Да и посакаме добредојде на Alfa во SUV сегментот. Ова е нивниот прв теренец!
Запознајте се со Stelvio, првиот теренец на Alfa Romeo кој официјално беше претставен на авто саемот во Лос Анџелес, САД. Но да се фатиме веднаш за тоа што ни влегува на сите нас во очи – прекрасниот стајлинг! Дефинитивно успешниот рецепт Alfa сега за сега не го менува, а и нема причина за тоа, па така предниот дел очигледно е инспириран од Giulia, со моќната и агресивна предница, додека пак на задниот дел е малку посмирена, не е до толку нападна, но сепак се карактеризира со испакната задница која ги следи цртите од целокупниот дизајн. Всушност непотребно објаснуваме, доволно е да ги погледнете фотографиите и веднаш ќе се заљубите во него…
Да ова е Stelvio Quadrifoglio што значи дека е спортската верзија која содржи многу поагресивен изглед, исто така тоа и значи дека под хаубата крие и 2,9 литарски V6 турбо мотор кој нормално е изработен од Ferrari, а произведува 503 коњски сили! Односно тоа значи дека ќе биде многу, многу брз или како што изјавуваат од Alfa забрзувањето од 0-100км/ч ќе изнесува 3,9 секунди, додека максималната брзина е лимитирана на 285км/ч – што го прави најбрзиот теренец помеѓу конкурентите.. Но не сите ќе имаме можност да си дозволиме таква спортска и екстремна верзија, па така ќе бидат понудени и поцивилни верзии и нормално најпопуларните во Европа – дизел верзии.
Но дури и во овие случаеви, Stelvio повторно нуди одлични перформанси, всушност таков е и 2,0 литарскиот турбо бензински мотор кој произведува 276 коњски сили, а и дизелските верзии се очекува да се движат со нешто помалку коњски сили, што воопшто не е за потценување.
Иако во монетов сеуште не се објавени многу информации, сепак познато е дека Alfa има вложено голем труд во изработката на нивниот прв теренец. Поточно поставен е истиот Q4 систем за погон на сите четири тркала како и кај Giulia. Тоа значи дека 100% од моќноста е префрлена на задните тркала, но во случај кога ќе возите на неурбан терен 50% од моќноста се префрлува кон предните тркала, а додека во кривина со помош на вртежниот момент моќноста се прераспределува кон тркала каде што им е потребно повеќе моќност за побрзо и побезбедно да излезе возилото од кривината.
За повеќе информации и детали ќе мораме уште малку да почекаме, но уште сега е јасно дека овој прв теренец на Alfa Romeo ќе им прави проблеми на Porsche Macan, Jaguar F-Pace, BMW X6, Maserati Levante…
Извор: www.rpm.mk