број групни изложби за време на студирањето и потоа Блажес ги има следните самостојни претставувања:
Самостојни изложби:
2017 Страст за носталгија ,PCB Галерија-Берлин, Германија;
Страст за носталгија Галерија Робевци Н.У.Завод и Музеј-Охрид
2016 Мirrors of realitу, Art Yourself Gallery –Букурешт, Романија
2012 Аbstract in fabula 2 ,Турски Културен Центар –Сараево,БиХ
2010 Аbstract in fabula 1 ,Галерија Робевци Н.У.Завод и Музеј –Охрид
Фигуративни рефлексии, Галерија Робевци ,Н.У.Завод и Музеј-Охрид
2007 Double ,Carturesti Gallery –Темишвар ,Романија
Публицитет.мк