„Врати се како што замина Ти“
Тој не ја сакаше тишината. Беше ведар, насмеан со еден збор темпераментен. Како и секој естраден уметник најмногу од се’ и тој ги сакаше аплаузите. Секула ни остави во наследство песни кои се пееа и денес и утре ќе се пеат.
Секула Пупиноски и кога физички не е меѓу нас важи за еден од најпознатите исполнители на македонската музика.
Ќе остане запаметен по уникатниот глас, а песните ќе останат да го чуваат споменот на него. Последниот негов телевизиски настап беше емитуван во рамките на емисијата “Здравоживо домаќини” на музичката продукција С Национале.
Секула Пупиновски почина ненадејно на 18 март 2011 година на 56 годишна возраст во Охрид, каде што и почива.
Секула целиот живот го посвети на музиката, но и на спортот, најмногу на атлетиката и маратоните во неколку наврати беше учесник на Охридскиот атлетски маратон и секако на семејството, на сопругата Донче, ќерката Ана и синот Владо.
Ќе остане запаметен по ведриот дух, топлата насмевка и позитивната енергија.
Првите музички чекори ги направи уште во средношколските денови, по што почна активно да ја гради својата музичка кариера. Прва негова снимка е новокомпонираната „Тие нежни години“ за МРТВ .
По настапот на фестивалот „Цветници“ во 1993 година со песната „Врати се Бела Марија“ ги истакна своите гласовни квалитети и стана еден од нај препознатливите и најпопуларни изведувачи на македонската народна и новокомпонирана музика.
Таа Бела Марија го вивна на македонското естрадно небо. Собра куп награди и ја отпочна професионалната кариера. Тимот беше целосно охридски . Ване Размоски – музика, Мирослав Кузман – текст и Благоја Дескоски – аранжман. Така тргна неговата музичка приказна.
Зад него остави многу познати хитови како „Моја Наде“, „За една Кристина“, „Кажи Анче“, „После многу долги години“, „Печалбарска“, „Свирете нешто тажно“ „Птица ќе се сторам“ , „Никогаш повеќе“и многу други. Секула Пупиновски учествуваше на голем број македонски фестивали и концерти и беше редовен гостин на нашите иселеници во дијаспората.
Пленеше со својата интерпретација, освојуваше награди и публиката го сакаше.
Долг е списокот на луѓето со кои Секула Пупиноски со задоволство работеше настапувајќи на фестивалите подготвувајќи ги аудио касети, ЦЕ ДЕАТА на кои имаше место и за македонските народни песни.
Секоја соработка им беше различна приказна. Дел од неговите најблиски соработници и другари се тука, други му прават дружба на небото и патот од кај што нема враќање . Списокот е навистина долг ама вреди да се спомнат: Миодраг Божиноски, Ѓоко Георгиев, Петар Лукиќ , Милан Зафков, Орце Лазаров и посебно нашите од Охрид : Мирослав Кузман, Ефто Пупиноски, Ване Размоски, Влатко Јовчески, Благоја Дескоски, Наташа Чочегова, Димитар Павлоски, Милчо Јованоски, Илија Тотовски и ред други.
Колегите од естрадата и неговото семејство во 2012 година со хуманитарен концерт ја одбележаа првата тажна година откако Секула го напушти овој свет. Во чест и сеќавање на Секула Пупиноски со свои хит-рефрени и песни кои ни ги остави, да се пеат и да не се заборават настапија музичките уметници и естрадни ѕвезди: „ Дрим тим“ со Марјан Коцев, Ефто Пупиноски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Елена Велеска, Ѓоко Танески и Гудачки квартет, предводен од концерт-мајсторот во МОБ, Климент Тодороски.
Собраните средства од концертот семејството Пупиноски ги донираше во хуманитарни цели.
Истата година Општина Охрид во знак на сеќавање и придонес во развојот на музичката култура постхумно на естрадниот уметник Секула Пупиноски му додели Повелба „Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид“
Почивај во мир Секула – споменот на Тебе ќе живее преку твоите незаборавни рефрени.
Публицитет.мк






