Во сегашните зимски услови, кога температурите на воздухот се спуштаат десеттина степени под нулата, вработените во Националниот парк „Галичица“ вршат редовна прихрана на елените со житарки и сено со цел да се обезбеди нивниот опстанок. Од првичните триесет елени во репродуктивниот центар, стадото е зголемено за осум пати …
По шест години од отворањето на Репродуктивниот центар за европски елен во Националниот парк „Галичица“ нивната бројка од 30 е зголемена на 250. За нивниот опстанок се грижат вработените во паркот, кои без разлика на временските услови во текот на зимата ја обезбедуваат неопходната храна. Целта на проектот за враќање на европскиот елен на оваа планина беше да се надомести отсуството на стадата овци од минатото кои активно ги управуваа високопланинските пасишта.
„Јавната установа минатата година веќе ослободи 30-тина во природа. Значи ги пуштивме надвор од оградата, а оваа година повторно ќе ослободиме единки и дополнително развиваме инфраструктура за поддршка на елените кои се во дивина, односно хранилки и поила за вода, бидејќи Галичица е сушна“, изјави Андон Бојаџи од НП „Галичица“.
Се очекува елените да ги расчистат високите треви и другата дива фауна на падините на Галичица, но во исто време да бидат и атракција за туристите.
„Вработените во паркот кои се задолжени за одржување на репродуктивниот центар, елените се веќе навикнати на нив и на неколку метри доаѓаат до нив и елените не бегаат. Значи можеме да очекуваме во текот на времето елените во НП „Галичица“ да се навикнат на присуство на луѓе, така што посетителите редовно ќе можат да ги гледаат“, додава Андон Бојаџи од НП „Галичица“.
Бојаџи смета дека популацијата на елените нема да биде загрозена по напуштањето на репродуктивниот центар, бидејќи нивната бројка е веќе голема и самоодржлива.
Извор: mrt.com.mk
Новинар: Сашо Нелоски
Публицитет.мк