Специјално од Нишвил:
Валентина Ѓоргиевска Парго
13 август 2026 година
Српскиот град Ниш, од 13 до 16 август 2026 година, е домаќин на 32. издание на Меѓународниот Нишвил џез фестивал, кој традиционално се одржува во магичниот амбиент на Нишката тврдина.
И оваа година фестивалот нуди богата програма со врвни домашни и светски уметници, и настапи на бројни џез, блуз, ворлд и кросовер состави.
Иако речиси цела недела во тек се разни програми, официјалното отворање ќе биде вечерва.
Во рамките на придружната програма веќе се одржаа изложби, филмски проекции, работилници, промоции на книги, џез-форум, ноќни џем сешн и бројни улични настапи, претворајќи го целиот град во вистински фестивалски центар и еден голем и распространет фестивалски град, а главната програма е закажана на централната сцена.
Вечерва, четврток настапува Ива Барчиќ бенд (познат по спој на балканска традиција, ромска музика и џез), Микан Златковиќ бенд, Сточело Росенберг и Јанис Констанс трио, Влатко Стефановски трио и Инкогнито. Ноќта ќе ја затвори електричната група Кал со специјална гостинка, пејачка Зејна.
Утревечер на програма се младиот полски состав Паблик ланч. Следуваат Barney Esville & Barks, првиот бугарски состав на интернационалната листа од топ 40 земји. Потоа La Orquesta de Antes од Аргентина, Paquito D’Rivera Trio и популарните Бони Ем. Ноќта ќе ја затвори Del Arno band, кој одбележува четири децении постоење.
Во сабота, на 15 август настапува чешкиот состав Deaf Platypus, потоа Bend-it! Orchestra од Словенија, а како главни на вечерта ќе настапат Afro Gitano, Kyoto Jazz Massive и The Amy Winehouse Band. Затворањето на оваа ноќ ќе им припадне на луксембуршките музичари Dock in Absolute, со гостин хип хоп уметникот Maz Universe.
Недела, 16 август, е последната вечер и таа е посветена на нишката рок сцена со настапи на групите Далтони, Галија, Лавина и Бохемија.
Покрај главната музичка програма, посетителите сиве денови можеа и можат да уживаат и во Нишвил џез театар, Нишвил филмски самит, изложби, работилници, промоции на книги, улични концерти, програми за млади музичари, но и сцена џез за деца, каде утре учество ќе земе и македонскиот џезер Сашо Поповски заедно со младиот Теодосиј Поповски.
Нишвил останува верен на својата препознатлива мисија – да ги поврзе џезот, светската музика и различните култури, претворајќи го Ниш во едно од најважните музички собиралишта во Југоисточна Европа.
Одамна е веќе изграден како еден од најважните културни настани во Југоисточна Европа, а 2016 година му се случи значајна пресвртница, бидејќи фестивалот беше високо оценет од британскиот весник The Guardian, кој го вброи меѓу најдобрите европски џез фестивали.
Токму тоа признание дополнително ја зацврсти неговата репутација како еден од најважните музички настани на Балканот и му донесе уште поголем меѓународен углед.
Препознатлив како еден од најзначајните џез фестивали на Балканот кој редовно привлекува врвни светски уметници, Нишвил е познат и по многу пријателската атмосфера и блискиот контакт меѓу музичарите и публиката, а присутни се новинари од повеќе земји.
Публицитет.мк








