На големиот празник посветен на Св. Архангел Михаил синоќа блесна трета фаза од осветлувањето на внатрешноста од црквата Св. Богородица Перивлепта.Овој чин се поклопува со именденот на големиот зограф Михаил кој работел на фрескоживописот на оваа и ред други охридски и македонски цркви.
„Виновник“ за овој и низа други зафати за илуминација на охридските цркви и културни зданија со надеж дека на тој начин наскоро ќе воведе и ноќни тури – разгледи на Охрид за туристи е проф. д-р Зоран Тунтев кој самоиницијативно и заедно со Лајонс клубот „Лихнидос“ со голем ентузијазам и љубов го реализира овој проект.
-Првата фаза беше во 2017 (припратата и централниот брод), втората (нартексот) во почетокот на 2018, а со третата фаза се заокружува внатрешното осветлување. Богородица Перивлепта е без сомнение најубавата црква во Македонија и една од најзначајните сакрални објекти на целиот Балкански Полуостров. Изградена и фрескосликана во 1295 година, Перивлепта е едно од најголемите ремек-дела на Проторенесансата од XIII век во цела Европа, период познат во историјата на уметноста како Duecento. За познавачите на уметноста оваа црква има неизмерно значење, поради фактот што фреските кои кријат многу елементи на Ренесансната уметност, се насликани 10 години пред Giotto да ја наслика внатрешноста на Капелата Скровењи во Падова.
Со други зборови, кога би била лоцирана било каде во Европа, црквата Света Богородица Перивлепта би претставувала вистинска сензација.
Токму затоа веќе две години трае иницијативата за осветлување и посоодветно презентирање на тие раскошни фрески, насликани од врвните мајстори Михаил и Евтихие, вели за Публицитет.мк д-р Тунтев.
-Следната идеја ми е црквата и однадвор посоодветно да се осветли, заедно со камбанаријата.Но, за жал тоа е тешко изволдиво. Барам алтернативни патишта. Сепак не се откажувам. Што се однесува до Античкиот, тоа е дел од онаа моја идеја Охрид да добие можност за ноќни тури низ стариот град.
Почнав од Долна Порта, следуваа: Св. Никола и Богородица Болнички, Мал Свети Климент, куќите на Робевци и Уранија, Охридскиот чун во Лапидариумот, Света Софија, Базиликата кај Манчевци,Света Варвара…
Оттука одам нагоре, од онаа мала црквичка Пандонос кон Плаошник.Плаошник е во тотален мрак. На овој локалитет му треба целосно ново светло, заклучува д-р Тунтев.
Публицитет.мк