На 22 јуни во Скопје и на 3 јули во Прилеп ( родниот град ) на авторката Светлана Неделкоска беше промовирана нејзината прва книга „Зауздана поезија“.
Промотор беше познатиот новинар, публицист и поет Георги Барбаровски а стихови читаа Теодора Зероска и Александар Костадиноски.
Во Скопје промоцијата се одржа во култниот простор „Матица ексклузив“ а во Прилеп во срцето на старата градска чаршија во џез клубот„Take Five“. Поезијата на Светлана беше надополнета со прекрасна музичка подлога и придружба од двајцата познати македонски гитаристи Дамјан Пејчиноски и Горан Гешовски.

И по речиси еден месец од првата промоција Неделкоска која 10 години живее во Мелбурн – Австралија и неколку години наназад е дел од тимот на македонската програма во државното радио СБС се’уште како што ни рече ги средува своите впечатоци.
– Во однос на мојата збирка, накратко би рекла дека тоа е главно збир на лирски песни кои се израз на мојата желба (барем на кратко) да го надминам светот на материјализмот и да ги допрам човечките сетила кои лежат во нашата длабочина. Исто така, опфатени се родовите чувства и дел од моите погледи врз општеството. Скромноста која е основата на мојот карактер не ми дава многу да зборувам за моето дело, но ќе речам: се радувам што младите и покрај склоноста кон дигиталната технологија, знаат да уживаат со книга во рака, се радувам уште повеќе што ги гледам мотивирани и тие да ги изнесат своите стихови на виделина, а најголемото задоволство ми е што моето дело го објавив токму тука во родната Македонија, изјави Неделкоска за „Публицитет.мк“

ЧУВСТВОТО ДА МИСЛИ, МИСЛАТА ДА ЧУВСТВУВА
Ви пренесуваме дел од рецензијата на Георги Барбаровски кон првата стихозбирка „Зауздана поезија“ од Светлана Неделкоска
Често слушаме или читаме дека првата книга за авторот е како првото дете за родителот. Што и да значи тоа за приврзаниците на таа теза, за поезијата и за уметноста, воопшто, првата објава е како секоја објава. Ниеден автор нема аванс од оние што го вреднуваат неговото дело.
Светлана Неделкоска со задоцнување излегува на македонскиот културен простор, имајќи предвид дека тоа вообичаено се случува во гимназиските или во студентските години. Но, затоа пак нејзиниот старт е автентичен, стабилен и заокружен, лишен од слабостите на почетниците. Времето на печатењето ниту ѝ одзема ниту ѝ додава на квалитетот на песната и не е факт според кој може и треба да се суди за естетиката што ја донесува таа поезија. Можеби сега ѝ дошол певот на Неделкоска или, пак, тој бил отпорано тука, но не бил подготвен да избие на виделина, да се склопи во книга, да стане порака, да побара приврзаници. На таков насет – дека многу од песните биле создадени порано – упатува и насловот на книгата Зауздана поезија, на што силно инсистира авторката, но и младешката свежина на емоциите со кои таа нè почестува.
А можно ли е, сепак, со погрешен клуч да се обидуваме да влеземе во поетиката на Неделкоска; насловот од кој го изведуваме овој суд да упатува во сосема друга насока, да се врзува со постапката на создавањето – дека песната никогаш не е пуштена да се појави како што се наметнала, дека не ѝ е дозволено да прави пустош, дека не смее да се однесува анархично, дека не смее да тероризира. Или дека сè што се наметнало како идеја и како израз не заслужува да гради песна, зашто ризично е авторот да се потрпе на сè до што ќе дојде. А зошто тоа „доцнење“ да не биде поради самотничкото одгледување на уметноста или на мислите кои наведуваат само на маки и на бескрајно неспокојство: неспокојство на кртот или на јазовецот кои, и покрај сите други можности, остануваат во своето дувло!?…

Тоа разгрането сомневање, тие можности што ги извлекуваме од насловот на книгата, наоѓаат потпирачка и во имињата на циклусите: Секој има свои решетки, Лебдечки хоризонти и Златен кафез. Ова е добра пригода да се повикам на големиот Франц Кафка кој, како што забележува неговиот француски толкувач, есеистот Роже Гароди, „сите негови романи и раскази обработуваат само три теми – темата на анималноста (еден мајмун е на пат за очовечување), темата на потрагата и темата на незавршеноста“…

Во дел од рецензијата Барбаровски за авторката ќе рече: – Неделкоска не крие дека учела од Блаже Конески и дури во негов манир ќе заврши една песна, разочарана од социјалното милје во кое прифатиле да живеат луѓето кои заминале од татковината: сал гниеж во златни пердуви, ќе ја дефинира таа состојба и ќе им порача:
Се молам на Бога
катот виделина да им даде
тие кутри души да си го најдат патот.
Посебен ефект авторката постигнува во можеби „најзаузданата песна“ На ридот. Со еден строг ритам на певот, при искачување на планински врв, песната нуди мноштво алузии и насоки на мислата што задоволството од освојувањето се претвора во плима од значења, кои понираат толку длабоко што воопшто не водат кон разрешница. Како што се извишува врвот така промислата рие се подлабоко и подлабоко. Пробајте ја насладата на тој вртеж од двоумење:
Си се качил ли ти некогаш
на планинскиот каменест врв
под кој градот поспано дише?
Иако таму секогаш некој е прв
по таква заслуга не се делат
даровите божји и човечки.
Претесен за воздух да влезе
и преширок за интимен допир
јас влетав во вртеж на двоумење.
Тогаш се спушти железното резе
на стравот и на возбудата
и се откина таква светлина
што со удар на секавица
ридот горделив го расцепи
на минато и на иднина.
Што е човечко земав јас
што е божјо зеде тој
а крај нас потекоа реки
од билје и од смреки.
На крајот од рецензијата Барбаровски поентира со збровите: – Поетскиот јазик на Неделкоска е освестено суштество. Таа знае дека јазикот нема цел само да имитира туку да овозможи да се појави некоја нова реалност. Зборовите престануваат да бидат само знаци за да учествуваат во нешата, а јазикот, од средство се претвора во суштество. Само така зборот и јазикот ќе ѝ се оттргнат на баналноста и чувството ќе може да мисли, а мислата да чувствува.

Разговор со затвореникот
Колку време тонеш во овој затвор?
Не тонам, само сонувам за иднина.
На колку време си тука?
До крајот на животот, а не ќе е далеку.
Тогаш за каква иднина сонуваш?
За таа што ја заслужив.
А зошто си тука?
Украдов, бев гладен.
Побара ли слобода?
Зошто, јас сум во срцето слободен.
Мислата ми оди кај што не си била ти.
Душата кротко ми заспива,
не е важно дали е ден или ноќ.
Тогаш, да одам, да те оставам со мислите.
А каде ќе одиш?
Некаде, слободно да шетам.
А зарем е тоа слобода?
Решетки пред мене нема.
А срцето, каде ти е срцето?
Па тука во градиве, каде другаде?
Тие решетки што ти ги носиш се поцврсти од моиве.
Те притискаат посилно, нели?
Не е така, слободно ми бие срцето, грешиш, слободна сум.
А така ли? Доброволно зад решетки го стави, па сега патиш.
Не, не, лажеш, не… да, да, проклето да е, така е,
и срце и мисла и надеж и желби и збор
зад исти решетки
со иста пресуда – доживотна робија.
Продавачите
Те грабат ко неспособни љубовници
мислат ако те имаат
те поседуваат.
Ти го раскинуваат јадрото
божем ќе ти го сотрат семето.
А кутрите, недоделкани
не знаат дека ти си им
и семето и цветот и плодот.
Те распродаваат ко божем тие те створиле
– да не биле.
Ти лепат цена, а не сфаќаат
ти си бесценета
безвременска
вечна, а млада
кротка, но строга.
Простуваш и судиш
како мајка.

На јаворот
Еј, јаворе, ме слушаш ли?
Ти шепотам тивко ко јунско ветре
да не ме дочујат.
По тебе лазам вешто
да се искачам до врвот
да ја прегрнам секоја гранка твоја
ко верверица верна.
Еј, јаворе, чувствуваш ли?
Ластари пуштам да ти обвијат стебло
да те раззеленат како твоја пролет
моето лисје ситно да те топли зиме
да ти сени лете
дур се храни од твојот хлорофил.
Еј, јаворе, ме разбираш ли?
Јас не сум паразит
зашто се хранам од твојот сок.
Тоа е нашиот крвоток.
Еј, јаворе, не радувај се
ќе испратат џелат
да те рани и кутне
и твојот бршлен да се сотре.
Од книгата „Зауздана поезија“ од Светлана Неделкоска
Публицитет.мк






