
Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, по повод годишнината од Второто Заседание на АВНОЈ од 29 Ноември 1943 година, секоја година организира историски час на тема ” Улогата и значењето на АВНОЈ во создавањето на македонската држава “.
Оваа година се навршуваат 77 години од овој светол датум за нашата држава, но заради сдравствената состојба во земјава, истиот ќе биде без физичко присуство.
На 29 Ноември 1943 година, се одржа Второто заседание на Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија – АВНОЈ.
Во одлуката за изградба на Југославија врз федеративен принцип, АВНОЈ на сите народи им загарантира рамноправност и право на самоопределување. Оваа одлука е од посебно значење за македонскиот народ. На ова Заседание тој за прв пат во својата историја се здоби со рамноправност со останатите југословенски народи, како резултата на неговото учество во Антифашистичката војна.
Одлуките на АВНОЈ од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, беа оценети како добра основа за свикување на Првото заседание на АСНОМ.
Копнежот на илинденците од 1903 година го заживееја нивните следбеници 41 година подоцна, на 2 Август 1944 година, кога 115 делегати, на Првото заседание на АСНОМ, во манастирот Св. Прохор Пчињски решија Македонија да стане рамноправна федерална држава во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Меѓу другите решенија македонскиот јазик го воведоа за службен јазик во македонската држава и усвоија Декларација за основните права на граѓаните на демократска Македонија. Го избраа и Президиумот на АСНОМ, а за прв претседател беше назначен Методија Андонов – Ченто.
Публицитет.мк






