
Драган Миладиновски од Велес, по вокација актер, а цел работен век посветен на општествените дејности, пред се’ во културата. Сега пензионер, кој активно го поминува времето и животот како во најактивниот период од животот.
-Всушност, јас никогаш не сум престанал со своите ангажмани. Целиот работен век го поминав на организирање на општествениот, информативниот и културниот живот во мојот град Велес. Во седумдесетите години од минатиот век бев активно вклучен во работата на Младинското драмско студио во Велес каде остварив неколку главни рољи за што добив награда од КПЗ на Македонија. Како ангажиран млад човек застанав на чело на тогашната Општинска конференција на младите во Велес каде бев нејзин претседател 4 години. Бидејќи во Велес во тоа време немаше професионална театарска куќа, а јас веќе запливав во брачните води, по дипломирањето на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, се определив за општествено ангажирање. Така, бев избран за секретар на ОК на Социјалистичкиот сојуз, за по 2 години да бидам избран за нејзин претседател. На таа функција имав можност да се запознаам и ангажирам на решавањето на најнепосредните проблеми и интереси на граѓаните на Велес и тогашната општина. 1986 година бев избран за потпретседател на тогашниот Извршен совет на Општината Велес со задолжение да ги раководам општествените дејности. Во тоа време се донесе одлуката за професионализација на Градскиот театар Јордан Џинот. Во периодот од 1995 год. до 2012 год бев вработен во Радио Велес каде бев директор, главен и одговорен уредник 12 години. Во рамките на ЗЈЛРДП во два мандати ја водев Програмската комисија. Во меѓувреме бев активно посветен на културното живеење во Велес, па така бев на чело на Детските Рацинови средби цели 12 години, 4 год. директор на Установата Рацинови средби и во два наврати на чело на Фестивалот на античка драма Стоби, претседател на КПЗ, на чело на Градскоот хор, организатор на многу културни настани кои нема смисла да ги набројувам. Како актер имам остварено неколку театарски и филмски улоги. Работниот век го завршив како директор на Институтот за култура и уметност на Меународниот славјански универзитет во Свети Николе и Битола. Големо хоби ми се фотографијата и планинарењето, а последните десетина години многу мајсторски вештини. Себеси се сметам за скромен човек кој работниот век го посветил на општественото, културното и информативното живеење на Велес и пошироко. Научив дека кога многу работиш, имаш потреба уште повеќе да работиш. Родендените секогаш ги одбележувам во кругот на семејството.
Публицитет.мк







