Издавачката куќа „Палмира“ од Стара Загора, Бугарија деновиве објави препев на бугарски јазик на поетската збирка „Божилак на исконот“ од младиот македонски поет Филип Димкоски.
Стиховите ги препеа Палмира Никленова, а рецензијата е на познатиот бугарскиот поет Танjо Клисуров, во која се вели:
„Филип Димкоски е оригинален и талентиран поет. Оригинален е заради две причини: поетскиот исказ си е негов, неповторлив и го разликува од неговите колеги по перо, а втората причина е неговиот тематски избор-природата. Тој проникнува во неа, ја разбира и ја објаснува со уметнички сретства“-пишува Клисуров во рецензијата.
Промотивната турнеја на книгата, започна на 15 ноевмри со литературна средба на Филип Димкоски со средношколците од Казанлак. Истата вечер следеше официјална промоција во галеријата „Искра“ во Казанлак која беше исполнета до последно место, збогатена со музичка програма, а во организација на Oпштина Казанлак, Општинската библиотека „Искра“ и клубот „Млад писател“ при НЧ „Искра“.
Во Стара Загора, промоцијата се одржа на 16 ноември во куќата-музеј „Гео Милев“ , организирана од Библиотеката „Родина“ и литературниот клуб „Млад писател“ при народното читалиште „Родина“ основано во 1860 година.
На настанот во современениот и интимен простор за книгата зборуваше поетот Тањо Клисуров, а се обрати и издавачот на книгата и поет Димитар Никленов.
Беше остварен и разговор во живо со Димкоски за Радио Стара Загора.
Наместо закажаните две, заради интерес на младите читатели, на 18 ноември, Димкоски одржа три претставувања во Софија и тоа во познатото софиско средно училиште „Иван Вазов“ и во ОУ „Христо Смирненски“, а официјалната вечерна промоција се одржа во Народното читалиште „П.К. Јаворов“ во присуство на писатели, поети, млади и повозрасни љубители на поезијата, а програмата беше збогатена со музичка програма во изведба на млади музичари.
Книгата во Софија ја претстави познатата писателка Ина Креин.
Мило ми е што вечерва го запознав младиот македонски поет Филип Димкоски. Човек кој ја вдишува и издишува поезијата на природата. Колега, новинар и многу емотивен и талентиран. Претставувањето во НЧ П.К.Јаворов во Софија беше исполнето со исклучителна атмосфера на уметност и искреност.-рече една од присутните гостинки на промоцијата.
Задоволен сум од приемот на кој наиде мојата поезија во Бугарија. Имав средби со многу гости на промоциите и ме воодушеви интересот од публиката, а особено од нивното активно учество во настаните. Исто така ме воодушеви начинот на кој беа организирани сите мои претставувања, за што сум особено благодарен. Секое споделување на љубов и искреност е празник. Јас деновиве навистина празнував во Бугарија-рече младиот поет Филип Димкоски.
„Божилак на исконот“ од Димкоски е објавена во 2014 година, а годинава беше објавена на српски и промовирана во Србија.
Фото: Иван Бонев
Публицитет.мк