
„Весели вагони низ четири сезони“ од Ели Маказлиева е нова поетска книга за деца, стиховница и соновница, вистинска поетска наслада за најмалите кои поетесата ги „оросува“ со „конфети од стихови“.
Најновата книга на авторката м-р Ели Маказлиева претставува настан за македонската поезија за деца, пишува во својата рецензија проф. д-р Кристина Николовска и продолжува: Неодоливо харизматично, со многу рафинирани финеси, поетесата им се обраќа на децата со кусо воведно обраќање и искрено верува дека, заедно со децата – читатели: „Со стихови времето ќе го менуваме, со златно сонце ќе го осветлуваме, со дождовни капки ќе го украсуваме, на крилјата од песните до небото сино ќе патуваме и пак на земјата ќе слетуваме.“
Новиот поетски ракопис има инвентивен и ведар наслов, кој најавува јасна визија за проектот. Визијата со изграден и осмислен концепт како во десетици свои други книги, Маказлиева ја остварува и во ова дело. На 160 страници поезијата расте низ циклусите: „Есенски поздрави“, „Зимски радости“, „Пролетни песни“, и „Летни игри“. Со фасцинантна поетска енергија, креативност и инвентивност, авторката ги развива овие темати. Во оваа книга, Маказлиева – едноставно брилијира! На врвот на својот творечки подем, во кој и таа и ние, едноставно – уживаме во потенцијалите на стихот. Со супспецијалистичка упатеност во педагошкиот, воспитниот, едукативниот, сознајниот раст на најмладите читатели, кои преку овој маестрален поетски „водопад“ од превкусни стиховни „сокови“, може да уживаат, да се насладуваат, но и квалитетно да се едуцираат и воспитуваат. Стилската раскош на оваа стиховница просто звучи од вешти: рими, алитерации, асонанци, епитети, метафори, неологизми. Филигранскиот поетски јазик е доведен до врвно ниво.

„Весели вагони низ четири сезони“ е извонредно дело, со своите повеќестрани пораки, одличен патоказ кон вредностите, сознајните длабочини, но и кон уживањето во убавината на стихотворието. Сето ова укажува на фактот дека пред нас имаме вонсериско, изградено дело, според сите светски стандарди, од повеќе аспекти. Делото има стабилни едукативни, педагошки, но и естетски, аксиолошки и мудроносни вредности…- пишува проф. д-р Кристина Николовска.
Промоцијата е закажана на ден 17.06.2020 година (среда) во 12.00 часот во двор – паркот пред КИЦ, Скопје.
За книгата ќе говори: проф. д-р Кристина Николовска, а за идејата и содржината авторката: Ели Маказлиева. Модератор: Марија Богоеска
Публицитет.мк






