Утре, 17 јануари – сабота, точно напладне од 12 часот во Куќата на Христо Узунов во Охрид ќе биде промовирано најновото дело на д-р Томислав Тунтев „Охрид – љуѓе и марифети“
-И ова ново дело на Томислав Тунтев е силно сведоштво за таквите вистини – од неговите страници извира сакрален одблесок за светиот град, гори жив огон кој тлеел со векови наназад и блика стар порив што одѕвонува низ времето, стои во рецензијата напишана од неодамна починатиот хроничар на Охрид, новинарот и публицист Владо Жура и се додава:
– Ова дело претставува недвојбен показ за една нескротлива енергија, голема ерудиција и над сè неизмерна љубов на авторот кон нашиот старозамански град. Сето тоа е преточено во едно прекрасно искрено писание, кое никого нема да го остави рамнодушен. Преку книгата, авторот успеал да ја оствари својата огромна желба – да си ја отвори душата и да ја сплоти со староградскиот вечен дух, што пулсира низ нашите дамари заедно со отчукувањата на илјадниците охридски срца, во Охрид и насекаде по светот. И не само охридските.
… Тунтев вложил искрен напор и елоквентно знаење, со една доследна лична и генетски предодредена духовна посветеност кон мајчиниот охридско-варошки јазички дијалект, кон богатата народна традиција и префинетата староградска култура – да ја расветли, протолкува и разоткрие душата на неговиот и нашиот уникатен неприкосновен град, проткаена во постојаниот исконски баланс меѓу небото, земјата, водата и охриѓани, запишал Жура.
Првиве три страници се единствените страници во книгата што се напишани на македонски литературен јазик. Сè што понатаму ќе прочитате е напишано на говор од западното наречје на македонскиот јазик, на охридски дијалект. Да бидам попрецизен, тоа е говор што се употребува во стариот дел од Охрид, Варош, каде што е родена и каде што растела мајка ми, вели во предговорот на својата книга д-р Тунтев и додава:
Тоа е мојот мајчин јазик.Тоа е јазикот на кој говореле многу генерации со векови наназад. Тоа е јазикот што е врежан во колективната меморија на голем број охриѓани и охридски семејства низ историјата на нашиот старозамански град. Тоа е јазикот што ги преживеал сите ропства, атаци, асимилации и небиднини што го снашле Охрид и охриѓани во илјадалетното минато. Тоа е јазикот што од искона се пренесува од колено на колено, со многу напишани дела, со многу искажани мисли и со многу испеани песни.

Тоа е јазикот што денес сè помалку се говори и сè побрзо се заборава. Тоа е јазикот што не се изучува во ниту една образовна или научна институција. Тоа е јазикот што содржи многу архаични зборови што сме престанале да ги употребуваме и на кои ни текнува дури откако некаде ќе ги слушнеме или прочитаме. Тоа е јазикот што полека ја губи битката со мноштвото странски и новосоздадени зборови и поими, што сè повеќе го окупираат нашето секојдневие. Тоа е јазикот што, ако не го негуваме, набрзо ќе изумре, ќе го снема.
А тоа, нели, не смееме никако да го дозволиме, вели во предговорот на книгата авторот Тунтев.
Д-р Томислав Тунтев е автор на две монографии, десеттина учебници и стручни прирачници и трудови од областа на воздухопловството, автор е на романот „Светиот завет“)
Своевремено на промоцијата рецензентите на романот, Владо Жура, Милчо Јованоски, Стојан Савески и Горан Михајловски во своите излагања имаа еден заеднички именител, а тоа е дека секој охриѓанец мора да го прочита и препрочита „Светиот завет“ од Томислав Тунтев бидејќи ова дело е како библија за Охрид.
Публицитет.мк








