Како ,,Титоисти’’, здружение на почитувачи на ликот и делото на поранешниот доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито, веќе неколку месеци наназад, жестоко реагираме на отстранувањето на спомен плочата која сведочи за судењето на Лазар Колишевски, кој бил осуден на смрт, а таква казна била изречена и за Петар Пирузев Мајски, кому му било пресудено во отсуство. Кирил Главинчев, Јаким Спироски и Андон Дуков, биле осудени на повеќегодишна затворска казна.
Освен нив, биле обвинети и Петар Христов Серафимов, Димитар Трајанов Бучков, Љубен Иван Чекракчиев, Кирил Ефтимов Размов, Борис Петров Лозанов, Андон Николов Димитров, Благој Аргиров Иванов, Петар Николов Нанов, Србин (Србо) Иванов Горшев и Атанас Димков Пржинов.
Сите тие охридски и македонски воени и политички дејци од Народноослободителната Борба на македонскиот народ, на 26-ти и 27-ми ноември 1941 година, од страна на бугарскиот фашистички окупатор, бивајќи осудеи, под обвинение дека го организирале сенародното мобилизирање за ослободителна борба.
Таа плоча, со години стоеше пред некогашниот Бугарски воен суд во Охрид, а потоа и поранешен објект на сојузот на синдикатите на Македонија и е тргната пред скоро една година, со рушењето на просториите и градењето нова зграда. Сметаме дека тоа претставува највисок чин на непочитување на споменот на погореспоменатите лица, кои, своевремено, станаа бренд на македонскиот стремеж за ослободување и формирање своја држава, во виорот на Втората Светска Војна.
Иако веќе извесно време се бориме со оваа ситуација, упатувајќи молби до соодветните институции за решавање на проблемот, се уште на повидок нема потенцијални конкретни мерки…
Во таа насока, уште еднаш упатуваме апел, што поскоро да се дојде до решение, затоа што со отстранувањето на историски важните симболики и факти, само се зголемува револтот кај слободољубивиот народ, кој не може да ги избрише позитивните и мирољубивите дела на комунистичката партија за општото добро, од колективото сеќавање.
Изразуваме уверување и надеж дека инвеститорот и градежниците на новиот станбено – деловен простор кој никна на местото на старите простории на ССМ ќе наиде на разбирање и ќе го врати спомен обележјето на старата локација. Само така, ќе покажеме мудрост пред новите генерации дека го почитуваме минатото и се грижиме тие корени никогаш да не исчезнат.
За крај, од името на здружението, дозволете да ви го честитаме и празникот 4-ти јули, ден на борецот и датум кога во 1941 година Политбирото на Централниот Комитет на Комунистичката Партија на Југославија донесува одлука за кревање востание против фашистичкиот окупатор, велат од здружението „Титоисти“ .
Публицитет.мк