Денес во Венеција започнува 73 .Венециски филмски фестивал кој ќе трае до 10 септември.
Оваа година во трката по наградата „ Златен лав“ ќе се натпреваруваат 20 филма од кои дури шест доаѓаат од САД.Во годинешниот избор на селекторот на фестивалот има поголем број на познати автори кои веќе биле победници на овој феастивал но и неколку стари редовни учесници на овој најстар филмски фестивал.
Меѓу оние кои повторно доаѓаат во Венеција со своите најнови остварувања ќе ги споменеме Андреј Кончаловски, автор кој досега неколкупати освојувал награди во Венеција , кој оваа година доаѓа со својот најнов филм „Рај“,Вим Вендерс(кој веќе има освоено „Златен лав“)со својот најнов филм „ Прекрасните денови на Арањуез“, потоа американците Том Форд со филмот „ Ноќни суштества“, Дерек Чанфрес со филмот „Светло помеѓу морињата“,наградуваниот режисер Денис Вилнев во Венеција ќе се натпреварува со научнофантастичниот филм „ Пристигнување“, а познатиот и секогаш контроверзен Теренс Малик со документарниот филм„ Патување на времето“.
Годинава на фестивалот во Венеција домаќините ќе се натпреваруваат со три филма а со ист број ќе се престават и нивните северни соседи французите.Со два филма ќе се престават филмаџиите од Чиле.
Меѓу попознатите автори е и мексиканскиот режисер (кој годинава беше почесен гостин во Сараево) Амат Ескаланте со неговиот нов филм „Нескротен“, потоа Лав Диаз од Филипини со „Жената која си замина“, па Пабло Лареин од Чиле со филмот „Џеки“ во кој игра Натали Портман, се’ до холандскиот мистериозен трилер на Мартин Колховен „Бримстон“, во кој настапуваат Дакота Фенинг и Гај Пирс во сосема поинакви улоги.
Сепак, најинтересно , барем за некогашните Ју простори е учеството на Емир Кустурица во трката по главната награда со неговиот најнов филм „ На млечниот пат“.Кустурица досега дури два пати учествувал на фестивалот во Венеција: со култниот „Се сеќаваш ли на Доли Бел?“ (1981), додека со „Црна мачка, бел мачор“ во 1998 година го освои „Сребрениот лав“.Неговиот трет обид за освојување на „ Златниот Лав“ е направен во копродукција на Србија, Велика Британија и САД. И ова е филм за војната, но на еден сосем поинаков начин, филм за љубовта и за бегството од светот. Она што е особено интересно за нас, е дека меѓу извонредните актерски имиња има и тројца македонски актери: Петар Мирчевски, Ратка Радмановиќ и Бајрам Северџан (кој има играно во повеќето филмови на Кустурица). Во главните улоги се и: Моника Белучи, Кустурица, Сергеј Трифуновиќ, Мики Манојловиќ и други.
Според последните информации кои доаѓаат од Венеција а кои се напишани на твитер налогот на директорот на фестивалот Алберто Барбера, организаторите на фестивалот ја откажале гламурозната церемонија на отворањето како и коктелот кој требало да се одржи на плажа, за да се солидаризираат со жртвите на катастрофалниот земјотрес кој изминатата среда ги погоди централните подрачја на Италија.
Вечерва, 31 август , во 19 часот во Салата Гранде во Палацо дел кино ќе биде свечено отворен 73. Меѓународен филмски фестивал во Венеција со доделување на Златен лав за животно дело на полскиот режисер Јержи Сколимовски. Оваа година почесн Златен лав за животно дело ќе му биде доделен и на францускиот актер Жан Пол Белмондо.
Веднаш потоа ќе биде прикажан филмот “La La Land”на режисерот Демијен Шазел со Ема Стоун и Рајан Гослинг во главните улоги. Станува збор за омаж на златното доба на американскиот мјузикл а во фокусот на приказната се актерката Миа и џез пијанистот Себастијан, кои се обидуваат да ја сочуваат љубовната врска кога нивната кариера е во криза.Овој филм е дел од натпреварувачката програма на фестивалот.
Како дел од свеченото отворање на годинешниот фестивал , денес со почеток во 16 часот во салата „Дарсена“ ќе му биде оддадена почест на неодамна починатиот режисер Абас Киаростами.
Главното жири оваа година го предводи британскиот режисер Сем Мендес, познат по извонредниот филм „Американска убавина“, но и по последните два филма за Џемс Бонд.Покрај Мендез во жирито членуваат уште и Лори Андерсон, Гема Артертон,Џанкарло Де Каталдо, Нина Хос, Кјара Мастројани, Џошуа Опенхајмер, Лоренцо Вигас и Зао Веи.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк