Кога ќе пристигнете во Загреб не брзајте веднаш да ги откриете сите негови празнични места и тајни. Бидете трпеливи, почекајте да падне мрак, да се запалат сијаличките и потоа дозволете градот да ве понесе на неповторлива божиќна прошетка низ своите улици.
Втора година по ред Загреб ја освојува престижната титула „најубав божиќен град во Европа“ и зад себе без зборови и со воздишки ги остава Лондон, Париз, Виена и уште многу европски метрополи кои традиционално секој декември се борат за оваа титула. А на Загреб оваа титула совршено му прилега.
Со звуците од познатата „Оревокршачка“ започнете танц по најголемото лизгалиште на отворено во Европа, додека во себе полека го будите детето кое нетрпеливо чека Загреб да му го подари најубавото празнично искуство.
Оттука своето патување продолжете го кон паркот Зрињевац, романтичната нескротлива душа на Загреб. И заборавете на зборовите. Ниту ќе ги пронајдете, ниту ќе ви бидат потребни за да ја опишете новогодишната магија која го окупира овој парк во центарот на градот. Дозволете вашата душа да се исполни со смиреност и убавини додека пред една од божиќните куќи уживате во чаша варено вино и вкусот на неповторливите славонски и загорски колбаси.
Од средината на паркот ве опиваат звуците на сите познати божиќни песни кои во живо ги изведуваат познатите хрватски музичари. Верувајте не ќе издржите, ќе ве понесе таа атмосфера и вашето тело само ќе почне да танцува и да ја слави убавината на новогодишните и божиќните празници.
Одморени и загреани од вареното вино, продолжете по својата адвентска патека. Нозете нека ве водат во Курелчева улица која за време на загрепскиот адвент е позната како „Fuliranje- Disco street”. Тука ќе ве дочекаат специјалитети од различни европски градови и божиќни мотиви од истите. Во ритамот на електронската музика продолжете ја својата празнична прошетка кон Еуропски трг, каде божиќната магија ги исполнува илјадниците срца што лебдат над вашите глави.
И повторно сте воодушевени, повторно сакате повеќе. И Загреб ви нуди повеќе. Упатете се кон Загрепската катедрала каде на прекрасниот Каптол ќе се вратите 2016 години назад во времето. Во моментите на Исусовото раѓање. Тука ве пречекува Витлеемската ѕвезда и цел нов свет кој е пред вас да го откриете кога ќе ја погледнете претставата „Живи јасли“. Откако ќе се вратите назад во времето сè до моментот на Исусовото раѓање, време е за експлозија од гастрономско уживање.
Спуштете се до главниот плоштад, Трг бана Јосипа Јелачича, каде за време на Адвентот се наоѓа снежната борова шума во која се скриени илјадници различни вкусови кои чекаат на вас да ги пробате. Тука на главната сцена секој ден можете да погледнете различна музичка програма карактеристична за секој регион од Хрватска, а навечер да уживате и танцувате на забавите со познатите хрватски бендови.
Штом се изморите од танцување својот пат продолжете го по најдолгата улица во Загреб – Илица и упатете се кон Томиќевата улица каде ве очекуваат најпознатите хрватски и светски готвачки имиња кои ќе го освојат непцето и на најпребирливите вкусови со нивните специјалитети.
По добриот „гушт“ во храната, како што би рекле Загребчани, земете ја својата чаша варено вино и тргнете на кусо возење по најбезбедниот јавен превоз во светот – Загребската „успињача“. Интересен податок е дека ова е најкусата линија во светот на која повеќе од 130 години не се случила ниедна несреќа.
Ќе откриете самите зошто, кога возејќи се во неа ќе наздравите воодушевени од погледот кој се отвора пред вас. И за помалку од една минута пристигнувате во Горниот град.
Оваа година за божиќните локации Штросмаерово шеталите, Градец и Кловичеви двори тешко се наоѓаат зборови соодветни да ја опишат убавината која тука ве очекува. Затоа максимално ќе се водиме со максимата: сликата вреди 1000 зборови.
Прошетката продолжете ја на крајот од Штросмаеровото шеталиште каде што можете да влезете во подземниот град од тунели во Загреб. Мрежата од тунели оваа година е исполнета со 3Д уметнички инсталации инспирирани од божиќните празници, со што ќе имате чувство како за моментот да сте добиле влез во имагинацијата на еден уметник. А тој уметник е Загреб.
И има уште многу уметнички дела за вас.
Божиќната бајка продолжете ја на модниот Адвент, на Цветниот плоштад, на сите мали улици кои водат кон центарот на овој магичен град. Во секоја од нив се крие комплетно нов празничен свет.
Оваа година бранејќи ја титулата „најубав божиќен град“ Загреб својата празнична магија ја распосла по целиот град. Неизоставен дел од прошетката е новиот Адвент во Музејот на современа уметност, селото на Дедо Мраз, божиќните павилјони на загрепскиот велесаем, и секоја локација е специјално дизајнирана за сечиј вкус, да ве зароби, а во исто време и во вас да остави дел од својата душа.
А Загреб има душа за секого. Затоа да не должам премногу, решението е неизбежно – оваа сезона Загреб е град којшто мора да го потсетите. И да се заљубите во него. Затоа што тој е вистински европски принц. Благороднички, мистичен, со одлични манири и неодолив шарм, симбиоза на најдоброто од Европа и Балканот, место на кое секогаш ќе сакате да се вратите.
Тој што еднаш ќе се заљуби во Загреб, тешко дека некогаш ќе љуби повторно.
Автор: Пеце Ацев
Фото: Приватна архива/интернет
Извор: http://hybread.mk/