Во саботата,со доделување на наградите, заврши 62 „Пула филм фестивал“.
Како и што се очекуваше,апсолутен победник на годинешниот фестивал стана филмот „ЗВИЗДАН“ на режисерот Далибор Матаниќ ,кој освои дури седум награди.Имено, по освојувањето на наградата на жирито на годинешниот Кански филмски фестивал во рамките на натпреварувачката програма „Извесен поглед“(инаку втора по важност по официјалната конкуренција),ретко кој се сомневаше во тоа дека филмот нема да биде главен фаворит за главната награда во Пула. Жирито кое ги оценуваше филмовите од Хрватската програма во која беа селектирани 11 филмови ,одлучи „Големата Златна Арена“ за најдобар филм да му ја додели на филмот „ЗВИЗДАН“ на режисерот Далибор Матаниќ. Во образложението на жирито се вели дека: -Наградата му се доделува на филмот кој има способност да допре до гладачите со својата порака низ одлично артикулирана наративна структура и оригинални актерски изведби.
Освен тоа филмот освои и „Златна Арена“ за најдобра режија која му припадна на Далибор Матаниќ,„Златна Арена“ за најдобра главна женска улога за актерката Тихана Лазовиќ за улогите на Јелена/ Наташа и Марија,наградата „Златна Арена“ за споредна женска улога за Нивес Иванковиќ за ликот на Јелена, „Златна Арена“ за најдобра споредна машка улога за Дадо Чосиќ за толкувањето на ликот Саша и награда Златна Арена за најдобра костимографија.
Филмот „ Звиздан “ освен шестте Арени ја освои и наградата ОКТАВИЈАН која ја доделува Хрватското друштво на филмските критичари со просечна оценка од 4,46.
Филмот на режисерот Матаниќ претставува успешно изведен триптих кој говори за забранетата љубов.Имено, љубовни двојки од 1991,2001 и 2011 година на разни начини се оневозможувани да ја остварат својата љубов, зад што стои историјата на две соседни села-хрватско и српско,оптоварени со судири, нетрпеливост и нетолеранција. Секоја од трите приказни во филмот имаат поинакво општествено опкружување,но емоциите се исти како и желбата да се надмине националноста и да се пронајде човек и љубов…Филмот е снимен на локации во Книн и неговата околина, а главните улоги ги толкуваат Тихана Лазовиќ,Горан Марковиќ,Нивес Иванковиќ,Дадо Чосиќ, Мира Бањац и други.
„Златна арена“ за најдобра главна машка улога му припадна на Емир Хаџихафисбеговиќ за улогата во филмот на режисерот Огњен Свиличиќ „Такви се правилата “ за ликот на таткото Иво Јозиќ.Според жирито тој оваа награда ја заслужи за бриљантната извонредна и минималистичка глума со која ни ја преставува болната конфузија и импотенција на малечкиот човек во постоечкиот систем како и насилството во рамките на истото.Само да се посетиме дека Емир за истата улога беше награден на минатогодишниот Венецијански филмски фестивал како и на филмскиот фестивал во Стокхолм.
Во текот на одржувањето на 62. Пула филм фестивал беа прикажани вкупно 128 филмови прераспределени во 12 различни програми од кои дури пет беа натпреварувачки.Така, освен Хрватската програма тука беа и меѓународната програма,програмата „Соседи и пријатели“,кратка Пула и студентска програма.
Интересно е дека на годинешната Пула ,голем број на награди освоија филмови во чија продукција учествувааи српски филмски компании.Така филмот „ Ничије дете“ на режисерот и сценаристот Вук Ршумовиќ прикажан во рамките на Хрватската програма (малцинска хрватска копродукција) , освои три Златни Арени: За најдобар филм , за најдобра режија и за најдобра улога за младиот актер Денис Муриќ. Филмот „ Ничије дете“ досега има освоено 26 меѓународни филмски награди на фестивали во Европа и светот.
Во рамките на меѓународната програма во чии рамки беа прикажани 14 филмови ,за најдобар долгометражен филм беше прогласен српскиот игран филм „Покрај мене „ на режисерот Стеван
И конечно,публиката во Пулската Арена своите гласови за најдобар филм во рамките на Хрватската програма прикажани на годинешниот фестивал му ја додели на филмот „Ќе бидеме светски прваци“ на режисерот Дарко Бајиќ.Филмот кој доби просечна оценка од 4,85 ,што преставува една од највисоките оценки во историјата на фестивалот, со право ја понесе наградата „ Вратата на Пула “ . Како што е познато овој филм преставува копродукција помеѓу Србија ,Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија. Наскоро на телевизиските екрани ќе бидат прикажани 24 епизоди во вид на телевизиска серија која е реализирана паралелно со филмот.
Збор два и за уште еден филмски фестивал кој се одржуваше такаречи паралелно во Србија. Се работи за 22.издание на фестивалот на европски филм ПАЛИЌ. Овој фестивал заврши во петокот ,истотака со доделување на наградите.Организаторите на фестивалот се пофалија со податокот дека на проекциите на филмовите во Суботица и Палиќ, присуствувале околу 15000 гледачи.
Што се однесува до наградите да кажеме дека меѓународното жири наградата „Кулата на Палиќ“ за најдобра режија му ја додели на Магнус ван Хорн за филмот „ Живот после “.Наградата „ Златна кула“ за најдобар филм му припадна на исландското остварување “ Овнови“ на режисерот Гримур Хаконарсон.
За најдобар филм во селекцијата „ Паралели и судири“ е прогласен рускиот филм „Галеби“на режисерката Ела Манжејева.Жирито на оваа селекција одлучи постхумно специјално признание да му додели на актерот Ѓуза Стоиљковиќ за неговата последна улога во филмот „ Без скали“ на режисерот Марко Новаковиќ кој пак доби награда од Уметничкиот совет на фестивалот.
Како што најавуваат организаторите гостин на следниот 23 фестивал во Палиќ догодина ќе биде познатиот германски режисер Вим Вендерс.
Ѓоко Симјаноски /Публицитет.мк