• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
сабота, септември 19, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Омнубус

СТОЈАН АРСИЌ: Мојата “Лавица” се бори во Москва, а среќата ја пронаоѓа во Охрид!

февруари 21, 2026
in Омнубус
СТОЈАН АРСИЌ: Мојата “Лавица” се бори во Москва, а среќата ја пронаоѓа во Охрид!

Стојан Арсиќ, роден во село Жбевац, Јужна Србија е самоук бравар, кој завршува вечерни училишта и факултет. Пишува поезија, проза, афоризми, есеи, текстови за народна, забавна и детска музика. Ги има објавено во следните збирки поезија „Графити, испишани по душата“, „Песни за возрасни“, „Топлината на осојот“, „Песни“, „Шарени ноти“ (детска стихозбирка), „Јужни ветрови“ (стихозбирка на српски јазик), „Врање у срцу“, напишана на врањски дијалект, „Крстопат на умот“, „Ноќни акорди“ (збирка поезија на бугарски јазик, „Раскрилени пораки“ (детска стихозбирка), „Дете има право“ (детска стихозбирка на српски јазик), „Рингишпил“ (детска стихозбирка), „Кад се огниште угаси“ (песни напишани на врањански дијалект), „Во чекор со младоста“, „Ќорсокак“ (песни), „Недоквачени мисли“ (афоризми), и романите „Последната алка“, „Грст љубов“ и „Лавица“. Вкупно, деветнаесет.

*Неодамна излезе романот „Лавица“, со сигурност едно од најдобрите дела на македонската литература во поново време. Како се роди толку силен наслов, на кој понатаму се надоврзува и самата содржина и суштина.

– Романот „Лавица“ изникна како едно природно продолжение на мојот роман „Грст љубов“, вистинска приказна на една пријателка, која во мигови на емоционален излив, некаде околу 30- тина денови ми ја раскажуваше својата животна судбина на телефон. Судбина која на некој начин ме заинтригира и ми остави еден посебен впечаток, бидејќи целата беше испреплетена како пајажина со настани и личности. И така, кога го завршив романот „Грст љубов“, чинам не се доискажав. Тоа доискажување го направив во новиот роман „Лавица“, каде лавицата Вања во овој роман, вистински ја искажа својата сила. Жена која по секоја цена настојуваше да се избори пред сѐ прво со својата животна судбина, па потоа да се бори за судбината на своето семејство, на својот сопруг, за своите деца и дури повеќе од лавица. Романот претставува една приказна која се одвива на релација Охрид и Москва, или поточно Подмосковие, бидејќи најголем дел од настаните се случува на околу 80 км од Москва.

* Каков прототип е таа? Во книгата ѝ давате збор на женската болка и животна судбина и веќе велите дека не е само плод на писателска фикција и имагинација…

– Лавицата се бори со традиционалните патријархарни вредности, со лојалноста кон општеството, чесноста и меѓучовечкото помагање. Сето тоа настојуваше да се избори токму во времето на еден транзитен период во кој и самата мораше да се соочи со тешкотии. Во романот се испреплетени неколку семејства, поточно тоа се судбините на семејството Фјодорови, од коешто Сергеј е сопруг на Вања, кое живее во близината на Москва. Потоа во романот се споменува второ семејство, Пушкареви, чија судбина најдобро ја имав опишано во претходниот роман. Главната личност од семејството Пушкареви, кој заради алчноста и себебендисувањето одлежа 12 години во затвор и токму во затворот го доживеа своето прочистување, за да подоцна стане дародавник и вистински самарјанин кој по секоја цена настојуваше прво да го открие остатокот од своето семејство кое му се распадна, за потоа да ги состави нишките, да ги дознае неговите корени и токму во таа потрага тој ќе ја најде алката која ќе го зближи со претходното семејство, во кое Вања има внука од неговиот син. Тука се испреплетуваат и Николаеви, од каде што потекнува Вања, кое е старо руско семејство со традиција, населено во Охрид, во периодот по Октомврската револуција.

*Зарем серо ова е вистинска приказна? 

– Па, вистинска приказна, но во секој случај има и авторски додавања за да приказната си ја добие вистинската слика. Инаку, што се однесува до настаните кои се случуваат, бидејќи се четири приказни, на почетокот можеби кај читателот ќе создадат мала конфузија, но многу бргу сите тие како разделени потоци ќе се слеат во една река и на крајот ќе истечат како една самостојна целина. Токму таа борба што ја водат јунаците во романот, ќе биде она што го чини заплетот, а потоа и неговото отплеткување, за да на крајот доброто да го победи злото, преку победата на лавицата која се бори со сите хиени околу неа. На почетокот таа се бори прво со самата себе, за да го изведе на пат својот сопруг кој со неговата душевна неравнотежа потона во психијатриски мрежи, но сепак на крајот и покрај големите тешкотии со нејзина помош ќе успее да го совлада проблемот. Но, посебна трагика на романот е живењето и, на некој начин невино осудената, Вања. Заради една случка, таа мора да лежи во еден од најсуровите руски затвори, и токму таму ја доживува својата голгота, но нејзината животна желба за да истрае до крај, посебно ќе го краси крајот на романот.

 * Значи ќе успее да се спаси и себе си и го спаси сопругот?

– Откако ќе го извлече својот сопруг од канџите на пороците кои го обвиткуваат, таа ќе почне да ги бара своите синови. Но, барањето на синовите во големата Русија не е така едноставно, и таа борба продолжува до степен, каде што сепак со помош на неколку незини роднини, во Сочи, поточно на Црноморскиот брег, таа ќе ги најде своите деца, посвоени од едно семејство, кое ќе има разбирање дека децата сепак мора да се вратат во рамките на вистинското семејство. И, подоцна приказната продолжува во Охрид, каде што ќерката на Вања од првиот брак, која во меѓувреме се запознава со еден врвен руски музичар, ќе прави свадба во Охрид, а потоа тие ќе продолжат да живеат во Москва, а Вања, половина од годината, ќе поминува таму, а половина во летниот период во Охрид, и така приказната го доживува својот хепиенд.

*Дали во реалност се случи хепиенд? 

-Да, и во реалност, да. 

*Сличен или? 

– Па добро, писателот го има дијапазонот да може да оди лево – десно, да на некој начин го филува самиот роман, за да добие уметничка вредност.

*Ова е многу интересна и комплексна приказна. Како успеавте да го раскажете запишувајќи само во тефтер, без можност за интервенција. Мислата Ви течеше и фактички Вие ја изрецитиравте, запишувајќи ја со пенкало на листови хартија. Тоа е одлика на генијалци …

– Еве, веднаш ќе ви кажам, затоа што сум и поет, прво поет, па потоа сѐ друго. Пишување на романот е далеку – далеку помачна работа, работа која бара пред сѐ многу време, и поврзувањето на сите тие настани и личности, бидејќи во романот се преплетуваат повеќе од 27 ликови, и сите тие ликови требаше вистински да ги насликам. Тежина беше и тоа да се вклопат, можеби банално за размислување, но требаше да се поклопи временскиот период на настаните во Македонија, со временскиот период во Русија. Така што, имаше многу ситни нешта кои беа неопходни. На пример, долго време во пишувањето на романот, кој го пишував цели 4, 5 години, истражував сѐ она што беше битно за содржината. Во некои секвенци ја проучував и старата руска митологија, односно митологијата како научна дисциплина, и сите тие елементи беа вклопени во самиот роман. 

*Вашата нарација е постигната со моќен јазик. Ако се оди во насока во која расте љубопитност на читателот, овде тензијата цело време се згуснува, но очигледно е дека читателот не го штедите од ментална болка и ги истражувате неговите граници. Ама и точно знаете до каде можете да одите со нешто што би предизвикало страдање. Како го поставивте тој баланс кој е многу тежок, бидејќи реков болката е многу голема, емпатичноста, исто дека ќе се пробуди, ама мора да се направи рамнотежа, за да може да влезе во свеста на читателот.

*Страдањето во романот е една нишка која постојано се провлекува, меѓутоа, за да се избегне тоа страдање, или за да му парира на тоа страдање, се јавува храброста. Е токму таа храброст се јавува кај лавицата. Нејзината истрајност, нејзиното човекољубие, емпатија и сето тоа врзано за една личност, која ретко може да се избори со сите тие проблеми кои постојат на патот. 

*Отворате болна тема што ги анализира проблемите на животот во современото општество, и некои традиционални работи кои се провлекуваат без оглед во која епоха и на која територија се живее. Од каде сето тоа искуство? Читате ли доста, анализирате,  или инстинктивно Ви доаѓаше така да се поставите како писател?

– Мислам дека тоа е инстинктот, нешто што писателот го носи самиот во себе. Како луѓе се раѓаме со некои предиспозиции. Меѓутоа, големината на човековата личност е тие свои предиспозиции да ги согледа, или да дозволи другите да ги согледаат, па да му сугерираат. И на крајот сето тоа ако успее да го исканализира, едноставно успехот доаѓа сам по себе.

*Што најмногу влијаше во креативниот сензибилитет во овој роман? Дали можеби Вашата потрага да се открие она психолошкото што би можело да го дразни читателот?

– Хаа. Секако кога се зборува за психолошкиот момент во самиот роман, заборавив да истакнам, бидејќи Вања е по професија доктор по психологија која дипломирала на Ломоносовиот универзитет, така што таа, прочувајќи ја психичката болест кај својот сопруг, во еден момент се почувствува немоќна, бидеќи покрај тоа што беше врвен научник на полето на психијатријата, таа во почетокот не успеваше да се избори со неговата болест. Меѓутоа, како времето одминуваше, таа ги откриваше тајните кои беа скриени во рамките на семејството, бидејќи кај Фјодорови тајните беа стари и повеќе од 300 години и влечеа корени од царска Русија. Почнувајќи од тие психички болести, почнувајќи од ситната анксиозност за да заврши до тешка шизофренија, која на некој начин доведе до самоубиството на неговата мајка, до убиството на неговата сестра, за која беше невино обвинета самата Вања. 

*Ово е класичен роман, кој потсетува на раскажувањата, на пример, на еден Толстој, нешто што изумре на почетокот на овој милениум. Меѓутоа нѐ враќа во надеж дека сепак писателите кои умеат да освојат и без она трендовско пишување, сѐ уште постојат. Дали тоа значи дека Вашата читателска основа, била посветена на класиците, зашто, од некаде мора да се земе насоката…

– Знаете, предизвик е да се напише квалитетен роман. Поедноставно е во романот ако имаш пет личности или четири личности линеарно да ги истераш до крај. Најголемиот предизвик е сепак кога имаш, како во мојот роман 27 ликови, да не го зборуваме Толстој кој во „Војна и мир“ има преку стотина, но сепак опишувањето на ликовите е мајсторијата на писателот. Бидејќи секој лик си има свои специфичности. Отсликувањето на тие ликови е оној маневар, кој треба на читателот да му го наслика онаков каков што е ликот. Токму големите класици, во секој случај руските класици, мене ми оставиле голем впечаток, бидејќи во нив се оди во една голема длабочина во опишувањето. Почнувајќи, на пример, од “Ана Каренина”, каде ја опишува психолошката страна на јунаците, тоа е мајсторијата на самиот писател. 

*Бидејќи Вашите романи се надоврзуваат еден на друг и веќе Ве препознаваат како квалитетен писател, веројатно затоа и рекордно брзо се продаде „Лавица“ , јас на промоција немам видено толку брзо распродавање за наши услови. Омилен, сте кај својата верна читателска публика.

– Знаете, омилен. Кога станува збор за читателите, искрено ќе кажам… Нашата читателска публика во однос на поезијата и романот е еден спрема 50. Тоа значи дека во библиотека ќе излезат 50 романи, но само една книга со поезија. И токму заради тоа е големата тежина во пишувањето на самите романи.

* Е сега тука би Ве прашала што може Вас да Ве инспирира како автор бидејќи имаме теми, теми, теми, несопирливо многу, за Вие да седнете и да напишете роман. Роман се пишува еднаш за сите времиња и мора  нешто многу да Ве допре од личен аспект, за да се нафатите.

– Знаете, за да напишеш песна е момент на инспирација. Во дадениот момент ја пишуваш песната и завршува „филмот“. Меѓутоа, за романот, ако сакаме да биде квалитетен, треба да има и истражување. Бидејќи, освен ако не е апстрактен па измислуваме и простори и личности, ако се пишува автентичен роман за некој автентичен простор, мора да истражуваш. Јас во романот, на пример, ја истражував Москва, буквално, како да сум бил таму. Среќа што сега имаме начини како можеме ние тоа бргу да го истражиме, порано беше многу потешко, мораше многу повеќе да се чита дополнителна литература, сега со електроникава оди далеко побрзо. И сето тоа јасно кажува дека истражувањата се многу битни. Затоа, романот и бара многу простор. Не можеш ти во романот да импровизираш, конкретно, на пример, ако сервираш на масата одредени јадања или одредени пиења, ти мораш да ги истражиш вината, ако сакаш да му доловиш на читателот што е сервирано на масата. Дали ме разбирате? Едноставно, тоа се истражувања од сите сфери. На пример, истражувања на градот, на просторот, на храната, на сѐ она, за да читателот има автентична слика за она што го чита. 

*Сега, ова е сосема интимно прашање. Дали постои креативна рана? Рана, внатре во писателот, која го тера да ја претвора во негова движечка сила. И, всушност, што ја создава таа рана? Бидејќи, секако, сте ја (о)пишувале за да ја прочитаат луѓе. Инако би останала во компјутер, односно во тефтер. Значи, постои ли рана како рана, не само како идеја? 

– Знаете, на некои прашања нема лесни одговори. Конкретно и на ова. Раната можеме да ја третираме како болка која може да биде помалку болна и повеќе болна. Токму, третирањето на потешките рани дава една слика на поголема истрајност на оној кој настојува да ја залечи таа рана. Бидејќи лесните рани лесно можеме да ги залечиме, но тешките рани во секој случај бараат не само твоја желба туку и желба на оние кои би требало да ти помогнат во дадениот миг. Е токму во романот, ранетите се тие кои на почетокот се оставени сами на себе да се борат, но подоцна, подоцна истите тие ја добиваат помошта од страна, за да таа рана успешно залечи. 

*Јас лично мислам дека „Лавица“ заслужува филм …

– Не се сеќавам на човекот… „Последната алка“ дојде во рацете на еден читател, кој работеше во телевизијата, и вели: „Ова е врвно дело…сценариото е веќе напишано, само да се екранизира или да се направи во филм“. Меѓутоа веднаш ќе кажам, кај нас таа бранша е речиси на маргините и многу врвни дела едноставно не можат да дојдат не само да дојде до читателите, туку и да дојдат до гледачите. Најголема желба на писателот е неговото сценарио да биде преточено во филм, меѓутоа кај нас, за жал, прво немаме луѓе кои можат да се нафатат на такво нешто, а пак финансиите се нешто посредно. 

*Вие сте и мајстор за рецитирање наизуст и за интерпретирање на шеги и во живо. Но, тие стихозбирки се исто така сензуални, во некој дел опишувате емоции, опишувате чувства, најмногу на релација маж и жена и секоја песна е мошне интересна и засебна. Песните, како тематика, не се повторуваат …

– Кога станува збор за поезијата тоа е нешто што мислам го носам од своето раѓање, бидејќи со 16 години ми беше објавена првата песна во „Политикин забавник“, а подоцна пишував цело време, меѓутоа обично тоа го кажувам на помладите писатели, никогаш не го уништувајте тоа што еднаш во животот сте го напишале. Е токму тој момент кај мене беше најважен, што ги сочував сите моите песни, од првата па сѐ до последната. Но веднаш ќе кажам, некој пат во животот треба да ги сретнете вистинските луѓе. Бидејќи, ти можеш да имаш големи квалитети, но ако не го сретнеш вистинскиот човек кој ти ќе ти каже дека тие се квалитети, едноставно тоа може да остане во заборав. И често зборувам, кога станува збор за пишувањето, тоа што треба ќе го напише поетот, треба да биде кажано и прочитано и слушнато од други уши. Другите уши ќе го дадат судот за квалитетот. Меѓутоа, никој пат да не биде затворено. Многу писатели кои добро пишуваат не ги објавиле своите дела од некој комплекс на пониска вредност. И тие, своите прекрасни дела ги чуваат затворени во кафез. Не дозволуваат на поезијата да полета. Не ѝ дозволуваат да биде слушната од други уши. И токму, тие на некој начин остануваат незабележени. Кај мене не беше тоа случај. Уште многу рано имав луѓе кои беа врвни писатели околу мене и кои ми советуваа како и на кој начин, полесно и поквалитетно да се пишува. Јас ги послушав тие совети но, сепак, одев и со нешто свое. И мојата поезија на пример е реална поезија. Јас кога го опишувам, го опишувам ликот во реална состојба. И сите мои песни се приказни сами за себе. Песната е приказна. Кој ќе ги прочита моите песни, како да раскажувам приказни. Исто така, на пример, се пробав и настојувам со секоја нова збирка не да биде копија на претходната. Така создадов поезија и на врањански дијалект, ѝ се оддолжив на мајка ми која потекнува од тој крај. Четиристотини песни ги сместив во две книги во „Врање у срцу“ и „Кад се огниште угаси“ напишани на врањски дијалект, кој е многу специфичен и пошироко сум познат токму по таа поезија. Се пробав и во детската поезија. Шест книги напишав за деца. Некои од тие песнички влегоа во учебниците по македонски јазик. Се пробав и во приказни. Пишував кратки приказни, и тие влегоа во учебници. Една зима немав премногу работа и напишав афоризми, „Недоквачени мисли“. Сето тоа во животот мој, пишувањето е предизвик. И не треба да се задржиш само на една област. Пред да почнам да пишувам романи, ме советуваше еден мој пријател, вели: „Почни малку, посериозно, во надводници, да пишуваш романи“. Му реков, „Јас не сум пливал во тие води“. „Меѓутоа, треба да пробаш. А другите, ќе го кажат својот суд“. И навистина, по излегувањето на првиот роман добив феноменални критики. Беше меѓу трите најчитани романи во Македонија, барем според она што ми го кажаа од библиотеките. Без никаква реклама.

*Историчар, а пишува белетристика. И притоа, без делата да бидат оптоварени со историја. Интересно.

– Е тука е мојот парадокс, ако може така да кажам, сите кога ќе читаат поезија, проза било што мое, сите мислат дека сум професор по македонски јазик, а не историчар (пензиониран професор по историја). Историјата за жал не може премногу да се вметне во поезијата. Во романите може, но во поезијата многу помалку. Може, во онаа родољубива поезија. И сето тоа ми дава простор, голем маневр за да можам да одам лево – десно. Но, историјата, како наука, ја сакам многу, таа е мојот животен избор.

*Во училиште бевте наставно лице, кое што многу успешно ја вршеше својата работа. Меѓутоа таму, бидејќи сте дел од систем, сосема нормално сте лишени од креативна слобода. Е сега, за писателот велиме е автономен, слободен и независен. Но, дали е тоа така и во овие услови во кои живееме денес, во кои велиме – има слобода, а велиме, има и цензура и авто- цензура.

– Креативноста може да се примени во сите сфери на животот. Тоа е умешност на личноста. Во образованието се најдов самиот себе си и велам дека илјада занимања да ми понудеа во животот и да ми понудат во некој друг живот, сепак би го одбрал образованието. Бидејќи таму со децата се наоѓам себе си. И благодарение на нив црпев голема инспирација за сето оно што го создавав понатаму. Во образованието постигнав високи резултати. Бев прогласен за „Учител на годината“ на цела Македонија, некаде отприлика 2006 година. Во Македонија еден период недостасуваа учебници за настава во природа. А бидејќи често одевме со деца на летување, зимување, посебно во ресенскиот крај, во Претор, гледајќи го животот во кампот каде што се сместени децата во одморалиштето, дојдов до идеја да напишам учебник за настава во природа. Така се роди тој учебник и беше многу добро прифатен од страна на моите колеги, посебно оние кои милуваа природа. Беше голем предизвик, да се напише на учебник на 240 страници. Истиот беше промовиран во Ресен, каде како гостин дојде познатиот ресенченец, политичарот Димитар Бузлевски.

*Како изгледа денес македонската книжевна сцена, во која што има официјални (во наводници) писатели, и пишувачи кои си пишуваат многу активно. Вие често знаете за писателите да речете- никој не е толку голем колку што мисли дека е голем, ниту па толку мал, колку што мисли дека е мал. Што му е потребно на еден писател да е навистина голем?

– На еден писател да е навистина голем, треба таа големина да биде потврдена од независни читатели. Едноставно, не си голем, ако оној што другарува секој ден ти каже „Навистина си голем писател“. Тој епитет треба да го заслужиш од луѓе кои воопшто не те познаваат. Јас само еден пример ќе кажам. Кога ја објавив првата книга роман „Последната алка“ го испратив во Словенија на една читателка кој е професорка по македонски јазик. Кога ја заврши со читањето, ми вели: „Пушти ме да излезам од романот седум дена“. По седум ден напиша невидено добра рецензија за квалитетот на романот. Истиот го пратив на неколку еминентни, за мене непознати личности. Во Битола го пратив романот на едно видување. Исто и од таму добив позитивна критика, бидејќи таа беше и критичарка по професија. Пет луѓе го скенираа романот и сите дадоа позитивни коментари. Е тоа ми е целта. Сакам да кажам дека за себе никој пат немој да кажеш дека си врвен, затоа што едноставно фалењето може да биде ‘рѓа, но веднаш да кажам дека сепак на овие простори се изродија и квази писатели кои се далеку од она што е писателска норма. Но, во секој случај тоа е нечија сатисфакција, да рече, „Еве и јас оставив одреден белег“, и тоа го прифаќам како реалност. 

*Вие имате повеќе хобија, нон – стоп сте посветен на креативност и на создавање. И сега, по еден ваков возбудлив обемен роман и секако низа стихозбирки од најхумористични до најсериозни, што следува? Голема пауза, одење на одмор,  покрај море, во бања или повторност со својот тефтер?

– Пред сѐ да кажам за мојата втората голема љубов, тоа е изработката на минијатурите црквички. Не мора да се фалам, но што го слушам е дека сум во врвот на тој вид на уметност. Дворот, во 2016 година ми го прогласија за најубав двор во Скопје, најубаво уреден двор. Дворот ми е буквално музеј, бидејќи во него има десеттина црквички, почнувајќи од Плаошник, изработено сѐ во оригинал, со оригинален материјал, па Свети Јован Канео, потоа има стара градска куќа, стара охридска куќа, стара крушевска куќа, неколку мали црквички. Од минијатурни до поголеми околу две метри висина, и тешки над 700 килограми. На пример Плаошник е сѐ од камен изграден и има речиси еден тон и повеќе. Зимно време пишував во најголем дел од времето, а летно време се бавев со тој вид уметност, која бескрајно ме исполнува и психички ме смирува. Така што, секој човек треба да се го најде своето хоби, својата дарба, за да едноставно остави нешто зад себе. 

*Пишување рачно во тефтер е навистина храбро и чудно. Постои ли некој личен ритуал кој го правите пред да почнете некое дело? Можеби барање помош од Космосот да помогне тоа да се изреализира како што треба. Не е лесно, не е компјутер, ќе избришеме, ќе го ставиме овој пасус погоре – подолу. Сепак, со тефтер треба да се спроведе преку Вас нешто што е дестилирано, прочистено.  

– Покрај тоа што треба да зборуваш добро, јас сум и извонреден слушател. И во животот настојувам да ги ислушам како слушател човечките судбини и сите тие судбини да ги насликам со својот „штафелај“, да ги насликам со мојата боја, меѓутоа да не отстапуваат од она што значи оригинално. А дали ѕвездите ми помагаат? Не знам, веројатно нешто има. Дарбата велат е од Бога, а секако Божјата едноставно дарба треба да му се врати на Бога за да истата ја види.

*Која е Вашата порака на младите писатели, доколку еден млад писател реши да стане тоа, затоа што пишувањето е фактички пренесување пораки и пророштва во многу ситуации…

-Знаете, за да се пишува, прво, тој што пишува треба да има неверојатно широк вокабулар на зборови, на мисли, секако треба да има голема начитаност, бидејќи богатството на зборови е многу битно во пишување, инаку самата книгаќе изгледа празно, ако речникот на самиот писател не е на висина. А што се однесува до младите писатели, прво треба да не се впуштат веднаш во пливање водлабока вода. Може да се загубат во тој простор. Затоа, велам, да почнат со кратки приказни кои можат да созреат во нешто посериозно како што е роман. Има и големи таленти кои уште од помлади нозе можат да напишат врдно дело. Меѓутоа, тие се сосема ретки, затоа на оние другите им препорачувам да одат етапно, скалило по скалило, за да се стигне до височините горе. За да не се разочараат и едноставно да речат- не ме бидува!

*Последното прашање за оваа интервју, заедно со оросеното чело од напор при одговарање. Меѓутоа, знам дека сега малку и ќе Ви се интензивира таа пот, зашто сакам навистина искрено да ми одговарите. Рековме кој е голем писател, рековме кој е почетник, рековме кој е успешен и како да се дојде до тоа и сето тоа, меѓутоа, јас барам од вас искрен одговор- дали Вие се сметате за човек- генијалец?

– Неее, далеко од тоа. Далеко од тоа со лажна скромност дека сепак, генијалност е двоен дар од Бога. Бидејќи, Бог ни дава ум. Меѓутоа, генијалноста е на некој начин осредоточена кај оние кои се далеку од нормалноста. 

*Вие мислите дека сте автор со нормална доза?

– Па, добро можеби има едно лажиче малку повеќе, ако можам така да кажам…

Валентина Ѓоргиевска Парго 

Публицитет.мк

Посетеност: 1.165
Share
Previous Post

Во „БИОМЕД ЛАБ“ се врши детекција на Zollinger–Ellison-ов синдром – ретко, но сериозно дигестивно генетско нарушување.

Next Post

„Охрид – љуѓе и марифети“ од Томислав Тунтев: МАРИФЕТИ

Next Post
„Охрид – љуѓе и марифети“ од Томислав Тунтев: МАРИФЕТИ

„Охрид – љуѓе и марифети“ од Томислав Тунтев: МАРИФЕТИ

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 1.165

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk