Свечената церемонија на доделувањето на Светската награда за хуманизам за 2019 ќе се случи утре во Куќата на Уранија во 19 часот.
Охридската академија на хуманизмот на овој начин го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани. Годинашниот добитник на наградата Романо Проди е еден од водечките визионери и градители на европската идеја, екс-премиер на Италија и претседател на Европската комисија.
Професорот Проди е тринаесеттиот добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александар Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
-Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи и моето име како добитник на оваа светска награда со огромен престиж, што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот. Со голема радост ви потврдувам дека ќе дојдам во Охрид за да го примам ова високо признание придружуван од мојата сопруга Флавија“ стои во писмото на Проди до претседателот на Интернационалното жири на Академијата Јордан Плевнеш.
Публицитет.мк