
ВО СВЕТОТ НА ПРИСУТНОСТА И ОТСУТНОСТА Кон ликовната изложба на Наташа Попоска – Карче, Охридско лето 2022 Во рамките на фестивалот Охридско лето, во предворјето на црквата Св. Софија, се одржа самостојната изложба на Наташа Попоска – Карче со заеднички наслов Сликам со тебе и поднаслов Приказна од душата.
Изложбата на Наташа Попоска – Карче изобилува со колорит, страст и емоции. Во ликовните дела (масла на платно) главно се присутни пејсажи, со нагласка на Охридското Езеро, охридското крајбрежје и охридскиот амбиент. Посебно се импресивни охридските езерски бранови, каде може да се воочи и согледа ликовната прецизност и мајсторство на сликарски ликовен план. Наташа Попоска Карче се претстави со избрани дела кои се вистински искрен, доживеан и искуствен изблик на душата. А, насловот на изложбата Сликам со тебе, не само што е инструктивен, туку е илустративен, односно го посочува и манифестира и соучесништвото при создавањето и доживувањето на уметничкиот чин. Во овој случај, секој посетител како набљудувач може да ја продолжи и надополни ликовната приказна со свое доживување, искуство, проекција, дискурс и визура.
Во ликовните дела на Наташа Попоска – Карче има реалитет, но и имагинација, поточно – презентиран е светот што не окружува како визија и фантазија, но и сведоштво, доказ и факт. Всушност, наизменично се преплетуваат и с(к)лучуваат присутноста и отсутноста, па глетките и видиците не само што се појавуваат и регистрираат, туку и (речиси истовремено) се отклучуваат и заклучуваат. И уште нешто: на и во овие слики се присутни мирот,:спокојот и тишината, наспроти немирот и неспокојот.
Од една страна е внатрешниот импулс, возбуда и порив, а од друга – надворешниот судир, противречностите и антагонизмите. Впрочем, само во компарацијата и колизијата на внатрешниот и надворешниот свет се препознава и идентификува творечката и креативната енергија. Делата на ликовната уметничка Наташа Попоска Карче на љубителите на ликовната уметност им навестуваат хармонија, склад и рамнотежа, а паралелно и истовремено им го будат, покренуваат и поттикнуваат и немирот. Во тоа циклично движење, како да се отвораат параболите, елипсите и изохипсите на катарзата и катехезисот, кои се отвораат и затвораат, односно ројат и бројат како концентрични кругови по фрлено камче во водата. Наташа Попоска – Карче е виртуоз на боите, па нејзините бранови, кајчиња, стебла… привлекуваат и облагородуваат. Оваа изложба е тематска – посветена е на природата и флората, а во некој следен циклус и изложба можеби ќе бидат присутни човекот и фауната, зашто иако сега (на оваа изложба) тие изостануваат – имавме воечаток дека и нив ги има, иако се имагинарни и невидливи. Честитки за вложениот труд и остварениот резултат и искрено посакување за нови средби со ликовните дела на охридската сликарка Наташа Попоска – Карче, која го продолжува континуитетот и традициите на нејзините претходници и на охридската (с)ликовна школа.
Охрид, 24.7.2022 година проф.д-р Христо Петрески
Публицитет.мк






