Во понеделникот ,16. Ноември, се навршија точно 20 години од заминувањето на големиот македонски актер Петре Прличко.
Македонија во својата актерска историја може на прсти да ги изброи актерите кои зад себе оставиле толку големо актерско творештво во театарот ,филмот и телевизијата.Тој беше еден од најекспонираните и најпопуларни актери во историјата на македонскиот театар и филмот , актер чијашто кариера битно обележа неколку фази од развојот на македонското актерско мајсторство.Одтаму потсетувањето на него и на неговото творештво по повод 20 те години од неговото заминување е мал придонес за незаборав на македонските големини.
Роден е во Велес на 13.март.1907 година. И покрај тоа што бил запишан во гимназија, Петре Прличко не останал долго време таму. Во 1923 година ја напушта гимназијата и се приклучува кон патувачката трупа на Михајло Лазиќ – Чича најпрвин како реквизитер , за да дебитира во истиот театар како актер во преставата „ Бој на Косово“ толкувајќи малечка улога во истата ,1923 година. По распаѓањето на дружината на Лазиќ,Прличко поминува низ повеќе патувачки трупи: Повлашќено тимочко позориште на Никола Јоксимовиќ (1924 – 1925),Руско хумористичко друштво „ Би – ба- бо“, патувачките дружини на Милан Јовановиќ – Њоња,Миша Милошевиќ, Миливој Мика Стојковиќ, Милош Рајќевиќ, белградската трупа „ Рибница“ и дружината на Петар Христиќ.Најпосле го формира и раководи сопствениот патувачки театар „Повлашќено вардарско путујуќе позориште Перице Велешанина “ во 1930 година,кое подоцна го преименува во „Плава птица“ односно во „ Боем“ кое ќе егзистира од 1930 до 1940 година.За овој дел од неговиот живот во 1984 година беше реализирана тв серија „ Комедијанти “ во шест епизоди во која тој го играше ликот на суфлерот Јово.
Како професионален актер кариерата ја започнува во Народно позориште „ Краљ Александар I “во Скопје (1940/ 1941), Народен театар Скопје (1941 – 1944), Македонски народен театар /МНТ (1945 па се’ до неговото пензионирање во 1973 година). Освен на матичната сцена во МНТ тој настапува и на сите театарски сцени низ Македонија, сними голем број на филмови, телевизиски проекти, радио драми, настапува на најразлични приредби , гостува во преставите што се поставуваат надвор од Македонија.
Во текот на својата блескава седумдецениска кариера најверојатно најинтензивната кариера што некој македонски актер успеал да ја оствари , толкува над 500 најразновидни улоги во театар , на филм и на телевизија, а реализира и преку 30 режисерски поставки.Беше автор и на пет драмски текстови, на неколку адаптации и на пет драматизации.
Вечно ќе се паметат неговите улоги во театарските престави „ Сомнително лице“ каде го игра ликот на Јеротие Пантиќ , „ Црнила“ со ликот на Фезлиев, „Коштана“ каде го игра ликот на Митке, „ Швејк во втората светска војна“ во ликот на Швејк и многу други.
Своето филмско деби го има во првиот македонски игран филм „ Фросина“ на режисерот Воислав Нановиќ во 1952 година каде го игра ликот на дедо Кузман.Следуваат улогите во филмовите„ Волчја ноќ“ во 1955 година и „Мис Стон „ во 1958 година на режисерот Жика Митровиќ каде ќе ја одигра својата антологиска улога Мандана за која ќе ја освои наградата Златна Арена за најдобра машка улога на југословенскиот фестивал на играни филмови во Пула во 1959 година. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „ човек од народот“ (како ликот на Мандана)Прличко го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет кој ќе го потврди во своите подоцнежни филмски и телевизиски улоги.
Во 1958 година ќе одигра епизодна улога во филмот „ Виза на злото“ а во 1960 година ќе настапи во филмот „ Капетан Леши “каде го толкува ликот на Шок покрај тогаш големата ѕвезда Александар Гавриќ .По извонредно големиот успех на овој филм ,во режија на Жика Митровиќ, две години подоцна ќе биде снимено и продолжение на овој филм именувано како „Пресметка“ во кој тој повторно го игра ликот на човекот од народот ,Шок.
1961 година е една од најплодните во неговата филмска кариера. Имено , таа година тој ќе настапи во првата македонска комедија која е режирана од македонски режисер (Димитрие Османли). Се работи за филмот „ Мирно лето“ која и ден денес важи за прва и единствена македонска филмска комедија.Истата година, повторно во режија на Жика Митровиќ, Прличко ќе настапи и во филмот „ Солунски атентатори“ но и во филмот „ Парче сино небо“ на режисерот Тома Јаниќ каде настапува покрај тогашните големи југословенски ѕвезди Рахела Ферари и Павле Вујисиќ.Четвртиот филм кој Прличко ќе го реализира во 1961 година е кусометражниот игран филм „ Твојот роденден“.
Во 1962 година покрај улогата во филмот „ Пресметка“ тој ќе одигра и една епизодна улога во филмот „ Степа“ на италјанскиот режисер Алберто Латуада кој всушност преставува италјанско-француско – југословенска копродукција.Мошне интересен лик Прличко ќе одигра во филмот „ Невесинска пушка“ во режија на Жика Митровиќ. Филмот беше реализиран во 1963 година а тој го играше ликот на арамбашата Петар.
Следуваат три филмови кои Петре Прличко ќе ги реализира надвор од Македонија: „Марш на Дрина“ , „ Народен пратеник“ и „ Не се враќај по истиот пат“.Во 1965 година ќе ги реализира филмовите „ Денови на искушение“во режија на Бранко Гапо снимен според делото на Чашуле „ Црнила“ во кој Прличко го игра ликот на Фезлиев , лик кој го игра и во театарската престава. Една година подоцна повторно соработува со режисерот Жика Митровиќ во филмот „ До победата и по неа“.И 1967 та година за Прличко е мошне плодоносна. Тој ќе настапи во филмовите :„ Каде по дождот“, „Мементо“ и „ Македонска крвава свадба“ на режисерот Трајче Попов.Во 1968 ќе ги реализира филмовите „ Планината на гневот“ и „ Братот на доктор Хомер“ а во 1969 година филмот „ Република во пламен “ во режија на Љубиша Георгиевски. И во 1971 година тој ќе настапи во два филма: „Жед“на Димитрие Османли и „ Македонскиот дел од пеколот “ на Ватрослав Мимица. Следните два филма „ Капетанот Микула Мали “ и „ Ужичка република “ ќе ги реализира во 1974 година надвор од Македонија. Во 1980 тој ќе настапи во филмот „ Време ,води “ на режисерот Бранко Гапо а својата последна улога на филмското платно ќе ја одигра во филмот „ Време живот“ во 1992 година во режија на Иван Митевски. Се работи всушност за филмска верзија на телевизиската серија „Трето доба“ од 1987 година во која го игра истиот лик Војо.
Инаку, Петре Прличко имаше и богат телевизиски опус составен од голем број на телевизиски филмови, адаптирани театарски престави и телевизиски серии. Меѓу нив секако најпознати се „ Залез над езерската земја“ (1973), „ Волшебното самарче“ (1975) во кој игра заедно со својот внук Игор Џамбазов, „ Капетан Микула Мали“(1976), „ Курирот на Гоце Делчев“(1979) , „ Булки крај шините“ ( 1981), „ Илинден“(1983),„Ѕвездите на 42 тата“ (1987) и други. Својата последна улога ја одигра во телевизискиот филм „ Бог да ги убие шпиуните“ во 1993 година.
Освен Златната Арена во Пула , Петре Прличко освои и голем број на други награди и признанија за своето творештво. Наградата 11 Октомври (1959 и 1966), Стериината награда за најдобро актерско остварување на фестивалот Стериино позорје за улогата на Фезлиев во преставата „ Црнила“ од Коле Чашуле во продукција на МНТ во режија на Илија милчин (Нови сад ,1961), Сојузна награда АВНОЈ ( 1972), Награда за животно дело на фестивалот Стериино позорје ( Нови Сад ,1980), награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински (Прилеп, 1988),Орден за заслуги доделен од Георги Димитров, Награда “ Бранко гавела“, Награда „ Славица“ за животно дело на филмскиот фестивал во Ниш (1991) и други
Во чест на големиот македонски актер Петре Прличко е востановена награда за животно дело за актери од средната генерација. Неа ја востановило Здружението на драмски уметници „Џинот“, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов“ и Општина Велес во 2006 година а нејзин прв лауерат беше Благоја Спиркоски – Џумерко. Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ се состои од плакета со ликот на Прличко и паричен износ во висина од 60.000 денари.
Во 2007 година по повод 100 те години од неговото раѓање Македонска пошта издаде почесна марка со неговиот лик.
Петре Прличко почина на 16. Ноември. 1965 година во Скопје. Вечна му слава!
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк