Иако стапчињата за чистење на уши за многумина се составен дел од секојдневната хигиена, стручњаците се сложуваат дека се штетни за здравјето.
Многу луѓе сосема погрешно ги користат стапчињата за чистење на уши, а тоа им создава многубројни проблеми. Стручњаците истакнуваат дека со стапчињата треба да се чисти само дел од ушната школка, и тоа оној надворешниот, односно, стапчето не смее да се турка длабоко во увото.
Восокот ги штити ушите, а тие се чистат сами!
Ушниот восок всушност го штити увото, го спречува влегувањето на нечистотии кои би можеле да допрат и до тапанчето, делуваат антибактериски и антигабично, го спречуваат задржувањето на вода во увото. Кога ќе се создаде повеќе восок, тој излегува самиот кога ја движиме вилицата (при зборување или пак џвакање).
Со стапчињата за чистење уши практично, го туркате восокот назад во увото и така можете да предизвикате блокада на ушниот канал и слабеење на слухот. Исто така, со стапчињата можете да го оштетите тапанчето или пак да предизвикате јадеж затоа што постојаното чистење на увото ја суши кожата која потоа пука и им отвара пат на бактериите и на габите кои слободно влегуваат во телото.
Како тогаш да се чистат ушите?
Наместо во увото да туркате стапчиња кои можат да ви нанесат повеќе штета отколку корист, ушите можете да ги чистите со раствор од оцет, медицински алкохол и обична вода. Со тој раствор можете да го накапете увото, а да го чистите можете и со обичен пешкир – само надворешниот дел од ушната школка.
Ако сепак не можете да се откажете од стапчињата, користете ги што помалку и немојте да ги туркате длабоко во увото.
Извор: Убавина и здравје.мк