Во рамките на програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности) младите волонтери на Врвен крст на Градскиот плоштад организираа хуманитарен хепенинг со што го одбележаа Меѓународниот ден на аутизмот.
Во соработка со Регионалната занаетчиска комора и со поддршка на Општина Охрид, во период од два часа се одржаа бројни културно забавни содржини. На плоштадот беа поставени штандови на кои членовите на занаетчиската комора ги нудеа своите услуги (фризура и шминка). Најмладите се забавуваа со рефрените на песничките од Распеано Рибарче и се сликаа со Маша и Спајдермен. Донираните средства се наменети за проектот „Сложувалка“
Што е сложувалка?
Сложувалка е проект наменет за лица со посебни способности, а го реализираат младите волонтери во ООЦК Охрид во соработка со Регионалната занаетчиска комора и потпомогнати од стручен тим. Целта на проектот е да се подигне свесноста за постоењето на лица со посебни способности во нашата локална средина, и преку организирање на креативни занаетчиски работилници да докажеме дека е сосема во ред да бидат наше секојдневие.
Проектот е замислен да трае до крајот на мај. Во овој период, планирани се повеќе креативни работилници под менторство на занаетчија, а во придружба на младите волонтери и стручни лица. Еднаш неделно, лицата ќе доаѓаат во просториите на Црвен крст, а занаетчијата кој е ментор на часот ќе обезбеди средства за работа. Ќе се изработува накит, свеќи, хартија, ќе се таботи со кожа, бакар и конец. Изработените производи ќе се изложат на продажба и собраните средства ќе бидат искористени за еднодневна заедничка екскурзија.
Проектот СЛОЖУВАЛКА е дел од програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности). Оваа национална програма која се реализира во сите Општински Организации на Црвен крст на територијата на Република Македонија има за цел регрутирање и задржување волонтери, оспособени за работа на мали проекти, преку кои се гради взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог, како основен предуслов за создавање на интеркултурно општетство. Во рамки на ПХВ програмата, секоја година околу 30 младинци на возраст од 13- 17 години добиваат обука и се оспособуваат за работа на терен, односно како да ги истражат потребите на заедницата, како да дојдат до целната група и како да им помогнат со конкретна помош на оние на кои помошта им е најпотребна, притоа правејќи мали проекти од огромно значење за заедницата.
Публицитет.мк