Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ денеска по повод Меѓународниот ден на жената – 8 март организираше конференција под мотото „За сите жени во Македонија“ на која се обратија претседателката на Унијата Даниела Рангелова и лидерот на партијата Христијан Мицоски.
– Нашата земја низ нејзината историја е изградена од силни жени кои активно учествувале во сите подеми и падови, и тие ќе продолжат да уриваат бариери и поразуваат предрасуди. Предизвикот е поголем, бидејќи ова е сложениот Балкан каде ѕидовите на поделби и препреки се преголеми, но сепак не и неуништливи. Затоа мотивот треба да биде и поголем, затоа што ние мора конечно да дебатираме за работите кои ќе не носат напред, да донесеме прогрес кој толку насушно и треба на нашата држава и да создадеме иднина, порача Мицкоски.
Тој на конференцијата се осврна и на актуелните политички теми посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е огромен брод кој плови низ немирно море чија стабилност, рече, полека, но сигурно доаѓа и ќе заплови кон проектираната цел.
Претседателската на Унијата на жени Рангелова побара од Владата да нема реваншизам, туку реформи. Таа порача жените да не молчат веќе како полицајката Јасмина, бидејќи денес е Јасмина, утре таа, а задутре сите.
– Ги охрабрувам и невладините организации погласно да зборуваат за ова. Да кажеме не за насилството врз жените! Да иницираме законски решенија за еднакви месечни приходи и плати подеднакво и за мажите и за жените. Да ја извадиме македонската рурална жена од маргинализираната положба. Да иницираме законски решенија, да се зголеми економската поддршка за жените од неразвиените подрачја.
Да ни помогнете претседателе, кога ќе бидете во можност, да се зајакне економското женско претприемништво. Да се залагаме сите ние заедно да го подобриме статусот на жената во македонското општество. Да не дозволиме веќе ни едно девојче да биде жртва на насилство, како што се случи во домот за деца без родители “25-ти мај“. Еднаш во оваа држава некој да понесе одговорност, ама вистинска одговорност. И, да се залагаме да ги унапредиме правата на бремените жени, на жените на повеќедетни семејства, и да ги заштитиме на крај нашите деца, кои што се нашата иднина, кои што во нив ја гледаме иднината на нашата држава, рече Рангелова.
Извор: www.vmrodpmne.org.mk
Публицитет.мк